За минатото сме сигурни, сегашноста ни е мистерија

by fokus

Се вели дека секој успех има многу родители (оти секој сака да го прикаже успехот како свое чедо т.е. дело) но секој неуспех е сираче – оти никој не сака да го признае за свој, секој се дистанцира од него.

Славните ликови и периоди од историјата, како и артефактите поврзани со нив се токму како успесите – секој денешен народ, секоја денешна култура, сака да ги прикаже како нејзини, и ако е можно, само нејзини!

За античката историја ние го имаме проблемот со Грција која упорно се обидува да го монополизира тој дел од минатото, а за средниот век сличен проблем имаме со Бугарија со нејзината теза за „Охрид како бугарски Ерусалим“.  И обратно, во последниве години пак, кај приврзаниците на власта има јасно изразена тенденција сѐ што е добро во историјата на Балканот, на Европа, па и на светот да се присвојува како дел од македонската култура, традиција, цивилизација, па и биологија – сетете се само на молитвата во која Македоноидите беа наведени како предци на целото човештво!

Е ама, ако за минатото сме апсолутно сигурни чие е и чие не е – затоа што е славно и секој би сакал да е негово – за сегашноста, која е за никаде , никој не сака да преземе одговорност!

Од ВМРО-ДПМНЕ, партија која е на власт во 11 од последниве 15 години апсолутно не сакаат да признаат дека тие со нивните политики имаат било каква вина за катастрофалната состојба во која се наоѓа Македонија. Арно ама, ако им се верува на нејзините пропагандисти, за сѐ што е добро во нашата понова историја, од АСНОМските државотворци (Ченто бил вмровец без да знае!) преку борбата против комунизмот (сите што завршиле на Голи Оток биле вмровци, дури и оние што таму се нашле поради тоа што биле за Сталин, а не за Тито) па сѐ до независноста – е дело на ВМРО и само на ВМРО!

Во последниве денови пак, иако на постамент од објект кој е дел од проектот „Скопје 2014“ се појави споменик на цар Душан, никој од власта не знае ништо за тоа кој го нарачал, кој го изработил, кој го платил и кој го поставил споменикот на постаментот. А ако не е тој постамент за цар Душан предвиден – за кого е? Чија статуа е планирано да стои на тоа место, ако не на цар Душан?

Ако некој предвидел при градењето на мостот постамент – значи дека некој предвидел тука нечија статуа. Чија? Ако не на овој што е сега, зарем не треба токму власта да го урне за да го постави оној што оригинално предвиден?

Неуспехот, срамотата, бруката, поразот, секогаш се сирачиња оти никој не ги признава за свои чеда. И обратно – штом нешто никој не го признава за свое, очигледно го смета за нешто срамно.  Кутар цар Душан што доживеа, од владетел на пола Балкан, до сираче вмровско!

Поврзани новости