Германски комичар на шега се кандираше, ама навистина стана евро-пратеник!

by fokus

Додека Европа е сѐ уште во шок од тоа колку екстремистички, неонацистички и крајно леви и крајно десни партии влегоа во Европскиот Парламент по последниве избори, Германците, или барем дел од нив покажаа дека и не ги сфаќаат баш премногу сериозно тие теми.

Имено, дури 184.525 илјади германски гласачи во неделата ѝ ја дадоа својата поддршка на партијата предводена од германскиот комичар Мартин Зонеборн. Партијата има крајно „креативно“ име и се вика „Партијата“ (на германски Die PARTEI што пак е кратенка од Partei für Arbeit, Rechtsstaat, Tierschutz, Elitenförderung und basisdemokratische Initiative т.е. Партија за работа, владеење на правото, заштита на животните, напредок на елитите и основна демократска иницијатива).

Партијата „Партија“ беше создадена уште во 2004-та година од група германски хумористи, како обид да се пошегуваат и да се потсмеваат со постојниот политички систем во Германија, но поради очигледната несериозност долги години не успеваа да ја регистрираат нивната партија пред надлежните органи. Но годинава сепак тоа им тргна од рака и успеаја да се најдат на гласачките ливчиња и за чудо – добија еден пратеник. На изборите настапија со слоганот кој беше истовремено и евро-скептичен и про-европски. Слоганот гласеше „ДА за Европа, НЕ за Европа“ а на плакатот се бараше рацете на Европа да бидат подалеку од германските цицки.

Инаку, нивната програма ја одразува мајтапчиската „идеолгија“ на партијата. Тие меѓу другото се залагаат да се обнови Берлинскиот Ѕид – уривањето на тој „културно-уметнички објект“ го сметаат за „вандализам“ – а сметаат и дека Германија како демократска земја треба да му објави војна на Лихтенштајн со цел да ги ослободи тамошните граѓани од феудализмот (со Лихтенштајн имено сѐ уште владее монарх).

Иако партијата беше создадена со чисто хумористична цел, сега таа навистина ќе има еден пратеник во Европскиот Парламент. Но, раководството на партијата е решено ако може сите 96 кандидати од листатата да можат да почувствуваат како е да се биде на таа функција. Така, тие веќе најавуваат дека лидерот на партијата и прв на кандидатската листа ќе седи само еден месец во Европскиот Парламент, па ќе си даде оставка од пратеничката функција (ќе се жртвува за Партијата, за Германија и за, како бивш пратеник  да добие апанажа), за не негово место да дојде наредниот кандидат од листата, кој и самиот ќе седи неколку недели, за да си да даде и тој оставка, па потоа да седне третиот од листата и така сѐ до наредните избори за пет години, ако може сите од листата барем по недела-две да бидат евро-пратеници.

Слична „финта“ со Германциве имаше пред некое време на Косово партијата „Силната партија“, а и на претпоследните избори во Србија една партија доби доволно гласови за да има еден пратеник иако на гласачкото ливче влегоа под името „Ниеден од понудените одговори“ па мнозина гласачи мислејќи дека гласаат против сите партии, всушност гласаа за кандидатот на таа „партија“.

Во Македонија ние не сме имале до сега ваква шегаџиска партија, но тоа не значи дека до сега не сме избрале во нашиот парламент политичари – кловнови. Баш напротив.

Поврзани новости