Таксистите едногласни: Или само македонски јазик или ќе молчиме на повеќе јазици исто како Иванов!

by lali

(Скопје, 27.10.2015 година) – Здружението на таксисти во Македонија бурно реагираше на последната изјава на претседателот Ѓорѓе Иванов кој вели дека без разлика на средбите со политичарите од другите земји, тој ќе продолжи да збори само на македонски јазик ли да молчи на повеќе јазици. Нивната рекација е наменета кон двојните стандарди во државата каде тие со закон мора да поседуваат сертификат за англиски јазик кој е еден од условите да се здобијат со лиценца за вршење на авто такси превоз, а претседателот Иванов да збори како ќе му текне (ако му текне).

„Ние сакаме да збориме само на македонски јазик. Без разлика дали патниците се странци или не, тие нека си говорат на својот јазик, а ние на наши. Не може претседателот на Македонија да збори само на македонски јазик а ние да мора да одиме на курсеви и задолжително поседуваме сертификат за да добиеме лиценца за работа. Правото на изразување е право на слобода. Сепак со говорењето македонски јазик покажуваме дека си го чуваме и го докажуваме нашиот индентитет, кога другите ни го оспоруваат. Ако веќе мора, зошто не ни дадат да молчиме на повеќе јазици исто како што тоа го прави претседателот на Македонија?“, се вели во дел од соопштението што денеска го објави здружението на таксити во Македонија.

Како една од опциите за олеснување за такистите е предлогот тие да имаат вградена и посебна навигација која ќе биде синхронизирана на англиски со гласот на Ивица Боцевски, специјалниот советник на претседателот на државата. Но, како што велат програмерите, единствена пречка во оваа апликација би можело да биде превртливоста и неодлучноста на Боцевски, а сето тоа да доведе до поголем метеж во сообраќајот. На пример кога тие би биле на раскрсница, Боцевски би ги советувал да свртат лево, па во иститот момент да се предомисли, па да ги советува да свртат десно, па пак да се предомисли за да им рече да одат право и на крај тие да не знаат што да прават и како резултат на тоа да го закочат сообраќајот.

Имено, согласно Законот за патен сообраќај сите авто такси возачи мора да поседуваат Сертификат за познавање на основен степен на англиски јазик, кој Сертификат понатаму е еден од условите да се здобијат со лиценца за вршење на авто такси превоз и кој ќе биде задолжителен од 01.01.2017 година.

Напомена: Вестите се измислени и сатирични и служат како пародија од моменталните збиднувања во државава. Но не ја исклучуваме можноста тие во иднина по некоја случајност да станат реални и точни.

Поврзани новости