Двајца ќелави се тепаат за чешел

by fokus 20:02
20:02

Имено, тој експеримент објаснува зошто сме спремни да се замразиме и истепаме до смрт за работи кои сами по себе немаат скоро никаква вредност. Со други зборови, еве како може да се натераат двајца ќелави луѓе да се испокараат за еден чешел, од кој што нели, ниту еден од нив ќе нема никаква корист.

Експериментот е своевидна аукција на која се продава банкнота од 10 евра. Тоа е една сосема обична, оригинална, легална, валидна банкнота, која што оној што ќе ја купи на аукцијата ќе може да си ја земе и да си ја потроши како што сака. На лицитацијата очигледно треба да учествуваат најмалку двајца потенцијални купувачи, но може да има и повеќе што сепак воопшто нема да влијае врз конечниот исход.

- Advertising -

Бидејќи наддавањето е така регулирано што оној кој ќе понуди најмногу за банкнотата ќе ја добие откако ќе ја плати сумата што ја понудил, а сите други учесници иако нема да ја добијат наградата ќе мораат да ја платат сумата која ја понудиле последниот пат, како своевидна казна за тоа што не победиле во аукцијата.

И така, ако има само двајца купувачи што се борат за десетте евра, наддавањето ќе почне со понуда од првиот од едно евро, на што другиот веднаш ќе одговори со понуда од две евра. На ова првиот ќе понуди три, другиот четири и така постепено ќе дојдат до девет евра, кои ќе ги понуди првиот и тој сѐ уште ќе биде во ќар ако другиот се откаже, оти давајќи девет евра ќе ја добие банкнотата од десет евра. Другиот пак, ако дозволи ова да се случи, не само што нема да ја добие десетката, туку бидејќи изгубил во аукцијата ќе мора да ја плати како казна сумата од осум евра што ја понудил како последна.

Затоа, тој вториот сега ќе понуди десет евра, чисто за да не биде во загуба, па барем ќе заврши со позитивна нула. Ама сега пак, првиот што беше понудил девет евра, ако дозволи другиот да ја земе десетката ќе мора и да плати девет евра и пак да не добие ништо, што го води во чиста загуба. Затоа тој ќе понуди единаесет евра. На прв поглед ќе биде пак во зијан оти за тие пари ќе добие само десет евра, но барем таа загуба ќе биде само едно евро, а не девет! Се разбира, другиот што нудеше десет евра за да добие десет евра сега е во опасност толку да отиде во минус, па тој нуди 12 евра за минусот да му биде само две евра.

Циклусот се повторува уште неколку пати оти првиот не сака да загуби 11 евра, па тој нуди 13 евра, па другиот 14, и така постепено, исплашени од загубата, и двајцата купувачи ќе ја кренат цената на банкнотата од десет евра на сума далеку поголема од тие десет евра.

На крајот се разбира, едниот од лицитаторите ќе нема веќе пари и тој ќе се откаже, по што тој ќе плати дури и 50 евра и нема да добие ништо, а оној што ќе „победи“ иако ќе плати на пример 51 евро за да ја добие десетката ќе биде во нето загуба од 41 евро.

Ако заклучокот од овој експеримент ви делува неприменлив во пракса, сетете се само на тоа колкави човечки жртви се загубени во крвави битки од кои резултат бил добивањето на некое мало парче територија од кое потоа скоро никаква материјална корист немал победникот. И двете завојувани страни загубиле илјадници луѓе во борбата, а дури и оној кој на крајот ја добил наградата, немал никаква корист од неа, барем не толкава за да ја оправда кланицата во која ги жртвувал своите луѓе.

Или пак, спорот со името меѓу нас и Грција. Влеговме пред 20 години во таа „аукција“ и потрошивме многу пари, време и енергија за да утврдиме кој ќе ја добие наградата, кој ќе има право на името, идентитетот и историјата. За да ја ќариме таа „банкнота од десет евра“ ние до сега го кренавме влогот на кој знае колку пати над нејзината вредност, па не смееме да попуштиме, оти зијанот од поразот ќе биде поголем од зијанот што ќе го имаме дури и да победиме на крајот. Во меѓувреме, се приближивме и ние и Грците до банкрот, па слободно може да се каже дека иако оќелавевме сѐ уште се тепаме за чешелот.

ДИЛЕМАТА НА ОСОМНИЧЕНИОТ

Многу сличен концепт со оној на аукцијата погоре објаснета е методот при испитувањето на двајца осомничени кој секогаш дава одличен резултат за иследникот, без оглед на тоа што ќе кажат притворените кои се предмет на истрага.

Имено, во две изолирани ќелии се држат двајца криминалци кои се осомничени за исто злосторство. Иследникот на едниот од нив му дава ваква понуда:

– Ако ти молчиш, ќе добиеш една година во затвор, оти за толку имаме докази да те осудиме. Ако пак проговориш, и вината ја префрлиш врз другар ти кој сега чмае во соседната ќелија, ти ќе бидеш слободен, ама тој ќе седи четири години во затвор, оти тогаш не само што ќе имаме докази против него, туку и сведок.

Се разбира дека криминалецот ќе ја избере втората понуда оти така тој ќе остане слободен и нема да мора да помине ниту еден ден, а камо ли па цела година во затвор. Е арно ама истата понуда му ја дава иследникот и на другиот притвореник, па и тој одлучува да соработува и да сведочи против првиот. Така, иако и двајцата затвореници ја прифаќаат понудата која води кон слобода, на крајот и двајцата завршуваат во затвор на по четири години робија. А да молчеле и двајцата, ќе седеле само по една година зад решетки.

Ова се нарекува на англиски „prisoner’s dilemma“ што буквално би се превело како „дилема на затвореникот“ ама бидејќи во нашиот правен систем затвореник е оној што е осуден, а не само осомничен ние би требало да ја преведуваме како „дилема на осомничениот“. Без разлика на терминологијата што ќе се употребува, концепциски е идентична логиката на дилемата со онаа од аукцијата. Доколку и двајцата молчат ќе одлежат и двајцата по само една година, ама од желба да ја избегнат таа загуба, тие соработуваат и двајцата па така и двајцата ќе лежат по четири години.

Интересно е што ваквата дилема ја имаме во реалноста не само при кривичните истраги, ами и во политиката. Верните приврзаници на двете големи партии од македонскиот блок (а истото важи и за оние во албанскиот табор) немаат никаков проблем со тоа нивната партија да ја стави под своја капа целата држава и сите институции како и да завладее со економијата воспоставувајќи цврста контрола врз приватните компании и медиуми.

Меѓутоа тие имаат огромен проблем и темелно не се согласуваат со тоа истата работа да ја направи противничката партија. Со други зборови, секој фанатичен вмровец (и сдсмовец) би сакал во земјава да се воведе диктатура, ама под услов водачот на ВМРО (т.е. СДСМ) да биде диктаторот, а жртвите на неговата репресија да се сдсмовците (т.е вмровците). Доколку обратното е случај, тоа е неприфатливо.

Станува збор за варијанта на анегдотата за разликата меѓу „добро“ и „лошо“. Имено, на своите следбеници секој лидер им вели дека ако добро е она што е спротивно од лошото, тогаш ако е лошо кога тие нас нѐ репресираат, логично е дека добро е обратното – кога ние нив ги репресираме.

Кај нас, и двете страни размислуваат така, па постојано се заробени во дилемата на осомничениот. Доколку едниот крадец молчи (т.е. власта се воздржува од партизација на судството и економијата и злоупотреби на извршната власт и тајната полиција) секако дека ќе биде во опасност од тоа да заглави четири години во затвор (да ја загуби власта) поради тоа што другиот крадец ќе пропее (т.е. опозицијата ќе користи валкани методи за да се врати на власт). Истото важи и за опозицијата, која доколку не се служи со безобразни тактики за освојување на власта ќе си страда оти власта ќе ги злоупотребува институциите за да остане на власт.

И затоа, и двете страни се принудени да се служат со одвратни стратегии, па на долг рок и двете стануваат упропастени. Само што поради изборниот систем, прво едните ги репресираат другите, па потоа другите ги репресираат едните, додека ќар постојано има само иследникот во приказнава, во ликот на албанскиот политички фактор.

МУДРИОТ МАЈМУН

На оваа тема има еден многу добар виц кој може да се однесува не само на кавгите меѓу членовите на партиите, туку и на омразата меѓу Албанците и Македонците, како и на спорот меѓу Грците и нас за името. При тоа, поуката е наменета пред сѐ за обичните членови на партиите, за обичните припадници на етникумите, и за обичните граѓани на државите. Вицот оди вака некако:

Шетал полжавот низ саваната, кога ете ти ја жирафата како трча накај него. Кога таа поминала покрај полжавот, гледајќи ја така исплашена, тој ја запрел и ја прашал зачудено:

– Зошто трчаш така исплашено ширафо, да не бегаш од некого?

– Бегам, како нема да бегам, ако ме фати Управата за Јавни Приходи, црно ми се пишува! – одговорила жирафата.

– Е зошто па ти бегаш од УЈП? – ја запрашал полжавот зачудено.

– Како бе зошто, па види ме само! Јас на висока нога живеам, маж ми на висока нога живее, децата сите на висока нога ни живеат, а од кај пари за тоа? Што ќе им одговорам на даночните инспектори ако ме прашаат како можам да си дозволам да живеам јас, обична жирафа, на висока нога? Затоа, морам да бегам, за да не ме фатат! – рекла жирафатата и продолжила да трча.

Неколку секунди потоа почнал и полжавот да бега, оти и тој се исплашил од непријатните прашања од УЈП. Така бегајќи, поминал покрај мечката, која го прашала зачудено зошто трча.

– Бегам мори мецо, бегам од даночните инспектори, па гледај ме, си имам своја куќа, жена ми си има своја куќа, сите деца наши си имаат свои куќи, па од кај пари за таков луксуз? Што ќе им одговорам на инспекторите ако ме прашаат како може секој член од целата моја фамилија да има своја куќа?! – одговорил полжавот и продолжил да бега.

Неколку секунди подоцна, и мечката почнала да бега. Така бегајќи налетала на едно шимпанзо, кое зачудено ја запрашало зошто толку исплашено трча.

– Како бре да не трчам мајмуне, кога во секој миг некој од УЈП може да ме види како си носам крзно на себе, плус и маж ми и тој цело време крзно носи на себе, а и децата наши саде во крзно се шетаат. Па ако ме прашаат од каде пари цела фамилија да ми биде во крзно цело време, што ќе им одговорам? Затоа морам да бегам! – рекла мечката и продолжила со трчањето.

После неколку секунди и мајмунот почнал панично да трча, ама по десетина чекори застанал и си го ставил прстот на челото.

– А зошто пак јас трчам?! – се запрашал мајмунот и додал – јас еве со гол газ сум, жена ми исто со гол газ, децата исто со гол газ се, кој па мене ќе праша од кај ми се парите, кога очигледно пари немам. Зошто па јас да бегам бре?!

Никого не треба да го изненадува кога раководните луѓе на големите партии (или водачите на државите, или етничките лидери) се караат меѓу себе. Секој од нив живее на висока нога па се плаши ако дојде другата партија на власт дека ќе му постават институциите некои непријатни прашања за потеклото на неговото богатство.

Изненадува кога обичните партиски членови, кои поради неисполнетите ветувања пред секои избори секогаш се чуствуваат како некој од нив мајмуни да направил, а поради трајно нискиот стандард  постојано се (во метафоричка смисла) со гол газ – се мразат меѓу себе. Колку што фајде виделе од тоа што нивната партија е на власт, толку и штета ќе видат ако другата партија се врати на власт.

Поврзани новости