Зошто на ураганите, тајфуните и циклоните им се даваат имиња?

by fokus 13:57
13:57

Во последниве години стана очекувано секоја посериозна климатска непогода, од типот на ураган, тајфун и циклон што предизвикува поплави, да добие свое име. Овој обичај води потекло уште од деветнаесетиот век од Карибите.

Првично, жителите на Карипските острови (каде што ураганите се сезонска појава и ги има по неколку секоја година) со цел да ги паметат полесно ураганите, ги нарекувале според името на светецот кому му бил празникот на денот кога се случил. Така, кога во 1825-та Порторико бил погоден од исклучително разорен ураган на денот кога католиците ја чествувале светицата Ана (на 26-ти јули) тој ураган бил запаметен како „ураганот Санта Ана“. Слично, кога на денот на светецот Филип (13-ти септември 1876) пак бил погоден Порторико од моќен ураган, тој бил запаметен како „ураганот Сан Фелипе“.

- Advertising -

Кога ураганите почнале научно да се истражуваат, на меторолозите им се допаднал овој тип на класификација, но наместо според светци, почнале да ги именуваат ураганите со женски имиња. Повеќето научници во тоа време (средината на дваесетиот век) биле мажи, и како своевидна шега го давале објаснувањето дека „урганите имаат женски имиња оти кога ќе дојдат се влажни и диви, а кога ќе си заминат те оставаат без кола и без куќа“.

Ваквото сексистичко објаснување не можело да опстане долго, и како што сѐ повеќе жени станувале научници и дел од истражувачките тимови за ураганите, бил развиен систем на давање имиња на овој тип непогоди со наизменично давање на машки и женски имиња, кои ротираат и во текот на една година (машко, па женско, па машко, па женско и тн.) но и секоја година (во 2004-та првиот ураган во годината добил женско име Ана, но во 2005-та првиот ураган се викал Алекс, во 2006-та пак првиот бил крстен со женско име Арлин, па во 2006-та се викал првиот Алберто и тн.)

Во последниве години, не само ураганите на Карибите и југот од САД туку и тајфуните во Пацификот почнаа да добиваат имиња. Ако ураганите имаат имиња од англиското или шпанското говорно подрачје (оти погодуваат држави каде што жителите ги говорат претежно тие два јазика), на тајфуните во Пацификот главно им се даваат имиња од јапонскиот јазик, или ако тајфунот удри нешто појужно од Јапонија, име од јазикот што се говори на Филипините, Виетнам или Кина.

Од пред една деценија, и циклоните придружени со поплави што ја погодуваат Европа добија имиња, главно од оној јазик што се говори на територијата каде што поплавите се најразурнувачки. Така ваквите елементарни непогоди кога се случуваат во Скандинавските земји добиваат имиња од типот на Херген, Хилде, Ивар и сл. Лани пак, во ноември, италијанскиот остров Сардинија беше погоден од циклонот Клеопатра, кој однесе 18 животи.

Циклонот што деновиве го погоди Балканот беше крстен од метеоролозите со името Тамара.

Бидејќи во Македонија власта има потполна контрола врз сите институции, и плус е склона сѐ живо и диво да користи за политички маркетинг, можеме да претпоставиме како нашите метеоролошки власти ќе ги наречат елементарните непогоди од голем размер што, НЕ ДАЈ БОЖЕ, би ја погодиле Македонија. Циклон крстен „Зоран“ нема да има сигурно (за да не се налути кумот на премиерот), циклон „Бранко“ е сѐ помалку веројатно дека ќе има (оти се чека бранковистите да станат опозиција на опозицијата, па ќе нема смисла власта против нив да води пропаганда), но како со судски процеси го навјасаа Љубе Бошкоски, реално е да се очекува да добие некој иден циклон и по него име.

Најреално е да очекуваме, после некои идни поплави предизвикани од циклон врз Македонија, да се појави следнава вест на сите провладини медиуми „Радмила остави илјадници луѓе без покрив над главата“ при што циклонот Радмила сосема случајно ќе биде крстен по заменичката на Зоран Заев во СДСМ.

Од друга страна, што би имало толку необично елементарните непогоди што евентуално би ја опустошиле Македонија да бидат крстени според имињата на политичарите? Баш напротив, токму нивните имиња најсоодветни би биле. Само, да не бидат ограничени на една политичка опција или само на сегашната опозиција. Зарем ураганот Бранко ја опустошил Македонија повеќе од тајфунот Грујо?

Поврзани новости