Пази бре, Димитрија!

by Фокус

При испитувањето на изборното расположение на граѓаните, дури и од страна на најпознатите светски агенции се случува нивните резултати да се разликуваат за неколку процентни поени. Така на пример, агенцијата „Harris Interactive“ од САД во време на мерењето на шансите за победа на претсeдaтелските избори му даваше предност на Барак Обама од 4 отсто, а агенцијата „Rasmussen“ му даваше предност од 3 проценти на Џон Мекејн. Овие разлики како што забележуваат аналитичарите кои најчесто не се поголеми од статистичката грешка не се резултат на политичката пристрасност на агенциите. Таквата појава во испитувањата на јавното мислење тие ја нарекуваат “house effect”.

Извесната шареноликост на резултатите се појавува поради разликите во поставеното прашање, разликите во методот на истражувањето, разликите во обидите да се добијат што повеќе одговори од неопределените со дополнителни прашања и слично. Некои агенции на пример, во САД и во Велика Британија за разлика од кај нас воопшто не го објавуваат процентот на неопределените туку од оние што веќе се определиле кажуваат каков би бил реалниот однос на гласовите доколку веќе утре би се одржале претседателските или парламентраните избори.

Но, тоа се однесува на професионалните агенции чија грешка, поголема од статистичката, би можела сериозно да го доведе во прашање нивниот кредибилитет, бизнис и опстанок на пазарот. Во земји како Македонија, каде што овој бизнис не е прецизно регулиран, и каде што некои институции или невладини организации не се обврзани да објават ниту кој го порачал истражувањето ниту кој го платил, постојат и се публикуваат резултати од испитувања на изборното расположение кои не се во функција на утврдување на фактите, туку во функција на создавање на таканаречен “Bandwagon effect”.

Познавајќи ја психологијата на помалку инволвираните граѓани во политиката и привилегијата да се биде на страната на победникот, пропагандите креираат лажни резултати од наводно научни испитувања на јавното мислење кои пред изборите создаваат перцепција дека победникот е веќе познат.

Така на пример, Институтот „Димитрија Чуповски” се до денот на изборите во 2011 година објавуваше дека ВМРО – ДПМНЕ на параламентраните избори што се одржаа на 5 јуни таа година ќе победи со разлика поголема од 2:1. Неговата последна прогноза објавена на 30 мај таа година гласеше дека рејтингот на ВМРО ДПМНЕ е 26,7 отсто а рејтингот на СДСМ само 12,9 проценти или разлика од 2,06 во корист на владејачката партија. Изборите одржани само две недели подоцна од објавањето на овој резултат покажаа дека ВМРО – ДПМНЕ победи на тие избори со многу мала разлика, односно, разликата во освоените гласови беше 1:1,18 во корист на владеачката партија. Таа последна прогноза на „Чуповски“ пред изборите покажа дека процентот на можните гласови за СДСМ во неговата анкета бил намален дури за 60 отсто.

Институтот би бил блиску до реалните резултати ако објавил дека рејтингот на ВМРО – ДПМНЕ е 26,7 отсто а рејтингот на СДСМ 22,5 отсто што е однос од 1:1,18 во корист на ВМРО ДПМНЕ како што беа и реалните резултати. Оттука ако овој процент кај гласовите за СДСМ што ги објавува Институтот „Чуповски“ го земеме како нивна „стандардна грешка“ тогаш може да се пресметуваат и сегашните резултати на „Чуповски“ врз основа на таа грешка.

Во најновата анкета објавена од „Чуповски“ стои дека во овој момент рејтинзите се 24,8 отсто за ВМРО – ДПМНЕ и 14,7 отсто за СДСМ.

Ако овие 14,7 отсто од гласовите на СДСМ се зголемат за 60 проценти колку што е „стандардната грешка“ во гласовите за опозицијата од страна на „Чуповски“, тогаш станува јасно дека рејтингот на СДСМ треба да биде зголемен за 8,8 процентни поени или рејтингот на СДСМ од страна на „Чуповски“ во овој момент е 23,5 отсто. Со тоа Институтот „Чуповски“ несакајќи кажува дека во овој момент двете најголеми партии имаат речиси идентичен рејтинг, ВМРО – ДПМНЕ 24,8 отсто, а СДСМ 23,5 отсто. Затоа пази бре, Димитрија!

Поврзани новости