Грешни само откако ќе станат бивши

by Фокус 19:50
19:50

Текстот е објавен на 6 јуни 2012-та година.

Пишувала:
Јадранка КОСТОВА

- Advertisements -

„Бранко Црвенковски треба да одговори, колку цистерни нафта пуштаа низ границите и кој се се богатеше, додека народот го осиромашуваа и го ограбуваа? Дали од тука се финансираше СДСМ, дали од овие пари настанаа десетиците олигарси на СДСМ”, со доза на театралност деновиве се огласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски.

Повод за ваквата љубопитност на владејачката партија беше изјавата на Љубомир Магаш, човек од криминалното подземје, според кого Црвенковски и Љубомир Фрчковски го правеле, одобрувале и го спроведувале шверцот со нафта во деведесеттите. Така Магаш стана главна ѕвезда и човек од доверба на сите провладини медиуми. Го прогласија веднаш како „скандал од големи размери”, и уште се думаа, мозгаа, се сакалдисуваа, демек, колку ли само пари биле испрани тогаш!

Секако, малку е смешно кога партија, која седма година е на власт, преку партиски прес-конференции му поставува прашања на обвинетиот политички душман за шверцерски дешавки од пред две децении. Како прво, владеат со сите можни постоечки „органи и тела” за борба против криминал и корупција, па на овие адреси нека бараат акција и одговори. Второ, ако толку многу сакаат да го сослушаат јавно, треба само нивниот лидер Никола Груевски конечно да прифати ТВ дуел со прозваниот „политички зомби”, и ќе можат „изравно” да добијат одговори. Нормално, при вакво соочување веројатно ќе паднат и противпрашања за начинот на кој се финансира ВМРО-ДПМНЕ. Од каде партијата на последните пет изборни циклуси, од 2006-та до денес, успеа да најде приближно 10 милиони евра за изборни кампањи!? Уште повеќе, како ќе обезбеди 3 милиони евра да го покрие долгот од ланските избори, кога, кај да е, ќе следува нова изборна тура за локалецот. Но, очигледно за Груевци нема зима за пари, дури и кога е светска економска криза. Нивните долгови како да се благословени од сите должници и институции!

ИЗБОРНИТЕ ШАШМИ И НИВНИТЕ СУДБИНИ

„Фокус” во континуитет се обидува да ја анимира јавноста за важноста на партиските финансии, каде по дефиниција се крие изворот на корупцијата во секоја држава. Но, партијата која успешно ја контролира јавната сфера, која гебелсовски 24/7 го насочува вниманието во „непријателскиот” двор, сепак, по малку инфантилно се однесува, небаре за век и веков правно ја затворила својата финансиска тајна. Ако Антикорупциската комисија гувее на сите дубиози за финансиската изборна дупка на ВМРО-ДПМНЕ, ако Државниот ревизор пубертетски сака да ја покрие очигледната незаконитост со решение за промена на закон, што, пак, близу до ум е дека ќе важи ретроактивно, а кога медиумските снајперисти на преродбата циркузантски нѐ забавуваат со зомби сказни, наместо со оние кои ја имаат сета моќ последиве 6 години, тогаш ќе мора да ги нафрлиме овојпат неизбежните судбини во ваквите изборни шашми.

Најдобра илустрација за развојот на ваквите забошотувања се судските процеси против четворица европски бивши премиери и претседатели, кои се товарат поради нелегално финансирање на нивните изборни кампањи. Сите до еден станаа обвинети откако ја загубија власта, односно, откако беа поразени на избори.

Кеш пари на рака, дубари преку државни тендери, рекет преку маркетинг агенции до штетен договор за гас склучен со Русија, се само разните креативни формули преку кои партиите на власт во Романија, Франција, Хрватска и Украина ги полнеле на црно партиските чекмеџиња!

СПОМЕНИЦИ И РЕКЛАМИ

5 LAVОттаму, согласно определбата да не вадиме нож на мртов Германец, односно, да се не јуначиме откако груевци ќе паднат од власт, ќе се обидам сега, кога се „Бог и батина”, да скицирам можен расплет на настаните после тој тажен ден за нив. Ако се следат назнаките од опозицијата, а, секако, истото би било и логичен суд за можни истраги на она што сега се поттурнува под тепих, тогаш барем два пункта се бајаги проблематични – владините кампањи и „Скопје 2014″. На овие два оригинално портокалови проекти власта не штеди на материјал, но, со невидена упорност и леснотија ги прикрива финансиските детали. А, општо познато е дека најлесно е да се влечат пари преку рекламни кампањи и уметнички сеанси!

„Скопје 2014″ веќе е дефиниран од опозицијата како „портокалова пералница на пари”. Деновиве би требало да ја проследиме и собраниската расправа, тема што според деловникот е предлог на опозицијата, а насловена како „Прекумерното, расипничко и криминално трошење на народни пари во забеганиот проект на Владата „Скопје 2014″. Лоцирани се финтите за сѐ да биде „согласно законот”. Коруптивни тендери и анекси. Ќе се склучи договор, а потоа вообичаено се јавуваат „непредвидени и дополнителни трошоци”, за што ќе мора да се надгради и прошири договорот дури и со шест до седум анекси. Второ, регистрирана е фрапанта разлика меѓу пресметковната вредност во распишаните огласи и вредноста на склучените договори. Само за неколку споменици, на пример, „Воинот на коњ”, Гоце на коњ, Даме на коњ и Карев на коњ, Самуил и Ченто без коњ, верувале или не, разликата изнесува цел еден милион и 231 илјада евра! И трето, за само една недела додека траела расправата за ребалансот на буџетот, Владата одлучила да постави, инсталира и изгради проекти вредни „само” 18.246.000 евра. Да, толку тежат Прометеј со гаќи, оградата на мостот, таткото на „Воинот на коњ” на коњ, трите жални врби, три нови фонтани, 4 златни коњи…

За владината маркетинг опсесија доволно е само да потенцираме дека опозицијата веќе ја предвидува хрватската судбина на ВМРО-ДПМНЕ. При тоа, како македонски пандан на „Фими медиа” ја посочуваат омилената маркетинг агенција на груевци „Република”, иако не е единствената.

И кога сме кај ХДЗ, интересно е што сега кога безмалку сета некогашна партиска врхушка е на суд, повеќето функционери на ХДЗ глумат наивност. Дури сега некој задоцнето прашува: Зарем никому од партијата не му биле чудни милионите евра со кои се финансирале нивните предизборни кампањи. Зарем не им бодела очи огромната диспропорција меѓу официјално пријавените приходи и реалните трошоци за изборните кампањи!?

Можам да се обложам дека истите наши „експерти” во едно идно време ќе нѐ тормозат со слични епохални откритија. А и истите вмровци што денес се згрозуваат од Љубчо Георгиевски, на ист начин ќе си го ретуршираат нивниот учинок од времето на „Преродбата”!

„ТРОФЕЈОТ ЗА КВАЛИТЕТ” ГО ОДНЕСЕ ВО ЗАТВОР

1Повеќегодишниот лидер на моќната Социјалдемократска партија, Адријан Настасе, е првиот романски премиер (2000 до 2004 година) кој е осуден за корупција. Ќе треба да помине две години затвор затоа што на нелегален начин внел околу 1,5 милион евра во партиската каса за изборите во 2004 година. Поточно, според судот, Настасе ја финансирал својата претседателска кампања во 2004 година со пари добиени во рамки на симпозиумот „Трофеј за квалитетот”, што го организирал Државниот градежен инспекторат. Парите биле дадени под форма на такса за учество во конкурсот, а завршиле на сметка на компанија блиска до Настасе. Оваа фирма била партнер на Државниот градежен инспекторат во организирање на конкурсот.

Всушност, откако во 2004 година Настасе изгуби на изборите од Трајан Басеску, ќе започнат неговите маки. Инаку Басеску и Настасе биле соседи, работеле и соработувале во иста влада, но стануваат лути ривали токму на изборите во 2004. Басеску триумфирал и тогаш јавно порачал дека нема да се смири додека „корумпираниот Настасе не го види зад решетки”. Покренати биле дури три судски процеси одеднаш. Од два извлекол жива глава, иако во едниот добил условна казна. Според опозицијата, станувало збор за „политичко судење”, но сѐ било завиткано во параграфи на Кривичниот законик.

Интересно е дека после критиките од Брисел за борбата против корупцијата, формирано е специјално обвинителство за борба против корупцијата (ДНА). Го основал токму Настасе, кој потоа стана негова жртва. Опозицијата коментира дека наместо да дели правда, ДНА се претворил во главно оружје во рацете на власта во борбата против политичката опозиција. Според некои аналитичари, токму актуелниот претседател Басеску најмногу го потчинил ДНА за време на неговите два мандати. Наведуваат и дека не еднаш им се заканувал јавно на своите противници дека ќе ги стигне „долгата рака на ДНА”!

Неодaмна, откако казната му беше потврдена од Врховниот суд, Настасе се обиде да се самоубие, пукајќи си во вратот. Сега е сместен во затворската болница, а покренато е обвинение против докторот што го оперирал, затоа што, наводно, за да го одложи затворот, напишал многу пострашна дијагноза од што била реалната здравствена состојба на експремиерот осуден за корупција.

КОРУПЦИСКИОТ ОКТОПОД НА ХДЗ ПРЕД СУД!

Во судскиот процес на столетието за политичко-корупцискиот октопод во Хрватска, на обвинителна клупа се не само експремиерот Иво Санадер, туку и бројни поранешни министри и директори на јавни претпријатија. Како своевиден куриозитет е што има обвинение и против партијата ХДЗ, распослано на 550 страници. Обвинителството тврди дека оваа партија нелегално се финансирала од 2003 до 2009. Дел од овие пари завршувале во црните партиски фондови, а дел во џебовите на лидерот Санадер. Политичко-финансискиот рекет, пак, се спроведувал преку маркетинг агенцијата „Фими медиа”.

Иако Санадер ја негира вината, сепак, правно ситуацијата му е бајаги лоша. Неколкумина, меѓу кои и сопственичката на „Фими медиа”, веќе пропеаја и ја признаа вината. Благајничката на ХДЗ, пред судот посведочи дека секој месец Санадер и доставувал список на луѓе на кои треба да им се исплати „апанажа”, со точни износи. Се издвојувале пари и за некои медиуми. Се разбира, тоа не одело преку жиро сметка.

Се откриваат и сите шеми за малверзации во изборните кампањи на ХДЗ. Интересен е делот и за музичките ѕвезди. На пример, на популарниот Марко Перковиќ Томпсон му платиле повеќе од половина милион евра во 2007, само за да не пее за ниту една партија. На црно биле плаќани, наводно, и Мишо Ковач и Нина Бадриќ.

Имало добро испробана шема за местенки на тендерите. На пример, се повикува „Фими медиа” и неколку фирми по препорака токму на сопственичката на оваа агенција. Тие потоа даваат поскапи понуди и така се избирала поефтината на „Фими медиа”. На некој начин и медиумите биле рекетирани од страна на државниот апарат, со оглед на фактот дека токму државните претпријатија последните години преземале добар дел од огласувачкиот простор. Под закана дека ќе ги повлечат огласите биле вршени притисоци врз уредувачката политика.

Некои од министрите во владата на Санадер, сега пред судот дури ликуваат над судбината на нивниот поранешен шеф, враќајќи му за сите шиканирања што ги доживеале кога тој бил најмоќниот човек во Хрватска. Еден од нив и при судското соочување директно во фаца ќе му плесне дека бил „диктатор кого морале да го слушаат”!

Се прогнозира дека ова ќе биде најдолгиот судски процес во историјата на хрватското правосудство. Треба да се испрашаат над стотина сведоци, а да се проучат и околу 70.000 страници документација. Првообвинетиот Иво Санадер се брани од слобода, откако помина неколку месеци во притвор.

1

ОД РУСКИ ГАС ПРЕКУ АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛА ДО УБИСТВО!

На 11 октомври 2011 година, Јулија Тимошенко беше осудена на 7 години затвор за злоупотреба на овластувањата при склучување договори за набавка на гас со Русија во 2009 година. Но, експремиерката на Украина се соочува со канонада од тужби и судски процеси. Нови 12 години затвор и се закануваат по ново обвинение за корупција – за избегнување плаќање данок, измама и обид за кражба во 1990-те, кога била главна на украинската компанија за трговија со гас. Кон крајот на минатата година даночната полиција ги обнови истрагите уште во 4 кривични предмети против неа. Ја товарат дури и за купување амбулантни возила по повисоки цени.

Според Тимошенко, тоа е дел од репресивната кампања на украинскиот претседател Виктор Јанукович против опозицијата. Да потсетиме дека Јанукович ја победи Тимошенко на претседателските избори во февруари 2010 година. Оттогаш почнуваат и овие „политички мотивирани процеси”, како што веќе и Брисел и Вашингтон ги третираат судските тормозења на опозиционерката Тимошенко.

Всушност, колку се посилни критиките кон режимот на Јанукович, толку повеќе се шири „криминалното” досие на некогашната премиерка на Украина. Се обидуваат да и накалемат дури и убиство. Имено, за ликвидацијата на Евгениј Шчербан, пратеник и бизнисмен, веќе се осудени осум лица, а како главен налогодавач се смета експремиерот на Украина од 1996 до 1997, Павел Лазаренко. Но, истиот веќе е во затвор во САД поради перење пари. Сепак, минатата година украинското обвинителство ќе соопшти дека поседува „несоборливи докази” за вмешаност во ова убиство и на Јулија Тимошенко. Наводно, парите префрлени на сметките на убијците потекнувале од компанија во сопственост на Лазаренко и на Тимошенко. Ликвидацијата била во полза на компанијата „Обединети енергетски системи на Украина”, раководена од експремиерката Тимошенко. Нејзините блиски ова го коментираат како „обична глупост”. Сопругот на Јулија доби политички азил во Чешка. Власта не избира средства во дискредитирање на Тимошенко. Се вадеа дури и снимки на Јутјуб, на кои, таа наводно разменува нежности со својот адвокат!

Во секој случај, од сите поранешни премиери кои се осудени или им се суди за корупција, само случајот на Јулија Тимошенко во Европа е оквалификуван како политички мотивиран процес.

ШВАЈЦАРСКИ ПАРИ НА ЦРНО ОД „ЛОРЕАЛ”?

Поранешната француска политичка ѕвезда, Никола Саркози ги има сите шанси наскоро да стане главен лик во судски процес за корупција. Веќе подолго време се води истрага за нелегално финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година, но таа деновиве кулминирашње со претрес на станот и канцелариите на Саркози. Имено, постојат сериозни обвинувања дека неговата изборна кампања била финансирана со нелегални донации од најбогатата Французинка, сопственичката на „Лореал”, Лилијен Бетенкур. Особено што веќе е подигнато обвинение против Ерик Воерт, бившиот благајник на партијата на Саркози.

Инаку, сомнежите за црните пари во претседатеската кампања датираат од пред две години. Почна сосема банално, со една семејна расправија меѓу госпоѓата Бетенкур и нејзината ќерка, но аферата потоа прерасна во политички скандал за финансиите на Унијата за народно движење (УНД). Судијата кој ја истражувал аферата „Бетенкур” ги следел трансферите од Швајцарија. Од документите чија содржина сепак процури во јавноста, првата исплата била извршена во февруари 2007 година, а парите му била предадени на благајникот на Саркози, Ерик Воерт, во еден бар во Париз. Се истражува и втората исплата од 400.000 евра, за која истрагата се сомнева дека парите му биле лично дадени на Саркози.

Според францускиот закон, донациите за партиите можат да бидат најмногу до 7.500 евра од лице, а само 150 евра можат да се дадат кеш. Како што е познато, на годинешниве претседателски избори Саркози загуби од социјалистот Франсоа Оланд. Но, неговиот имунитет од судски прогон истекол во јуни. Дали Саркози ќе заврши како неговиот благајник – со обвинение, ќе зависи од натамошниот тек на истрагата!

ЕКС-ПРЕМИЕРОТ ОБВИНЕТ ЗА МИНИСТЕРСКИ ЗДЕЛКИ!

Експремиерот Владо Бучковски е обвинет за злоупотреба на служена положба како министер за одбрана во случајот „резервни тенковски делови”, тежок 2,4 милиони евра. Процесот и после 5 години нема правосилна завршница. Првично основниот суд му пресуди 3,5 години затвор, но, потоа, Апелацискиот го врати предметот на повторно разгледување. Се шпекулира дека токму поради ваквиот расплет судијката Виолета Дума беше разрешена, иако формално и најдоа маана за друг предмет.

Целиот случај почна драматично, откако Собранието му го одзеде пратеничкиот имунитет на експремиерот. Опозицијата протестираше пред судот. Бучковски од самиот старт тврдеше дека станува збор за политички монтиран случај. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се сомневаа дека со дел од парите за резервните тенковски делови била финансирана претседателската кампања на Бранко Црвенковски, бидејќи Бучковски беше шеф на изборниот штаб. Имено, од владејачката партија калкулираа со податокот дека Бучковски како министер за одбрана префрлил 50 милиони денари на фирмата МЗТ ФОП на денот кога загина претседателот Борис Трајковски, кога стана јасно дека ќе имаме предвремени претседателски избори.

Интересно е дека во една пригода од собраниската говорница, Бучковски како пратеник, а веќе осуден, му предвиде на Груевски 5 години затвор мерејќи споредбено со неговата казна. Логиката му беше дека ако за 2 милиони евра тој добил 3 ипол години затвор, тогаш Груевски за оштетување на буџетот за 3,3 милиони евра во случајот ОКТА треба да добие уште една ипол година бонус!

Во секој случај, судскиот процес е заглавен пред основниот суд, а јавните критики што Бучковски ги упатува кон својата партија ги предизвика сдмовците да се посомневаат дека нивниот некогашен лидер има некаков пазар со груевци за поинаков расплет на „тенковските делови”!

И ГРУЕВСКИ БИЛ ЖРТВА НА МОНТИРАН СЛУЧАЈ?

Gruevski4

По смената на власта во 2002 година и Никола Груевски, како ексминистер за финансии се прогласи за жртва на монтиран случај. Станува збор за предметот „НПК”. Предметот го делкаше Антикорупциската комисија.

– Долго време работевме на случајот со Националната платежна картичка (НПК). Наша оценка е дека во овој случај се повредени многу прописи и големи буџетски средства се одлеани во приватни раце. Од друга страна, новиот сопственик не ги исполнил своите обврски – изјави тогаш првиот човек на Антикорупциската комисија, Јово Трпеновски за „НПК”, за кој предмет, пак, СДСМ го прозиваше токму Груевски.

Актуелната опозиција коментираше дека токму проектот НПК го поврзува сегашниот премиер со Миле Јанакиевски и со Гордана Јанкуловска, кои еден по друг се смениле на функциите претседатели на УО на НПК, додека директор бил Влатко Мијалков. Социјалдемократите обвинуваа и дека НПК била продадена на две банки за седумпати помала вредност или биле загубени 6 милиони евра. Патем, едната банка купувач била банката од која Груевски дојде во Владата за министер, некогашната Балкан Банка (сегашна Уни банка) и Македонска банка, во која, пак, ВМРО-ДПМНЕ имаше свои уддели.

Но, бранковци не беа осамени во стрелбите кон Груевски. И народњаците на Љубчо Георгиевски извесно време го прозиваа за истиот случај. Тие дури тврдеа дека активирањето на кривичните пријави било запрено пред претседателските избори во 2004 година, па бараа МВР да го испита случајот, со што алудираа дека имало некаков непристоен дил – заташкување на случајот, а за возврат обезбедување на цензусот за изборот на Црвенковски за претседател.

Груевски ваквите напади ги доживеа како хајка против него, но, и како реваншизам од тогашната власт на СДСМ.

Дилемата: криминален проект или политички реваншизам, барем официјално ја затвори обвинителството со одлука дека нема докази за криминал. Со оглед на тоа што предметот го водел Љупчо Шврговски, кој откако Груевски стана премиер беше избран за Јавен обвинител, опозицијата во ова препозна враќање на долгот.

Во секој случај, и самиот Груевски во одреден период како последица на неговите министерски денови себе си се сметал за жртва на монтиран случај!

Поврзани новости