Секаде царот е гол, а кај нас голиот е цар?

by fokus

Многу мудрата и поучна приказна „Царевото ново руво“ која своевремено ја запишал данскиот писател Ханс Кристијан Андерсен говори за еден владетел на една земја, на кого двајца измамници му скроиле нов костум, но изработен од волшебни конци, што му давале специјално својство на костумот – него можеле да го видат само чесните и лојални граѓани, додека за оние кои биле зли луѓе и предавници – костумот ќе бил сосема невидлив. Кога царот го облекол тој нов костум (кон не бил невидлив и волшебен, туку едноставно не постоел) сите полтрони и страшливци со воодушевување коментирале дека новото руво на царот изгледа прекрасно. Затоа што никој не се осмелувал да признае дека не го гледа костумот, оти оној што ќе го кажел тоа би признал дека самиот е зол човек и предавник. Царот така гол се шетал меѓу народот и од сите страни му доаѓале срдечни комплименти за новата и прекрасна облека што ја носел тој ден, сѐ додека едно мало дете наивно не извикало „царот е гол“.

Да го кажел тоа, што било вистина, некој возрасен човек, најверојатно веднаш ќе му летнела главата – оти нели, само оној што е зол човек и предавник не може да го види новиот костум на царот. Ама малото дете, никако не можело да биде прогласено за злосторник и предавник – оти е мало дете, невино и наивно. Тоа им дало сила и храброст на возрасните луѓе исто така да го кажат јавно она што сите го гледале – дека царот не само што не носи ново прекрасно руво, туку дека е сосема гол!

Царот од приказната е метафора за власта, а таа во нормални држави е многу често „гола“ и таму новинарите никој не ги смета за злосторници и предавници ако тоа јавно го кажат, ако ја критикуваат власта и ја разобличат секоја нејзина афера и секој нејзин скандал. Царот е гол и кај нас, ама ние сме терсене држава и кај нас возрасните, етаблирани новинари или се уплашени да го кажат тоа, или ако го кажуваат, широките народни маси се убедени дека сигурно таквите новинари се предавници штом не го гледаат волшебниот костум на нашиот цар.

Затоа, исто како и во приказната на Андерсен, потребно е некое мало дете, некое будалче, некој што никој не го есапи за зрел, да го каже јавно она што сите го мислат и знаат тајно. Потребен е некој „голтар“ некој што е „гол пиштол“ во финансиска и било каква смисла да каже една очигледна вистина јавно и тоа е доволно за сите да му се воодушевуваат на храброста.

Секаде, во секоја нормална држава „царот е гол“. Доказ дека ние сме терсене држава е што кај нас „голиот е цар“, штом пред еден куп етаблирани новинари, аналитичари и јавни лица, едно обично „дете од село“ ќе излезе како главна ѕвезда, некој по чиј исказ ќе се памети денот, па и неделата.

Во нормална држава, на Саше Политико никој не би му дозволил да биде новинар, водител или аналитичар. Но во нормална држава – ни на Никола Груевски и на било кој од неговиот тим соработници никој не им им дозволил да бидат на власт. Ама ние не сме нормална држава, туку сме терсене држава. Со терсене власт, на чија пропаганда, очигледно, само терсене новинари можат да ѝ парираат.

Поврзани новости