1. Дали имаме ПОРНОКРАТИЈА? Овој збор е кованица од старогрчките „порне“ (проститутка) и „кратиа“ (владеење) и следствено би требало зборот „порнократија“ да значи „владеење на курвите“. Ако се има предвид какви морални карактеристики имаат луѓето кои ги сметаме за интелектуална, политичка и бизнис елита во Македонија – сосема е оправдано да сметаме дека во државава имаме порнократија!
Еве, да размислиме. Како најголемиот дел од олигарсите во земјава ги стекнаа своите богатства? Со верно служење на политичките моќници од било која партија, навики кои им овозможуваат од секоја владина гарнитура да добиваат наместени тендери и други привилегии и со тоа да го зголемуваат своето богатство на сметка на оние бизнисмени кои не се спремни да се „натртат“ пред власта.
Интелектуалната елита во Македонија главно се сведува на новинарите и колумнистите што имаат влијание врз јавното мислење, а тие се речиси сите слуги на нивните газди за чии пари се спремни да воспеваат сомнителни ликови или да напаѓаат чесни луѓе, без да водат и најмала сметка за вистината, фактите или логиката. Оние малку новинари и интелектуалци кои одбиваат да го изнајмуваат своето достоинство за оној што ќе даде пари – не добиваат пари, и едвај живуркаат.
За политичката елита пак во државава нема потреба да се докажува дека има карактер на проститутки. После сите неприродни коалиции направени само за да се дојде на власт – јасно е секому дека е неспорен факт дека што покурвински карактер има некој политичар, толку поблиску ќе биде до власта.
2. Дали имаме ПСЕВДОКРАТИЈА? Зборот „псевдо“ значи на старогрчки „лага“ и по таа основа „псевдократија“ означува систем во кој се владее со лаги или држава со која управуваат лажговците.
Спротивен термин на псевдократијата е „алетиократија“ (владеење на вистината) нешто што во Македонија ниту го имало, ниту го има, ниту пак има најави дека ќе го има некој ден.
Оној политичар што претендира да дојде на власт никако не смее да биде искрен пред гласачите, иако се разбира добро е да глуми дека е искрен, или уште повеќе да бара од неговите политички противници да бидат искрени, при тоа обвинувајќи ги дека се лажговци.
Постои една поговорка која вели дека е „подобро да те мразат поради што си, отколку да те сакаат заради нешто што не си“ т.е. дека е„подобро со искреност да ја изгубиш власта, отколку со лажење да ја стекнеш“ но нема ниту еден македонски политичар што при здрав ум би се согласил со овие поговорки. Без разлика дали станува збор за милијардата на Циле, или за Бранковото ветување за по еден вработен во секое семејство, за Вардарска долина, за аеродром во Штип или пристаниште во Охрид, полна е историјата на нашиот плурализам со политичари што победуваат на избори откако ќе ја кажат најубедливата лага во текот на кампањата.
Псевдократија значи си имаме, но за алетиократија ќе се стрпиме малку. Прво треба самите да бидеме спремни да се соочиме со вистината.
3. Дали имаме КРИПТОКРАТИЈА? Од зборот „криптос“ со кој што старите Грци означувале дека нешто е „скриено“ доаѓа и терминот криптократија, каква што е секоја држава во која вистинската моќ ја имаат луѓето и институциите кои јавноста не ги гледа.
Според некоја логика „плутократијата“ (владеењето на богатите) е во суштина форма на криптократија, бидејќи богатите граѓани јавно се еднакви пред институциите со сиромашните граѓани, ама во реалноста, тајно, зад кулисите со своите пари можат да влијаат на донесувањето на законите и нивното спроведување во нивна полза, а на сметка на колективниот интерес.
Но, не се само богатите оние што можат да влијаат врз власта, туку и оние кои се на раководни позиции во тајните служби, во амбасадите на моќните странски држави, на чело на силни мафијашки структури или пак блиски роднини и пријатели на наведениве.
За да може да функционира криптократијата потребена е поддршката на оние елементи во општеството кои треба да ја информираат јавноста, како медиумите или опозицијата, или понекогаш и невладините организации. Затоа, структурата која сака да владее скришно, да практикува криптократија, има потреба да ги стави под своја капа медиумите, да креира послушна опозиција и да ги преземе невладините организации.
И обратно, државата во која власта работи врз задушувањето на медиумските слободи – е на пат кон криптократизација. Ние се чини сме баш на таков пат. Дали ќе стасаме до крајната дестинација, зависи од тоа дали ќе продолжиме да чекориме или ќе го смениме правецот пред да стане предоцна.
4. Дали имаме КАКИСТОКРАТИЈА: терминот „аристократија“ е мошне стар, доаѓа уште од антиката и означува буквално „владеење на најдобрите“. Аристократијата одамна не означува систем во кој најдобрите владеат, но од антиката ни е останат и спротивниот термин на тој, а тоа е какистократијата т.е. „владеењето на најлошите“.
При тоа се мисли на најлошите во било која смисла. Најнеморални, најкорумпирани, најнеспособни за било што корисно да направат – како „крем де ла крем“, ама обратно, т.е. „талог де ла талог“.
Нема потреба да се докажува дека во Македонија имаме какистократија. Благодарение на деценискиот одлив на паметни луѓе кон странство, на системот на негативна селекција во кој најголемите гадови доаѓаат на највисоките позиции, на менталитетот кој бара на комшијата да му умре козата, или барем на козата да ѝ умре јарето, или најмалку на јарето да не му никнат рогови кога ќе стане прч – она што останува да раководи, да владее, да управува, да одлучува во земјава ни наша е токму она најлошото што го имаме во секоја сфера. И затоа, ние сме вистинска какистократија.
*
Фали уште нашите политички партии, кои скоро сите имаат „демократска“ во името да си се прекрстат во согласност со реалноста. Па да добиеме Какистократска Унија за Интеграција и ВМРО – Криптократска Партија за Македонско Национално Единство.