Психопатарина

by fokus 12:20
12:20

Политичарите често сакаат да кажат дека не се толку заинтересирани за своите интереси, туку секогаш се борат за обичните луѓе. Што пак значи дека самите тие себеси не се гледаат како обични луѓе, штом нели, не се борат за своите лични интереси. Ако политичарите не се обични луѓе, какви се? Необични, неарни, шлакнати?

Интересно е да се види колку од карактеристиките според кои кај еден човек се одредува дали е психопат, може да се забележат кај било кој политичар, особено ако тој има власт. На пример, психолозите сметаат дека ако кај некого се присутни и видливи повеќето од следниве особини – за таквите лица е оправдано да се смета дека имаат психопатски тенденции:

– прекумерно чувство на сопственото значење
– склоност кон постојано лажење и манипулирање со другите луѓе
– не прифаќа одговорност за своите постапки и секогаш некој друг е крив
– лесно се досадува, постојано има нови идеи и сѐ нешто менува
– преферира да живее на туѓа сметка и не мисли на иднината

- Advertising -

Па која од овие особини не би нашла место во портретот на секој успешен политичар. Кој политичар за себе не смета дека е клучен лик без чиј придонес нацијата ќе пропадне? Кој политичар не лаже и манипулира? Колку политичари се спремни да признаат дека нешто згрешиле тие, а нема да кажуваат постојано дека нивниот политички непријател е виновен за сѐ што не чини? Понатаму, секој политичар ја знае изреката за лебот и игрите, и во недостаток на леб, на народот постојно му нуди нови игри, па макар тие биле и наградни. Конечно, сонот, целта, смислата на занимавањето со политика е да се дојде до власт и да се живее на сметка на буџетот, т.е. на народот.

Од таму, јасно е дека секој успешен политичар, а под успех се подразбира да се дојде и да се остане на власт, мора да ги има во својот карактер повеќето од наведените карактеристики на типичниот психопат.

Па според таа логика, зарем не треба сите пари што од народот, од граѓаните, од фирмите одат за финансирање на државата т.е. во рацете на политичарите, наместо да се викаат даноци, порази, такси и слично, да добијат ново име, кое сосема би им одговарало – психопатарина?

Поврзани новости