Смогледало

by fokus 09:36
09:36

Смогот не е обична магла (што е само водена пареа) туку е комбинација на пареа, прашина и издувани гасови од автомобилите и фабриките. Смогот воедно, никогаш не се задржува долго во предел кој е добро проветрен, и дури и да нема ветер, потребни би му биле само неколку часа за да се распрсне ако се остави на мира т.е. да не му се додаваат нови количини издувани гасови во смесата.

Токму затоа, скопскиот смог е огледало на начинот на кој живеат и работат Скопјани, и токму поради тоа можеме да го означиме со неологизмот „смогледало“.

Начинот на кој се распоредени зградите во главниот град, нивната височина, местоположба и меѓусебни растојанија покажува дека или урбаните планери не воделе сметка за да се обезбеди непречена циркулација на воздухот, или пак дека нивните инаку добри планови никој не ги есапел на терен и се градело хаотично. Со други зборови, една од причините за смогот е неспособноста и корумпираноста на власта која довела до ендемично непочитување на регулативите, урбанистички хаос и следствено – смог.

- Advertising -

Друга причина е преголемата концентрација на луѓе и автомобили во скопската котлина, која пак зборува нешто за карактерот на државата. Која е централизирана до тој степен што сите владини, деловни и индустриски објекти се натрупани на грст квадратни километри и околу нив гравитира целиот сообраќај на луѓето вработени во нив. А од сообраќајот доаѓаат издувните гасови кои се дел од смогот.

Смогот во Скопје е смогледало не само на Скопје, туку и на Македонија. Да не бевме до толку централизирани во секој поглед, од политички преку административно до економски – немаше да има толку смог во Скопје.

Поврзани новости