Како некој што се вика СЛАВЕ да го напише своето име кога пишува англиски, а некој Американец да не го прочита тоа како „слејв“ – збор што буквално значи „роб“. Додека да им објасни дека тоа му е името и дека се чита „славе“, ќе си мислат дека има некакви садо-мазо склоности. А потоа, ќе си мислат дека родителите го мразеле штом му дале такво навредливо име.
Сличен пример кој создава често забуни е името ЈАНЕ, кое напишано на латиница секој Англичанец би го прочитал како „Џејн“ – што исто така е име и во англискиот, ама е женско име! Најпознатата Џејн е секако девојката на Тарзан.
Името МАРЕ во македонскиот јазик е варијанта на името Марија, ама напишано на англиски „Мare“ се чита како „мејр“ и буквално значи „кобила“ – т.е. женката на коњот.
Од името Даниел варијанта е ДАНЕ, збор што напишан на англиски се чита како „дејн“ и буквално значи „Данец“ (жител на Данска) а има и сорта на големи кучиња што го содржи тој збор во името која се вика „Great Dane“.
Слично на името Дане е и името ДОНЕ (доаѓа од Дончо), збор кој напишан на англиски како „done“ се чита „дан“ и значи „свршено“ или „готово“. Кога некој нашинец во Америка би го прашале во писмена форма „Who are you“ (Кој сте вие) и тој би им рекол „I am Done“ (Јас сум Доне) тоа би ги збунило оти би го разбрале како „Јас сум Готов“.
Името ЦАНЕ (изведено во крајна линија од Александар) напишано на англиски е „cane“ што се чита како „кејн“ и означува „трска“ или „подебел стап“. Така sugar cane е шеќерна трска додека пак walking cane е бастун т.е. стап кој помага при одење.
Името МАНЕ (кое доаѓа од Мануил или од Манасие) напишано на англиски е „mane“, се чита „мејн“ и буквално значи „грива“ т.е. збир од влакна на вратот каква што имаат коњите и лавовите на пример.
Имињата МИЛЕ и СМИЛЕ се читаат ако се напишат на латиница на англиски како „мајл“ и „смајл“ соодветно. Mile e единица мерка за должина која се користи во англофонските земји и опфаќа 1.609 метри и 34 сантиметри, додека пак smile значи насмевка. Фразата „My name is Smile“ на англиски не значи „Се викам Смиле“ туку „Се викам Насмевка“
Ако некој се вика ДИМЕ навистина треба да внимава кога го пишува името на англиски оти зборот „dime“ (дајм) е називот за паричката од десет американски центи. Што пак според актуелниот курс, вреди четири и пол денари. Значи, буквално фразата „I don’t give a dime“ може да се преведе како „Пет денари не давам“.
Оној што се вика МИЦЕ најубаво е да го пишува своето име на англиски како Mitsѐ оти ако го напише Mice тоа секој Англичанец ќе го прочита како „Мајс“. Mice е множина од зборот mouse (глушец) и по таа основа фрзата „I saw Mice in the room“ нема никој да ја сфати како „Го видов Мице во собата“ туку како „Видов глувци во собата“.
Да резимираме: Ако некој Македонец напише „Slave, Mare, Jane, Done, Dane, Cane, Mane, Mile, Smile, Dime and Mice are in the room“ тоа некој Американец или Англичанец (или Канаѓанец или Австралиец) нема да го сфати како „Славе, Маре, Јане, Доне, Дане, Цане, Мане, Миле, Смиле, Диме и Мице се во собата“ туку дека „Роб, кобила, Џејн, готово, Данец, трска, грива, милја, насмевка, десет центи и глувци се во собата“.
Затоа, внимателно кога наведените имиња ги пишуваме на англиски!