Кога Миленко Неделковски беше сведок против прилепска „Победа“

by Фокус

Текстот е објавен на 24 април 2009 во неделникот „Фокус“ број 721

Разговарал
Бобан НОНКОВИЌ

ФОКУС: Одамна сте и познат на македонската спортска и фудбалска јавност, пред сѐ како „слободен спортски новинар“, но и како некогашен директор на фудбалските клубови Вардар и Брегалница (Делчево), но и екс-газда на ФК Скопје. Вашето појавување во јавноста секогаш е со „фанфари“, иако, потоа, знаете да исчезнете многу тивко. Во последно време сте познат по своите спортски и политичко-образовни емисии на ТВ „Канал 5“ и ТВ „5+“, но Вашето име како бомба одекна по минатонеделната драстична казна од страна на европската фудбалска асоцијација (УЕФА) кон ФК „Победа“, која заради местење на евро-натпреварот со ерменски „Пјуник“ доби осумгодишна суспензија во европските натпреварувања, а нејзиниот претседател и тогашниот капитен – заработија доживотни суспензии од фудбалската игра. Вие, од страна на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), ФК Победа и од медиумите, сте посочени како еден од главните сведоци на обвинителството на УЕФА од државава, во врска со местенките на прилепскиот клуб!?

НЕДЕЛКОВСКИ: На ова прашање морам, најпрво, да дадам два одговори што не се поврзани меѓу себе. Како прво, јас сум во новинарството првиот т.н. фриленсер (слободен новинар), уште од далечната 1992 година. Јас одам, настапувам, пишувам и извршувам новинарски работи за секој оној што ќе ме ангажира. Дали е тоа „Формула 1“ – пренос, колумна во весник или некој друг ангажман, не е важно, секој медиум може да ме ангажира, доколку процени дека можам да извршам некаква задача. Токму затоа се реакциите на јавноста од типот „Еј, па од каде сега овој пренесува Формула 1?“ или „Што бара во спортска или политичко-образовна емисија?“ итн.

Сите мои големи, фудбалски проекти, пак, се поврзани со странство и тие се неспорни. Почнувајќи од пријателските натпревари и турнеите на ФК Вардар по Европа и во Јужна Америка, настапот на Зоки Јовановски за тимот на светот, тоа се неповторливи работи, што, пак, кај некои луѓе создаваат фрустрации, што е нивен проблем, а не мој! А, што се однесува до случајот со „местенките“ на ФК Победа, морам најпрво децидно да кажам дека јас не сум главниот сведок во целата таа истрага на УЕФА!

Јас, всушност, сум еден од петмината сведоци на обвинителството, во случајот „посебно тело на УЕФА за истрага на наместени натпревари“. Она што не го познаваат во ФФМ, односно што е непознаница за нивниот адвокат, а што ги изненади при соочувањето во седиштето на УЕФА во Нион, е тоа што како легална форма што европската централа ја има во рамките на своите работилници за справување со наместените натпревари низ светот што им го уништува фудбалот – тие востановиле дека не може поинаку да се борат со мултимилионскиот организиран криминал, доколку немаат заштитени сведоци. Никој, освен супер-храбар човек како мене, нема да се согласи јавно да каже: „Еве јас сведочам против вас!“.

Тоа е посебно ако во случајот со фудбалските местенки, такви заштитени сведоци не се фудбалери, тренери, економи, масери, било какви работници во рамките на клубот, што ако не се заштитени, може да си ја загрозат кариерата. Заради тоа, УЕФА уште пред две години, тоа што во ФФМ не го знаат, бидејќи не знаат англиски јазик, ниту се информираат доволно – има донесена препорака да се оди со заштитени сведоци во врска со откривањето на фудбалските местенки. На тој начин, всушност, откриена е и „аферата Хојцер“ во Германија.

ФОКУС: Реакцијата во Македонија е чудна! Наместо да се дознае дали Победа навистина местела, ние ѝ се лутиме на УЕФА што од нас ја започнала битката со фудбалската мафија во Европа!

НЕДЕЛКОВСКИ: Грешат македонските медиуми, а и ФФМ, што излегуваат со жалопојки од типот: „Зошто борбата со фудбалскиот криминал почнува од Македонија?“. Тоа не е точно! Еден од четворицата судии, што во случајов ѝ пресудија на Победа, беше главниот обвинител за откривањето на аферата со местенките во Германија на фудбалскиот судија Роберт Хојцер. Тој го откри овој случај, кој е прв во меѓународни рамки, а не ова со ФК Победа. Истото тоа, судијата го стори со помош на заштитени сведоци, слушање на телефонски разговори и сл.

 

СВЕТСКИТЕ ОБЛОЖУВАЛНИЦИ СО ЗАГУБА ОД 15 МЛН. ЕВРА ЗА МЕЧОТ ВО СКОПЈЕ!

ФОКУС: Според начинот на работа на ова тело на УЕФА, што Вие го споменувате, очигледно се работи за голема структура што има помош и од безбедносните служби во регионот, ако, на пример, има можност да прислушкува и телефонски разговори!

НЕДЕЛКОВСКИ: Тоа е огромна структура. Ако во ФФМ мислат дека јас имам толку голема сила, за да ѝ се наметнам на УЕФА како главен фраер од Македонија, тогаш им благодарам на тоа што толку многу ме ценат! Но, таков фраер, едноставно не постои на светот. Значи, постои институција „заштитен сведок“, но и институција на т.н. „сведок за сведок“.

Значи, се работи за сведок што ќе каже: „Да, јас бев на сослушувањата и тоа што заштитените сведоци го кажаа – и го потпишаа“. Тоа е првата работа поради која бев присутен на сослушувањето во Нион. Но, покрај мене, такви „сведок за сведок“ типови имаше уште и четворица други, од кои само јас бев Македонец. Останатите четворица беа од Германија, Австрија и Швајцарија, што потврдија дека она што го кажал заштитениот сведок, тоа е напишано и потпишано. Сите други работи, т.е. детали за клучните сведоци се заштитени, пречкртани во записите од нивните сведочења, за во случајот обвинетите да не можат да дознаат и да им прават притисоци.

Тоа сега ми го прават и мене, со притисок преку нашите медиуми, но, јас не се плашам. А, што е уште поважно, во врска со мојата улога на сведок на УЕФА, бидејќи тие имаа доволно такви „сведок за сведок“ – типови, е што судиите што ја изрекоа пресудата, а доаѓаат од Австрија, Германија, Унгарија и Шпанија, не знаат што се случило во Македонија. На нив им требаше човек што ќе им објасни што се случува на организационен, општествен, банкарски и финансиски план со фудбалот во државава.

Конкретно, нив ги интересираше, на пример, како може да функционира еден клуб, а да му е блокирана официјалната жиро-сметка и како во таков случај ги добива парите од УЕФА? Тие сакаа да дознаат како може еден наш клуб да се фали дека нивниот претседател постојано седи на клупата за резервни фудбалери, за да прави „контрола“ (како што пишуваше во одбраната на ФК Победа пред судиите во Нион)!? За што е потребен претседателот да прави контрола на теренот?

Тие не можеа да сфатат зошто така лесно тренерите добиваат откази во нашите клубови, зошто не се исплаќаат фудбалерите, зошто штрајкуваат, како функционираат обложувалниците во Македонија, каде се наоѓал хотелот каде што биле сместени фудбалерите на „Победа“ пред мечот со „Пјуник“, а каде обложувалницата што веднаш била нападната од нив со уплати на триумф на гостите од Ерменија и така натаму. Судиите беа посебно заинтересирани како се трансферирале парите од Македонија во светот и обратно, во периодот од осамостојувањето до денес. Тоа бев јас во Нион!

ФОКУС: Но, конкретно ФФМ и ФК Победа, кои за чудо во случајов настапуваат координирано, наместо „куќата на фудбалот“ да се огради од местачите, Ве посочуваат како главен сведок што ја открил местенката?

НЕДЕЛКОВСКИ: Тоа што не сака да го признае ФФМ, преку сите лажни изјави по медиумите на претседателот Харалампие Хаџи-Ристески и на секретарот Никола Костов, е тоа дека тие утрината на 17-ти април на сослушувањето во Нион, се соочија со пишаните изјави на тројцата клучни сведоци. Ниту еден од нив не сум јас. Уште повеќе, ниту еден од нив не е новинар од Македонија, како што првите луѓе на ФФМ посочуваа претходно!

Единствен што се појави таму, без страв од челниците на ФФМ, бев јас од Македонија и еден Белгиец, кого исто така не го споменуваат. Тој човек е најголемиот стручњак во светот за анализа на наместени натпревари. Но, тие него во Нион го нападнаа, со образложение дека не бил во Скопје и не го следел мечот Победа – Пјуник. Тој им рече: „Јас не гледам ниту еден натпревар! Седам во канцеларија и ги следам цифрите што се вртат по обложувалниците, односно уплатите и исплатите.“ Клучната работа што тој ја кажа беше дека сумата на пари што на таков тип на натпревар, во првото пред-коло на Лигата на шампионите, меѓу две од таков ранг екипи, на светско ниво има обрт од 100.000 евра во сите обложувалници. Значи, вкупно обрт од 100.000 евра за еден таков меч е нормална работа. А, за средбата во Скопје само минусот, т.е. исплатата за добивка во Европа на обложувалниците бил меѓу четири и пет милиони евра!

ФОКУС: Светските обложувалници загубиле пет милиони евра поради уплати дека послабо рангираниот „Пјуник“ ќе го победи македонскиот првак во Скопје во 2004 г.?!

НЕДЕЛКОВСКИ: Тоа е добивката на оние што се обложиле дека „Пјуник“ ќе ја победи „Победа“ во Скопје само во Европа! А, каде е Далечниот Исток, Азија, Јужна Америка… Пресметката на белгискиот експерт е дека на светско ниво, обложувалниците на тој меч загубиле вкупно околу 15 милиони евра! Цифрите си го кажаа своето, а Белгиецот, кој е член на голем број комисии на УЕФА, детално го опиша тоа движење на парите за средбата Победа – Пјуник со официјални суми од светските обложувалници.

ФОКУС: Значи, јасно е дека целата истрага за натпреварот од првото квалификациско коло за ЛШ, меѓу Победа – Пјуник одигран пред пет години, започнува од светските обложувалници, а не од Вас или другите сведоци?

НЕДЕЛКОВСКИ: Во ФФМ забораваат една работа. Акцијата против Победа е поведена врз база на пријава од реномирани европски и светски обложувалници! Не од Миленко, ниту од некој од Македонија. Пријавата до европската асоцијација е доставена веднаш по одигрувањето на тој меч, а службите на УЕФА на случајот си работеле изминатите пет години. Се работи за обемна операција за која до детал е разработено сѐ, а кулминираше со тешки пресуди за ФК Победа, за нејзиниот претседател Забрчанец и за тогашниот капитен Здравевски.

ЈАС НЕ СУМ ГЛАВЕН, НО ГИ ОБЕЗБЕДИВ ГЛАВНИТЕ СВЕДОЦИ ПРОТИВ ПОБЕДА

ФОКУС: Велите дека последниве две години сте еден од сведоците во случајот со ФК Победа. Како УЕФА, односно тој тим за сузбивање на фудбалскиот криминал во Европа, Ве пронајде токму Вас во врска со целата оваа приказна?

НЕДЕЛКОВСКИ: Тоа прашање ми го поставија и судиите на УЕФА што му пресудија на прилепскиот тим. На мои бизнис-пријатели од Австрија, од страна на истражителите на УЕФА, им била побарана помош во врска со тоа дали знаат некој човек, не само од Македонија, туку воопшто во регионов, што би можел да им помогне во врска со тој случај. На тој начин стапија во контакт со мене. Потоа нивни луѓе двапати дојдоа во Скопје, а јас двапати бев во Нион.

Тие детално го проучија моето резиме, спортско и животно минато и побараа од мене да обезбедам сведоци за целиот случај. Клучна нивна забелешка беше дека тие не сакаат да имаат никаков контакт со луѓе од Фудбалската федерација на Македонија, бидејќи максимално се сомнителни кон ФФМ и кон македонските фудбалски клубови. Тие бараа и човек што не е во ниту една фудбалска структура. Кај мои пријатели, фудбалски работници од странство, се информирале за сите мои делувања и донеле заклучок дека за во Македонија им е потребен Миленко Неделковски.

ФОКУС: Според ова што го кажувате, Вие сте човекот што им ги донел клучните, заштитените сведоци на обвинителите на УЕФА во случајот со Победа?

НЕДЕЛКОВСКИ: Да! Сите тројца сведоци, фудбалски работници од Македонија, им ги обезбедив јас. Тие клучни сведоци биле директно инволвирани во „местенката“, но нивните имиња не можам, ниту смеам да ги откријам! Нивните имиња не ги знаат ниту судиите на УЕФА, ниту ФФМ, ниту ФК Победа! Клучно во работата на таа комисија на УЕФА е дека не може да се сузбие фудбалскиот криминал во Европа, доколку имињата на клучните сведоци не се заштитени максимално. Сите таму се согласни за тоа, само што нашите ајвани во Македонија тоа не го знаат. Тие знаат дека не може да се открие криминал од пет милиони евра, ако на некого му понудат 5.000 евра или 500 награда. Тоа може само ако сведокот е максимално заштитен на сите начини.

ФОКУС: Значи, Вие, конкретно, не сведочите ништо против ФК Победа?

НЕДЕЛКОВСКИ: Има записници од тоа сослушување. Мене ме прашаа: „Дали знаеш дека мечот Победа – Пјуник бил наместен?“, а јас им одговорив: „Не знам, не сум го гледал натпреварот“. Ме прашуваа дали имам нешто против претседателот на прилепчани, Забрчанец – одговорив: „Немам!“. Но, мора да се знае дека четворицата судии во случајот со Победа се луѓе на кои не им е јасна ситуацијата во Македонија, од типот каква ни е лигата, кој со кого е роднина, а со кого пријател итн.

Сето тоа ги интересираше, затоа што УЕФА не е играчка, таму не се носат пресуди од ракав и врз база на изјава или сведочење само на Миленко. На пример, обвинителот во случајот со Победа е Австриец со две докторски титули по правни науки. За жал, претседателот на ФФМ, Хаџи-Ристески, има двоен стандард. Тој, кога доаѓа на посета првиот човек на УЕФА, Мишел Платини или кога добиваме донација од нив, вели дека се супер, најдобри, а кога УЕФА ќе ги казни – тогаш не им чини. Така не може.

ФОКУС: Факт е дека до изрекувањето на пресудата, во ФФМ и ФК „Победа“ се надеваа дека ќе минат неказнети.

НЕДЕЛКОВСКИ: Во „Победа“, за жал, мислеа дека целиот случај не држи, дека нема сведоци за „местенката“. Прилепчани му веруваа на Харалампие, кој во последен момент не им ни дојде на сослушувањето во Нион. Тој е најитар од сите нив и буквално ги жртвуваше. Таму се појави генералниот секретар Костов, кој не ни прозборе на сослушувањето, заедно со еден вработен во ФФМ – Жарко Игњатовски. Според моите сознанија, генералниот секретар ветувал дека се познава со обвинителот задолжен за целиот случај!

Но, за нивна жал, тоа е една премногу силна структура. Знам јас дека телефонски таму се јавувал и претседателот Хаџи-Ристески, но никој не сакал да ризикува да ги спасува прилепчани, бидејќи случајот е чиста „местенка“, за која решава судот. А судот, во случајот, беше едногласен – сите четири судии пресудија против ФК Победа. Но, прилепчани, за жал, не знаеја ништо. Тие се возеа на приказната на Хаџи-Ристески, кој кога излезе истрагата против Победа, за време на конгрес на УЕФА во Копенхаген, изјавуваше дека тој комуницирал со европската централа и дека таква истрага не постои (!?).

Си мислеа дека се работи за новинарски шпекулации, посебно тоа мислење им го подгреа секретарот Костов, кој за Нион патуваше заедно со мене и колегата од „Македонски спорт“. Тој тогаш помисли дека ние сме ја зготвиле целата чорба, што во случајот со новинарот на „Спорт“ беше ептен погрешно. Тие си мислеа дека тој е клучен сведок во случајот?!

На сослушувањето на 17-ти април, кога се соочија со изјавите на тројцата клучни сведоци, на претставниците на ФК „Победа“ и на ФФМ им се урнаа сите кули. Тврдеа, дури и во Нион класично кодошеа, мафтајќи со весникот „Македонски спорт“, кој прв објави дека Победа, Забрчанец и Здравевски ќе бидат казнети, и прашуваа: „Како може новинарите први да дознале за сѐ?“, бидејќи „Спорт“ предвреме ги објави и пресудите. Но, овој весник се покажа дека згреши, бидејќи најавуваа петгодишна суспензија за ФК Победа, а на крајот излезе казна од осум години!

 

РАКОВОДСТВОТО НА ФФМ ЗНАЕ ЗА ДРУГИ НАМЕСТЕНИ СРЕДБИ

ФОКУС: Дали имате сознанија, односно дали сте употребени како сведок или „сведок за сведок“ во случајот со некои други „местенки“ во Македонија? Веќе има шпекулации дека под истрага се и натпревари на други наши клубови во европските купови, па дури и настапите на нашите репрезентации?

НЕДЕЛКОВСКИ: Јас не сум сведок за други „местенки“, но знам дека мечот Победа – Пјуник не е единствениот под опсервација на тоа истражно тело во рамките на УЕФА. Има педесетина натпревари, а можеби и повеќе!

ФОКУС: Зборувате за евро-натпревари на македонски клубови?

НЕДЕЛКОВСКИ: Не само на клубови, туку и на македонските репрезентации! А, под истрага се и одредени наши меѓународни фудбалски судии!

ФОКУС: Значи, УЕФА му се намерачила на македонскиот фудбал?!

НЕДЕЛКОВСКИ: Не само на македонскиот фудбал, би рекол на сите „местачи“ во Европа. Во петокот, една недела пред „црниот петок“ на 17-ти април, кога на тапет беше ФК Победа, под опсервација на УЕФА беше Баерн Минхен, во понеделникот Порто, а на крајот – Победа. Сите беа на сослушување, тоа го знам, само што јас немав ниту право, ниту доволно дрскост за да прашам за што се работи во случајот со германскиот и со португалскиот шампион. Ќе се чуди целата фудбалска јавност на „стариот континент“, какви сѐ тимови и репрезентации се под сомнеж за наместени натпревари!

ФОКУС: Значи, не држат обвинувањата дека УЕФА ја избрала малата Македонија за да тренира строгост врз неа во врска со наместени натпревари со цел – добивка на обложувалница?

НЕДЕЛКОВСКИ: Апсолутно! Видете дека ги испоапсија сите фудбалски судии во Полска, како и газдите на големите клубови во Романија!

ФОКУС: Да, но таму делуваа полската и романската фудбалска федерација во заедничка акција со нивните безбедносни служби, а не УЕФА, каков што беше случајот со ФК „Победа“.

НЕДЕЛКОВСКИ: Затоа што Полјаците и Романците беа посвесни и попаметни од нашите во ФФМ и наместо да чекаат европската фудбалска централа да им ги казнува клубовите и фудбалските работници, си ја завршија работата сами. Полската и Романската федерација не сакаат да се соочуваат со казни, какви што нашата ФФМ ја очекуваат од УЕФА.

ФОКУС: Сметате дека случајот со ФК Победа може да се одрази и врз Фудбалската федерација на Македонија?

НЕДЕЛКОВСКИ: Конкретната „местенка“ – не. Но, оние останати 50-тина натпревари што се под истрага – и тоа како може да ѝ наштетат на нашата федерација и на оние што ја водат!

ФОКУС: Сакате да кажете дека некои личности од раководните структури на ФФМ имаат вмешано прсти во тие „местенки“?

НЕДЕЛКОВСКИ: Да. Целокупното раководство на ФФМ!

ФОКУС: Па, нели челниците на ФФМ имаат одлична релација со првите луѓе на УЕФА, нели се под нивна заштита и токму оттаму ги спасија во ланските смени од страна на фудбалската опозиција во земјава?

НЕДЕЛКОВСКИ: Тие и понатаму си имаат одлична соработка. Си градат стадиони, си даваат финансиска и помош во спортска опрема, но оваа служба што ги брка фудбалските криминалци е комплетно независна од останатите служби на УЕФА. Хаџи-Ристески не може да се надева на одбрана од страна на својот пријател Мишел Платини, бидејќи тој систем таму не функционира како што некој сака да си го замисли. Платини не е претседател на УЕФА од типот на претседател на една држава, па да може некому да му даде аболиција (помилување). Тоа не постои во светот на фудбалот.

Кога Германската фудбалска асоцијација (DFB) не успеа да си го спаси својот еминентен фудбалски судија (н.з. Хојцер), тогаш што да образложуваме понатаму. Треба да се гледа пораката што УЕФА, најпрво, ја пушти преку германската ДФБ. Па, таа служба има записи од телефонски разговори! Да знаете само колку мобилки се прислушувани на нашите местачи од кои едни добија пресуда, а другите допрва ги очекува „стапот“ на УЕФА?! Има најмалку 15 луѓе од Македонија чии „местенки“ по телефон се фатени!

УШТЕ ДЕСЕТ КЛУЧНИ СВЕДОЦИ ЗА 50-ТИНА „МЕСТЕНКИ“!

ФОКУС: Освен Победа, според Вашите зборови, многу се валкани и се наоѓаат пред разврска и останатите случаи со „местенките“ во кои се вмешани Македонци?

НЕДЕЛКОВСКИ: Победа – Пјуник беше чист случај, додека за останатите се води борба. Јас знам што ќе се случи, но не сакам да кажувам ништо и со тоа да им создадам предност на фудбалските криминалци од земјава. Да не се залажуваат, бидејќи покрај тие тројца заштитени сведоци во врска со мечот Победа – Пјуник, има уште десет други за останатите 50-тина натпревари што се под истрага! Тие луѓе веќе се интервјуирани, ги дале своите искази и сигурен сум дека ќе биде интересно и во иднина. Допрва следува лавина на казни за наши клубови и фудбалски работници!

ФОКУС: Може ли да се случи некои од тие случаи, УЕФА да ги проследи до ФФМ и до македонските истражни органи, па тие, како во Полска и Романија, сами да си ги бркаат криминалците?

НЕДЕЛКОВСКИ: Не, не, нема шанси. Тие немаат никаква верба во ФФМ. Колку што јас знам, македонските органи, пак, би можеле да реагираат ако УЕФА или ФФМ им достават комплетни материјали, но не знам дали тоа ќе се случи. ФФМ не проаѓа кај ова тело на УЕФА, а раководните луѓе на нашата федерација тоа добро го знаат. Па, тие самите знаат кои натпревари на нашата А-репрезентација се наместени! Ќе кажам дека не се работи само за загубениот меч од Андора, како и дека за истите има видео-снимки!

Исто така, во ФФМ знаат и кои сѐ средби на младинската селекција и на онаа под 19 години се договорени, како и колку пари се носени во домовите на некои наши фудбалски работници! Има детални анализи за движењата на некои наши репрезентативци на конкретни натпревари при примањето на гол, што имплицираат дека средбите се договорени! УЕФА има сѐ, таа не остава така на случајот.

ФОКУС: Едно време се споменуваше и за „местенка“ на мечот на „Победа“ против „Хамбургер“ во рамките на Интертото купот, за чие „штелување“ на резултатот во корист на обложувалниците обвини Велибор Џаровски-Џаро!

НЕДЕЛКОВСКИ: Ма тој меч веќе не е ни интересен, по откривањето на оние другите, далеку поголеми и поатрактивни средби за УЕФА!

ФОКУС: Велите дека во „местенките“ се вмешани и репрезентации, што претпоставува дека за тоа знаеле и одредени наши репрезентативци. Може ли да се случи и кариерата на некој наш актуелен репрезентативец предвреме да заврши со доживотна суспензија од УЕФА?


НЕДЕЛКОВСКИ:
Како да не! И не само во Македонија, и не само македонски клубови, фудбалери и фудбалски работници.

ФОКУС: Сега сите се обидуваат со Ваша дискредитација да го забошотат јасниот случај дека некој наместил фудбалски натпревар со цел да се збогати со добивка од обложувалници со што стави црна дамка на македонскиот фудбал!

НЕДЕЛКОВСКИ: Сум минал низ многу омаловажувања и потценувања, па ќе го преживеам и ова. Но, сѐ уште чекам некој од инволвираните да ми одговори на прашањата: Дали бил наместен мечот Победа – Пјуник? Дали намерно се пуштени толку и толку голови на репрезентативен меч? Дали е договорен таков и таков исход на друг натпревар на нашата репрезентација и сл.

ФОКУС: Дали не се пресилни Вашите зборови во врска со истрагата за натпревари на нашите репрезентативни тимови или, пак, сте можеле таа информација да ја добиете од истрагата на УЕФА?

НЕДЕЛКОВСКИ: Јас само кажав дека има под истрага и такви натпревари, а не дека тие сигурно биле наместени. А, дали ќе има казни или не, тоа ќе го каже УЕФА.

Фудбалската федерација со тројца, а прилепчани со еден претставник на сослушувањето во Нион
ФФМ ВО ЦЕЛОСНА ЗАШТИТА НА ФК ПОБЕДА – КОНТРА УЕФА

ФОКУС: Бидејќи сте директно инволвиран во целиот случај со „местенката“ на ФК „Победа“, како го оценувате однесувањето на ФФМ во оваа ситуација. ФФМ, која е тука за да ги штити интересите на македонскиот фудбал, по малку чудно, и по изрекувањето на пресудата од страна на УЕФА, со ниту еден потег не ги осуди прилепчани, дури напротив, се чини дека се ставени во целосна заштита на местачите?

НЕДЕЛКОВСКИ: Од четворицата што беа во одбрана на ФК „Победа“ на сослушувањето во Нион, тројца беа од ФФМ, а само еден од таборот на прилепскиот клуб! Треба ли нешто друго да се каже? Таму не дојде Николче Здравевски, осуден на доживотна суспензија од фудбалот, со образложение дека немал пари, но затоа честа на прилепчани ја бранеа генералниот секретар на ФФМ, Костов, референтот Игњатовски и членот на Надзорен одбор на ФФМ, извесен Симон, што изигруваше адвокат на целата екипа, а е зет на четвртиот во целиот тим – доживотно суспендираниот Ацуле Забрчанец.

Тие сметаа дека УЕФА функционира како ФФМ, во што се излажаа. Посебно што телото за истрага на наместени натпревари е во рамките на УЕФА, но делува комплетно независно, со свој буџет, комисии, вработени. Основен мотив е што УЕФА губи многу пари, но и реноме и гледаност. Е, сега, за жал, ФФМ се стави, и де факто и де јуре – во одбрана на организираниот криминал! Наместо да почекаат како ќе заврши целиот случај и потоа да се согласат со одлуките на УЕФА, од нашата федерација ги вложија сите средства, сили и напори да го одбранат прилепскиот клуб.

Сега дури и најавуваат дека ќе ја чекаат одлуката на второстепената комисија на УЕФА, по жалбата на ФК „Победа“. Но, знаат ли тие, како прво, колку сето тоа ќе ги чини, а потоа и што ги очекува како аргумент плус од страна на обвинителот во таа постапка? Јас знам, но нема да им кажам! Тоа не е како во Македонија, само пиши жалба, бидејќи во ФФМ и Победа не се свесни што ги очекува ако загубат и на повисоката судска инстанца. Плус, второстепената комисија многу брзо ќе одлучи, недела-две по истекот на рокот за жалба (24 април).

Нема никаква награда за сведочењето
ДОБИВ САМО СОЛИДНИ ДНЕВНИЦИ, СМЕСТУВАЊЕ ВО ЕЛИТНИ ХОТЕЛИ И ПРЕВОЗ ВО БИЗНИС-КЛАСА!

ФОКУС: Дали Вашиот ангажман во рамките на ова тело на УЕФА беше платен, се шпекулира дека добро сте се „омрсиле“ од европската асоцијација за сведочењето?

НЕДЕЛКОВСКИ: Немам добиено буквално никаква награда, парична или слично. Такво нешто воопшто и не ми следува. Точно е само дека добив извонреден третман од нив, платени авионски билети во бизнис-класа, сместување во луксузни хотели, плус солидни дневници и покривање трошоци. Но, ништо повеќе.

ФОКУС: Ова прашање Ви го поставувам од причина што самите Вие на Вашата емисија на ТВ „5+“, истакнавте дека, ако порано ви било предизвик да станете претседател на ФФМ, сега целите на позиција во некоја од комисиите на УЕФА! Дали можеби сте добиле ветување за една таква награда од УЕФА, а за возврат да сведочите за „местенките“ во мак-фудбалот?

НЕДЕЛКОВСКИ: Не, немам такви аспирации. Инаку, моето објаснување беше во контекст на тоа дека во изминатиот период, кога имаше конкурси за генерален секретар на ФФМ, сите ме прашуваа зошто не се кандидирам, па јас одговарав дека тоа не го правам, бидејќи сакам да бидам претседател на нашата фудбалска федерација. Сега, пак, кога ми велат: „Што не се кандидираш за претседател на ФФМ?“, само колку да им ги замолчам устите, велам дека ми е предизвик некое место во УЕФА!

Не се грижи за својата безбедност, но…
СИТЕ СЕ ПРОТИВ СВЕДОКОТ МИЛЕНКО, А НИКОЈ ПРОТИВ „МЕСТАЧИТЕ“ ОД ПРИЛЕП!?

ФОКУС: Како ќе продолжите да функционирате, да живеете во Македонија, кога сите Ве обвинуваат дека сте кодошеле македонски клубови во УЕФА, врз основа на што е оцрнет и македонскиот фудбал? Плус, Ви гарантира ли некој и лична безбедност?

НЕДЕЛКОВСКИ: Искрено, не знам како ќе се заштитам. Јас сум тука, немам намера да ја напуштам државава, ниту да бегам од некого. А, како што претходно напоменав, јас бев ангажиран од УЕФА како човек на кого тие му веруваат. Јас кај нив „играм“ по принципот, на пример, упатувам дека за одреден меч сведок е економот на клубот и тој сведочи. Е, сега, ако на крајот излезе дека лажел – јас ќе го загубам кредибилитетот кај тие луѓе и веќе нема да бидам она што сум во нивните очи.

Сега не знам колку тие ќе ги користат моите услуги за во иднина, но имам договор што го одработувам. Факт е само дека во случајов воопшто не се работи „За“ или „Против“ македонскиот фудбал. Тоа е изместување на тезите. Основното прашање е кој местел натпревари на македонски клубови и репрезентации во Европа, а не кој е сведокот! Ние, по изрекувањето на драконските пресуди за ФК „Победа“ и нејзиниот претседател, односно екс-капитен, досега не слушнавме некој да каже дали и како бил наместен тој меч, туку слушаме само обвинувања и дискредитација на сведоците.

Ниту претседателот на ФФМ, Хаџи-Ристески, ниту првиот човек на ФК Победа, Забрчанец, ниту Здравевски, ниту медиумите, тоа досега не го кажаа, туку сите се фатија за тоа дека Миленко бил сведок!

Поврзани новости