Дали Македонија за Азири ќе биде мајка, а за Богојески и Ковачки маќеа?

by Fokus

Се уште се чека дали надлежните органи ќе утврдат вина кај државниот секретар за култура, Валмир Азири кој пред неколку дена на својот профил на Фејсбук објави статус во каде се говори дека Азири „ќе крши раце и нозе на антиалбанци“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска пред неколку дена истакна дека ќе почека целосно расветлување на оваа ситуација, а доколку се утврди вина кај Азири, најавена е санкција против него.

По таквиот тек на настаните, пратеникот Антонијо Милошоски поднел пријава до МВР против Азири за ваквиот статус, а од ВМРО-ДПМНЕ побараа негово разрешување. Дали ќе дојде до таков епилог, се уште не е јасно, а претходно две лица претрпеа штета поради искажан став на социјалните мрежи.

Политичкиот активист Петар Богојески беше разрешен од функцијата државен советник откако против него беше покрената дисциплинска постапка поради објава на социјалната мрежа Фејсбук. Тој е разочаран што законите не важат подеднакво за луѓето.

„Хибриден режим е кога едни правила важат за припадниците на режимот / власта, а други за граѓаните. Еклатантен пример се јавните закани на еден припадник на власта и непокренување на постапки против него, а од друга страна мои изјави како обичен граѓанин и политички активист, во кои нема ништо спорно или заканувачко, но затоа пак има кривичен прогон, отказ од работа, парични казни и сл. Тоа е само еден пример за илјадници граѓани, кои живеат под јаремот на оваа власт, од ЕУ оценета како хибриден режим“, вели Богојески за „Фокус“.

Исто така, полковникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, минатата година доби дисциплинска мерка, односно беше казнет со 30 проценти од плата во траење од шест месеци. Тогаш се утврди дисциплинска одговорност на полковник Ковачки по три основи: Поради испратена порака преку Вибер до началникот на ГШ, во која изнел закани, клевети и обвинувања, политичка објава на Фејсбук во кој изнел неосновани обвинувања за врховниот командант на Армијата, претседателот Стево Пендаровски и поради јавните настапи на полковникот при што тој не ги почитувал насоките од Правилото за односи со јавноста на Армијата, усвоено во 2016 година.

„Главната воено дисциплинска комисија утврдила вина на полковникот Драган Ковачки за сторени повреди по членот 131 став 2 точка 13, 17, 22, 28 и 31 од Законот за служба во Армијата. Еден од основите за кој е утврдена вина е и точката 13 од наведениот член и став, „повреда на достоинството и авторитетот на претпоставен и постар“, бидејќи упатена е закана од полковникот Драган Ковачки кон началникот на Генералштабот, која гласи – „долга е раката на ВМРО“, соопштија тогаш од МО.

Политичкиот аналитичар, Петар Арсовски смета дека во инситуциите нема простор за никаков вид на насилство, и според него, тешко дека ваквите состојби ќе се сменат во иднина.

„Мислам дека оваа ситуација е производ на подолгорочна политичка криза, високи тензии, биполарен политички амбиент, во кој опонентите се гледаат како непријатели, па имате ескалации од типот на бојкот, активен бојкот, целосна блокада на институции, и слично. Не гледам простор дека ова драматично ќе се подобри, се додека не се воспостави елементарен политички инклузивен дијалог. Треба да се воведе некаков псеризен механизам или пракса за редовни дијалози – прво на политичко ниво, па потоа тоа да се прелее на институционално ниво“, ни порача Арсовски.

Историјата не памети кога функционер кој е кадар на ДУИ добил некаков вид на санкција по било кој основ во оваа држава, а притоа направил некаков прекршок. Доколку сакаме да функционираме како држава која се стреми кон влез во ЕУ, редно време е законите да бидат за сите, а не некои да куртулуваат од одговорност.

Ј.Ц.

Поврзани новости