Зоран Ставрески кој има обичај дупките во буџетот да ги пополнува со кредити земени од банки, што домашни што странски, својот познаник, индискиот милијардер Субрата Рој, кој исто така во изминатава година имаше финансиски проблеми, може да го посоветува од која точно банка и тој да побара помош, со песната „Ево банке цигане мој“
Љубчо Георгиевски, делумно поради тоа што (наводно) е сопственик на бугарски пасош, а делумно и поради тоа што редовно дава изјави со кои самиот си го руши и онака малиот рејтинг што го има, и ич не е свесен каква штета им прави на своите коалициони партнери со тоа, во новата година може да влезе со песната „Ја нисам одавле“
Бранко Црвенковски, кој годинава конечно одлучи да го остави СДСМ без неговото штетно влијание, во обид да ѝ се извини на неговата партија за сѐ лошо што сторил за неа, сигурно ќе ги повика свирачите да ја засвират песната „А сада идем што даље од тебе“ во која лично Бранко ќе ги пее стиховите, кои почнуваат со „Опрости што сам био бараба, јер нисам знао да си тако слаба…“
Сашо Мијалков, кој пред суд се пожали дека критиките на „Фокус“ кон неговиот лик и дело му нанеле душевни болки и страдања, може за успешен влез во Новата година да побара да му ја запеат онаа славната кафеанска песна од легендарниот Тома Здравковиќ во која рефренот ќе го адаптира малку за да се согласува со неговата ситуација, па ќе звучи: „Затворите све независне медиуме, нек се моја душа смири…“
Радмила Шекеринска и Зоран Заев, како заедничко водство на новиот СДСМ, годинава, а и наредната ги очекуваат избори, кои ако ги изгуби партијата што ја водат, ќе доведат и до нивното лично заминување од политичката сцена. Затоа, во новата година тие можат, како Анџела и Дражен што пееја на времето во дует, да влезат заедно со песната „Има ли наде за нас“
Али Ахмети пак, кој што откако е дојден во Македонија саде успеси и победи ниже, и чиј што живот во Македонија е удобен, сигурен и безмалку совршен, нема зошто да тагува по Швајцарија, земјата со која сигурно го врзуваат многу убави спомени. Едноставно арно му е и тука, па нека си ја запее слободно пред новата година онаа на Дино Мерлин „Мој је живот Швицарска“
Стојанче Ангелов, некогашен заменик-командант на специјалната полициска единица „Тигар“, бранител од војната во 2001-та (во која беше и тешко ранет) и сегашен лидер на партијата „Достоинство“, неодамна најави дека ќе се кандидира на претстојните претседателските избори. Бидејќи според неговиот профил на Фејсбук тој е фан на групата „Београдски синдикат“, во согласност со неговата досегашна биографија и идните му намери сосема добро ќе му легне текстот од нивниот голем хит „Нема повлачења, нема предаје“.
Конечно, Никола Груевски, кого во 2014-та го очекуваат сериозни политички предизвици, а се чини дека и буџетот нема да може да се полни а ниту пак од странство кредитите ќе доаѓаат како некогаш, може да влезе во Новата година со песната на легендарниот Предраг Живковиќ Тозовац, „Празна чаша на мом столу“ чиј што наслов сосема ја доловува ситуацијата пред која ќе биде исправен премиерот наш во годината што иде.