САД преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) доделија дополнителни 450.000 долари за поддршка на Северна Македонија во борбата против пандемијата на КОВИД-19, со што нивниот вкупен придонес достигна 1,5 милиони долари, соопшти Американската амбасада во Скопје.
Овие дополнителни средства ќе бидат наменети за поддршка на координација, планирање, следење, работење и логистика, кризна комуникација и вклучување на заедницата и управување со случаи и спречување и контрола на инфекции во здравствените установи, во партнерство со Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Во изминатите 20 години, САД имаат инвестирано повеќе од 738 милиони американски долари во вкупна помош за Северна Македонија, од кои 11,5 милиони американски долари само како помош за здравството.