Политичка хименопластија

by fokus

Замислете дека сте професионален консултант за спин и пропаганда и дека некоја партија ве ангажира за претстојните претседателски избори биографијата на некој нејзин виден приврзаник да ја исчистите од сите дамки, со цел да го направите чист и невин „џоа бебенце“ и на тој начин пред гласачите да го подготвите за кандидирање за функцијата шеф на државата. За добра пара, вие како вистински професионалец ќе се согласите да извршите политичка хименопластија на наведениот човек, и веднаш почнувате да давате идеи и насоки не толку за бришење колку за објаснување на мааните што пред гласачкото тело политичкиот противник на вашиот клиент сигурно ќе ги обелодени и потенцира.

Почнувате хронолошки:

1. Маана: Нашиот клиент има титула „доктор на науки“. На прв поглед, тоа е добро оти пред гласачите може да го претставиме како интелектуалец, арно ама за титулата има врзано мал скандал. Имено, некои злонамерни новинари тврдат дека неговата докторска дисертација всушност е плагијат! За среќа на клиентот, тој докторирал во времето на СФРЈ и благодарение на неговите врски со видни лица од тогашната комунистичката елита, докторатот не му бил поништен. Иако му стои како дамка.

Спин: Ова не е никаква маана, баш напротив, ова е основа за добар спин. Имено, токму ова можеме да го искористиме за клиентот да го прикажеме како токму човекот што ја разбира маката на Македонија! Оти нели, и на Македонија некој ѝ го оспорува идентитетот и тврди дека  нашата историја е фалсификат, или поточно плагијат и дека сме ја украле од соседите!

Оној што ќе им верува на тие што тврдат дека клиентот направил плагијат на докторатот треба да им верува и на Грците кога велат дека нашата античка историја сме ја украле од нив! А бидејќи тие што веруваат во тоа се предавници, предавници се и оние што веруваат во обвинувањата за плагијат.

2. Маана: Патриотизмот на нашиот клиент е ставен под знак прашање. Имено, кога се распаѓаше Југославија, и кога од сојузните служби се вратија да работат за македонската држава многу дипломати, офицери и административци, тој не се врати, туку остана во Белград уште некое време. Некои велат дека работел за КОС и плус дека самиот им се понудил, да соработува со нив на тоа да се стави Македонија во составот на една намалена (без Словенија и пола Хрватска) Југославија, која што држава би била под српска хегемонија!

Спин: Е вака сега. Ќе му направиме интервју и во него нашиот новинар ќе му го постави ова незгодно прашање. И тој ќе одговори дека тој сакал да се врати во Македонија, ама Киро Глигоров лично го замолил да остане во Белград и да глуми дека сѐ уште ѝ е лојален на Југославија! Значи тој сакал, ама Киро не му дал да се врати и тоа не оти него го мразел Киро туку баш затоа што имал максимална доверба во него, и затоа го оставил. Затоа и тој самиот им се понудил на КОСовците да работи со нив против Македонија. За да се осигура Киро, стариот лисец, дека негов човек ќе ги „вози“ оние од Белград што не ѝ мислеле добро на независна Македонија.

Впрочем, токму поради тоа што добро ја одиграл улогата на „лажен предавник“ по враќањето во Македонија, нашата држава го наградила со амбасадорска функција. Да бил тој навистина предавник – немало да биде поставен на таква позиција. Значи он не бил предавник, он само глумел предавник. И поради тоа нему му бил нарушен угледот, до ден денешен му го вадат тоа останување во Белград како дамка, кога баш заради интересите на Македонија останал во Белград, не за да нѐ шпионира нас за нив, туку да ги шпионира нив за нас!

3. Маана: Трета и најголема дамка во кариерата му, е случајот кога негов потчинет беше фатен на унгарската граница со шише полно со стотици илјади евра кои тајно се обиде да ги пренесе без да ги пријави на царинските служби. Ние направивме на времето некој спин дека тоа нема врска со него и дека потчинетиот го направил тоа без да му каже на шефот, ама изгледа дека народот во тоа не верува…

Спин: Па нормално е дека нема да верува народот во таков глуп спин! А требало баш обратно да одите, не тој да каже дека нема врска со тие пари во шишето, туку баш напротив дека тој лично ги ставил парите во шишето! Спинот не е лажење или премолчување на непријатните факти, спин е свртување на фактите во своја корист, без оглед на тоа какви се тие. Еве што требало да кажете тогаш:

– дека станувало збор за некоја ќерка на наш бизнисмен која студирала во Будимпешта, и која ја киднапирале некои си криминалци таму.

– дека киднаперите барале три милиони евра за да ја ослободат и дека нејзиниот татко немал толку пари, па нашиов клиент се понудил да помогне и со совети и со свои пари.

– дека благодарение на неговото дипломатско искуство, тој успеал да преговара со киднаперите и да ги убеди да ја намалат откупнината на половина, па на половина од половината од првобитната сума!

– дека парите биле ставени во шише намерно, за да може да се пренесат преку граница без знаење на царинските служби на Србија и Унгарија, баш затоа што добил информации нашиот клиент дека во киднапирањето на девојчето биле вмешани и луѓе од српската и унгарската полиција.

– дека запленувањето на парите на унгарската граница намерно сме го договориле со унгарската влада, значи не бил курирот фатен туку тоа намерно е организирано, за да се залажат киднаперите дека парите што требало да им се дадат биле пресретнати, со цел да се натераат да согласат со помала сума која полесно ќе може да се пренесе преку граница тајно.

– дека киднаперите се согласиле на новата помала сума, дека размената била изведена и дека девојчето е сега на сигурно, но нејзиното име и името на семејството не смееме да го соопштиме оти сакаме да ги заштитиме од понатамошни трауми.

– тоа значи дека аферата со шишето не е никаков скандал туку баш напротив! Дека таа е дел од еден херојски чин на нашиот клиент со кој тој треба да се гордее а сите ние да му бидеме благодарни!

 

ЗАКЛУЧОК: Тоа што нашиот клиент има дамки во биографијата не е ништо страшно, оти и докторот има дамки на белиот мантил после операцијата, ама баш затоа што спасил нечиј живот за време на операцијата. Дамките во кариерата на нашиот клиент се добри дамки, оти тие се доказ дека спасил живот и дека го жртвувал својот углед за Македонија кога ѝ било најтешко! И затоа, не само што можете туку и морате да го кандидирате токму него за претседател. Оти после сѐ што тој направил за оваа држава, време е и оваа држава да направи нешто за него!

Поврзани новости