Кој кого може и сака да промени?

by Фокус

Во нормалните држави, народот се смета за даден, и сите негови традиции, преференци, менталитет, карактер, темперамент, табуа и слични одлики, се практично непроменливи, оти се градени со векови и акумулирани низ долг и често болен процес на бавна еволуција на националниот идентитет. Затоа, секоја власт која сака долго време да остане на власт во таква една држава, се труди да се адаптира на желбите и барањата на народот со кој владее, оти ако премногу отскокнува од очекувањата на гласачите – на следните избори нема да ги добие потребните гласови за да остане на власт.

Е ама кај нас, секогаш е обратно! Тука власта се смета за дадена, и таа верува дека ако нешто не штима во односите меѓу неа и граѓаните, проблемот е кај граѓаните кои не се доволно национално освестени, или пак се со застарени сфаќања, или пак се мрзливи, со неотворени срца, со лоши навики, немаат претприемачки дух, мрзливи се… и дека како такви, треба прво да бидат тие променети, за да може да станат достојни на власта која им укажала чест со тоа што, ете, владее со нив.

Во нормалните држави, народот ја менува власта на избори, а кај нас, во нашава терсене држава власта со сите сили се обидува да го промени народот преку поткупи, вработувања во државни служби, пропаганда, демагогија, или ако некој едноставно не се вклопува во калапот во кој сака да го стави власта – и покрај сите нејзини напори – таа го исфрла од системот, со тоа што го приморува да бара чаре во странство.

Метафорички кажано, во нормалните држави се сади жито и се корне плевел. Кај нас, ние небаре сме решени да садиме само плевел и упорно да го корнеме житото кое по грешка никнало. А бидејќи мудроста вели дека што си посеал тоа и ќе жнееш, во нормалните држави жнеат добро жито од кое прават и леб ама и погача, додека кај нас, кај што само на плевелот му се дозволува да никне – пасеме трева, оти жито нема ни за леб ни за погача. И додека во нормалните држави граѓаните рикаат како лавови кога власта ќе ги изнервира, овде граѓаните блејат како овци, чекајќи да бидат острижани и измолзени, пред да ги изеде волкот.

Поврзани новости