Како смеете да им верувате на сопствените очи, а не на власта?

by fokus

Деновиве конечно кулминираше долгиот процес на „правење на Тошо за сѐ“ кој што започна пред неколку години, всушност веднаш откако стана премиер Никола Груевски.

Прво, Никола Груевски, кој што беше министер во сите влади на Љубчо Георгиевски во периодот 1998-2002 се дистанцираше од тој период заедно сосе целата му партија, и уште во 2006-та почна да зборува дека „СДСМ беше на власт во изминативе 15 години“. Во 2011та пак, иако веќе беа на власт вмровците петта година, тврдеа во предизборната кампања дека „СДСМ е на власт веќе 20 години“!

После тоа, не требаше никого да изненади кога една поддржувачка на Никола Груевски, во 2012-та на контра-протест изрази желба „оваа влада да падне и да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт“.

ВМРО-ДПМНЕ освен тоа што од своето основање до ден денешен е во опозиција (и упорно чека оваа влада да падне за конечно да дојде на власт) во првите тринаесет години од своето постоење немаше претседател. Ако мислите дека претседател во периодот 1990-2003 ѝ бил Љубчо Георгиевски, тогаш сигурно ве лаже умот, оти токму партијата која тој „наводно“ ја основал и раководел и од чии редови „као демек“ бил премиер цели четири години  – најжестоко се има дистанцирано од него.

Слична судбина со она на Љубчо дели деновиве и Бранко Героски. Исто како што Љубчо никогаш немал врска со ВМРО-ДПМНЕ и затоа редовно е мета на неговите напади, така и Геро никогаш немал врска со „Дневник“ весникот кој што очигледно тој никогаш не го основал оти токму во тој весник деновиве се води вистинска хајка против него!

Тоа за жал е Македонија, вистинска терсене држава во која наведените парадокси не се единствените.

Во нашава земја за еден (цел, се разбира) генерал на специјалната полиција Стојанче Ангелов кој беше тешко ранет во битката за Арачиново во војната од 2001-та, веќе неколку години провладините новинари јавно се прашуваат дали тој бил воопшто бранител во таа војна, оти наводно, тие лично не го виделе на фронтот. На кој што ни тој нив ги нема видено, најверојатно затоа што тој бил на фронтот, а тие не биле, па затоа не се ни виделе едни со други.

Во нашава земја доживеавме, после срамната пресуда против „Фокус“ по тужбата која ја поднесе Сашо Мијалков против весникот, провладините медиуми да тврдат дека Фокус се буни сега, а не се бунел кога беше осуден Никола Младенов во тужбата за клевета која му ја поднесе на времето Бранко Црвенковски.  За ваквите „новинари“ очигледно не се смета како бунење објавувањето во неделникот „Фокус“ на преку сто текстови во тој период во кои жестоко беше разобличена таа срамна пресуда, од сите нејзини аспекти, од формални и правни преку политички и персонални до морални и историски!

Како што Љубчо немал врска со ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски не бил никогаш во неговата влада министер, Бранко Героски никогаш ниту го основал ниту работел во „Дневник“, Стојанче Ангелов не се борел за Македонија во војната од 2001та, и Никола Младенов и „Фокус“ никогаш не се бунеле против власта на Бранко Црвенковски, така и мајките на провладини новинарки чии фирми добиваат тендери од владата и синовите на пратеничка од владејачката партија кои станале сопственици на големи станови во центарот на Скопје – не се во роднинска врска со своите… најблиски роднини,  и по таа основа во нивните имотно-правни состојби и деловни подвизи нема ништо спорно, сомнително и незаконско.

Единствено, можеби има само нешто „малку неетично“ ваму или таму. Налик на млада девојка која е само „малку бремена“.

Поврзани новости