Бранко Црвенковски не може да го воскресне СДСМ!

by Фокус 12:00
12:00

Текстот е објавен на 15 август 2008 во неделникот „Фокус“ број 685

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

- Advertising -

ФОКУС: Бидна аболицијата ама случајот Заев, условно речено, и натаму се тркала во јавноста. ВМРО ДПМНЕ речиси секој ден држи по некој прес во кој паралелно се занимава де со Вас, де со ликот и делата на Црвенковски. МВР не штеди пари преку платени огласи да ја пласира својата приказна за Глобал. Имам впечаток дека веќе како сами да ја биете битката. Вашата партијата молчи?!

ЗАЕВ: Овие денови, после аболицијата масовно преку дневните весници и националните електронски медиуми се објавува актот од МВР со кој што сум осомничен за злоупотреба на службена должност. И за оваа намена се трошат огромни финансиски средства од буџетот, народни пари. Во овој дел секојдневно чувствувам како власта со сите инструменти кои што ги има максимално се труди докрај да ме омаловажи, да ме скрши, да ме исклевети, да ги наруши мојата чест и углед. За сите овие работи следува и кривична одговорност. Не сум одлучил дали ќе поведам судски постапки, но во дел од текстовите кои што се напишани по дневните весници стојат и лични навреди како „кускулето Заев“ и слични работи напишани од одредени новинари.

ФОКУС: Па, тоа е „стилот“ на Латас!

ЗАЕВ: Точно така, напишано од Латас. Маиците што како привезок на политиката ги направи една невладина организација со пораката „Јас сум Заев, јас сакам 8 милиони евра“, е директно обвинување дека некој е криминалец. Инаку да појаснам дека 7-те милиони и 800 илјади евра потекнуваат од купопродажни договори на со-инвеститорот, истиот оној кој што вложил 13 милиони и 250 илјади евра за изградбата на Глобал, а ќе му требаат уште 5-6 години да ги вратат средствата кој што ги инвестирал во објектот и дури потоа да заработи. Иако истражните органи и Обвинителството го знаат сето ова како и МВР, сепак молчат. Во секој случај сигурно ќе покренам кривични постапки против одредени институции,  одредени луѓе, а барањето за надомест на штетата ќе го искористам за донирање инвалидски колички за децата во Банско, можеби и за некој културен центар за младите во Струмица.

ФОКУС: Спорна е самата аболиција што ја даде Црвенковски бидејќи вие велите дека тој видел дека вие нема да имате фер судење. Но, зошто се ставате како исклучок? Зарем сите останати осомничени за слично дело имаат фер судење?! Па истите судии со години делат „правда“. Притворите масовно се изрекуваа и во времето кога СДСМ беше на власт за слични случаи како Глобал? Не реагиравте кога Хари Костов делуваше вака?! Ниту Вие тогаш, ниту пак сега некој од ВМРО ДПМНЕ, не реагира во стилот: „луѓе, доста беше, дајте да промениме нешто“?!

ЗАЕВ: Се согласувам со оваа констатација и јас како потпретседател на СДСМ, еве, го отворам прашањето. Сметам дека ова е лоша работа и дека не треба на никој да му се случува. Прво не може да кажам дека некој е виновен додека трае истрагата и кога е во притвор. Јас имам партиска функција една и пол година. Кога ова се случуваше во минатото како обичен член не сум имал можност да реагирам, ниту пак некој ќе го слушнел мојот глас. Она што многу ми е важно и што сакам да го кажам е дека се надевам дека мојот случај ќе биде пример понатаму да не се повторуваат вакви работи. Уште повеќе, што обичните граѓани и не можат јавно да се пожалат за многу работи. И еве во нивно име за претходни и за некои идни случаеви да се надеваме дека барем ќе се почитува принципот на презумпција на невиноста, а дека на секој граѓанин ќе му биде овозможено фер судење. Во мојот случај беа направени 7 преседани кои што за прв пат се случуваат. Истражниот судија изрече мерка да се браниме од слобода, а тој е единствениот кој што ги разгледува доказите и кој што ги сослушува осомничените.

ФОКУС: Но, тоа може да се толкува и како пристрасност на тој судија или барем попуштање под притисокот од протестите на вашите сопартијци пред судот. Со потпис на истиот истражен судија многумина со слична кривична пријава на вашата минаа повеќе од сто дена во притвор …

ЗАЕВ: Да, но тој истиот Реџепагиќ има изречено притвор и за луѓе од СДСМ . Се работи за тоа дали има или не основа за бранење од слобода или со мерка притвор. Се работи за принципиелни работи.

СУДИИТЕ ЌЕ ИЗЛЕЗАТ НА ПРЕС

ФОКУС: Токму тука не го гледам принципот. Доктор Слободанка Шуклева за да не избега или да не го повтори делото окапа 4 месеци во притвор, а при тоа во Шутка ѝ носеа на потпис налози за плата. Истиот Реџепагиќ е еднакво сомнителен колку и оние од кривичниот совет што во стилот на пинг-понг, на крајот вас ве сместија во притвор. Вие изјавувавте дека одредени судии биле под притисок. Па тој судија кој што дозволува да работи под притисок, а јавно не реагира не му е местото во судството.

ЗАЕВ: Не треба да дозволиме во нашата држава да го изгубиме и последниот механизам за заштита на правата и правдата, а тоа е веќе дозволено многу години наназад, не само од оваа власт, туку и од претходните влади кои што беа предводени од СДСМ. Кога на крајот ќе ја изгубите последната надеж дека ќе добиете правда, тогаш не постои никаков основ зошто во иднина да се надеваме нешто или, не дај Боже, да имаме храброст да почнеме нешто да работиме, без разлика дали станува збор за газда на некоја приватна фирма или е обичен работник или е политичар. Сето ова е веќе целосно нарушено.

ФОКУС: Изјавивте дека еден министер се јавувал кај судиите , зошто не го кажете неговото име?

ЗАЕВ: И што ќе се случи после тоа?

ФОКУС: Па ќе реагира јавноста.

ЗАЕВ: Нема да реагира.

ФОКУС: Зошто?

ЗАЕВ: Истиот министер досега се има јавувано за доста случаеви, за жал, не само за политичари.

ФОКУС: Сега треба да нагаѓаме? Зошто не го именувате?

ЗАЕВ: Заради тоа што оваа власт кога може да конструира ваков случај како мојот, тогаш кој знае што сѐ може да стори. Јас тргнувам од ова, кога во исто време ЕУ го препознава Глобал како проект на јавно-приватно партнерство кое што може да биде двигател на економската активност во државата, како механизам со кој што сме нашле начин како да ги охрабриме домашните стопанственици да ги инвестираат свои сопствени средства, а јас искрено верувам дека ова е еден од начините со кој што ќе раздвижиме економијата во државава, сепак се случува обратна реакција од власта. И можам да коментирам само за мојот случај. Во дното на душата верувам дека сето ова е непотребно. Јас два часа седев и чекав да дојдат ТВ екипите за да бидам снимен како со лисици ме приведуваат кај истражен судија, како што многумина пред мене го доживеале истото.

ФОКУС: Ве држеа додека не дојдат телевизиските камери?

ЗАЕВ: Да. После сето тоа ми порачуваа „имаш семејство и деца и треба да мислиш“. Знаете тоа е крах на судството ако политичар се обиде да дигне телефон или директно да сугерира на судија што да одлучи. Десет дена од првото мое спроведување на распит до наредното, воопшто не го споменав судството сѐ со цел да не бидам разбран дека влијаам на судството. Ги одвраќав сите коментари по овој предмет за да не бидам сфатен погрешно, бидејќи сум политичар и еден од креаторите на  политичкото мнение во државата.

ФОКУС: Ве разбирам, но јавувањето на министри во судството е стара пракса. Како да ја искорениме? Не е ова никаков куриозитет како што вие велите. Како да ги измениме работите?

ЗАЕВ: Ќе ви кажам дека овие денови очекувам судиите да излезат на прес, барем такви информации имам.

ФОКУС: Ајде тоа чудо да го видиме!

ЗАЕВ: Од друга страна, политиката е таква каква што е, и сега ќе се докажуваме дека за времето на СДСМ во мое својство беа некои луѓе, наши сограѓани од ВМРО ДПМНЕ. Сега сум јас, утре ќе дојдат некои други и нема крај.

ДА БЕШЕ СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОР СЕГА И НОЗЕ ЌЕ МУ МИЕВМЕ

ФОКУС: Мислите дека од ВМРО ДПМНЕ нема политичка волја да се направат поинакви правила на игра?

ЗАЕВ: Мислите дека после аболицијата со сето ова што се случува, дека имаат желба? Значи директно генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ бара одговор по судски процес, по некое обвинение, што директно дава до знаење колку е вмешана политиката во овие работи.

ФОКУС: Зошто, пак, вие го повикувате премиерот на дуел за истиот судски предмет?! Треба ли тој со секој осомничен јавно да го обработува обвинението. Речиси сите со обвинение се сметаат за жртви на политиката.

ЗАЕВ: Не мора да биде премиерот. Нека дојде претставник од МВР, обичен инспектор за да го отвориме предметот и случајот.

ФОКУС: Нема дебати последниве 5-6 години во Македонија. Груевски никогаш не излезе на соочување со лидерот на опозицијата. А ВМРО-овците си имаат неколку новинари за интервјуа, и тоа го збогатуваат плус со платени огласи и прес конференции на кои ќе се исчита напишан текст.

ЗАЕВ: Жалосно е тоа. Јас како градоначалник на Струмица, секој четврток сум на отчет пред граѓаните, на ТВ емисија со директни јавувања. А последниот четврток во месецот секој кој што сака да биде присутен со градоначалникот, емисија што трае два часа  со директни прашања. И тоа е отворена можност за секого, а и неопходно е да имаме ваква дебата заради тоа што верувам дека на сите нас ни е потребна корекција, бидејќи ниту сме најпаметни, најискусни или пак најспособни за работата која што ја извршуваме. Ако власта нема добар коректив, тогаш немате контрола и грешките ќе се множат. Советот на Општина Струмица до сега, повеќе од три и пол години како сме локална власт, 99,9 отсто од одлуките се донесени едногласно. Од една страна, тоа е добар пример за соработка, а од друга страна се плашам дека на ваков начин немам директна корекција на моето работење во општината. Инаку, кога говориме за судските неправди, ако зборуваме за независно судство, сметам дека судиите мора да  соберат храброст и да се излезат и да кажат кој и од СДСМ и од ВМРО како ги притискал и што правел. За време на деновите кога бев во притвор, пред Народниот правобранител кажав дека со мојата претставка очекувам барем да постигнам во иднина да се почитува презумпцијата на невиност, ништо друго. После аболицијата, со нападите што продолжуваат сепак не верувам дека ова ќе биде повод да почне да се искоренуваат ваквите лоши навики под било која власт.

ФОКУС: Замислувате ли кога ќе падне оваа власт, еден ден, да ги видите овие некои видни министри во истата ситуација да чекаат камерите да ги снимаат со лисици на рацете?

ЗАЕВ: Јас практицирам власт и јас имам силна власт во свои раце во Струмица, со сите механизми кои што ги има еден градоначалник . Имаме директно дивоградби на началници кои што живеат, неплатени даноци, како и основни давачки, а кривично се одговара за сите. Јавно реков дека добиваат прилика како сите граѓани да го легализираат своето и ги повикав јавно да си ги платат давачките. Во Македонија, а посебно во Струмица се знаеме сите, а натпреварот треба да биде со конкретни дела. Тоа е она што боде очи. Можеби да не беше толку убав „Глобал“ и можеби да беше странски инвеститор досега и нозете ќе му ги миевме и ќе му се клањавме.

ФОКУС: Велите дека убав е „Глобал“, па и црквата што ја изгради градоначалникот на Аеродром е убава, но сепак не се суди за убавината на објектот.

ЗАЕВ: Генерално споредбата што се прави меѓу мојот и случајот на Тодоровски, не сакам да ја прифатам како адекватна. Таму имаме пари кои што се затекнати на лице место.

ФОКУС: Да, ама тие не се трошени 40 дена, туку биле за изградба.

ЗАЕВ: Однапред верувам дека била искрена од душа намерата на градоначалникот. Јас функционирам вака, добиле тендер и некој во Струмица и јас исто им викам „помогнете им на децата од Банско“. Еве трошете, тие се народни пари и вие имате дел и заработка во тие пари.

ФОКУС: Кога еден градоначалник, еве вие сте и потпретседател на партија, можете да било кој локален бизнисмен во Струмица да му кажете да ѝ помогне на партијата за избори, а тој пак може да ви каже дека го рекетирате. Тоа кај нас е така.

ЗАЕВ: Како мислите дека бизнисмените помагаат на спортот? Ист е начинот, дали пратеникот е од една општина или градоначалникот, врти телефон на некој бизнисмен и го моли во кошарката или фудбалот да даде некој денар, зошто толкави се можностите буџетски кои што ги имаат.  Во овие икс, икс непознати во процес на децентрализацијата на власта, сите градоначалници во државата се храбри луѓе, сите до еден. Секојдневно ние располагаме со 14 милиони евра буџет, од  нив 60% се административни плати за образование, градинки, библиотеки и противпожарни служби, ние само потписот го ставаме колку да одговарате и немате никаква контрола ниту можете да менаџирате со овие пари.  Сето ова што се прави е одлично за државата да одиме напред, за да тргнат работите, но ако тргнете, можете на секој да му најдете нешто во државава. Посебно да го сликате и  да му ги ставите лисиците. 

СДСМ ТРЕБА ДА СЕ МЕНУВА ОД КОРЕН

ФОКУС: Значи не откривате кој ви ги пратил пораките дека ќе завршите со главата во кофа во вода како случајот на Таневски.

ЗАЕВ: Со мои очи се видени двете работи како отштрафените штрафови на мојата кола и скинати цревата за глицерин. По една недела ми доаѓа политички аташе на амбасада во државава за да ми каже дека претходната вечер пред 15 луѓе од врвен човек во институциите на системот, ми кажаа “И Заев многу да не рипа, го знаеме по кој пат оди за Скопје, може се да му се случи.”

ФОКУС: Тоа му го рекол министер, врвен функционер?

ЗАЕВ: Да, врвен функционер и јас за тоа имам докази ова е кажан збор на некој дојден во недела  со уште еден негов колега од една друга амбасада добронамерно да ми кажат дека дури и кога ќе влезам во кола на шоферот да му кажам по кој пат да тргне за Скопје. Одговорот ми беше дека одам по двата патни правци и од Валандово и преку Радовиш и дека ако сака некој нешто да направи ќе го направи тоа. Уште кога влегував во одделението за притвор, при затворот во Скопје, веднаш во постапката пред да бидете сместени во ќелијата еден од раководителите ми кажа: „Вие сте врвен политичар, внимавајте што ќе правите овде и што ќе продуцирате, заради тоа што може се да ви се случи. Знаете за Таневски и за кофата, нели?“. Реков дека знаат тие тоа што треба да го направат, нека го направат, ваше си е, и реков дека ќе ги почитувам правилата кога си притворен. Повеќе ниту збор не разменивме меѓу нас. Бевме сами двајцата, кога во моментот кога се спроведуваше оваа постапка да ви направат целосна проверка на алиштата пред да ве пуштат.

ФОКУС: Бевте сместени со Смиленски, во просторијата која ја викаат Александар палас?

ЗАЕВ: Нека оди некој и нека види колку е тоа „Александар палас“. Жално е за демократска држава како Македонија колку права имаат луѓето кои што се во притвор, посебно заради тоа што овие луѓе не се осудени и овие луѓе сѐ уште имаат право да ја докажат својата невиност. Жално е што таму има луѓе кои лежат скоро по две години и два месеци притвор како што е Смиленски, а повеќе од 80% се повеќе од 5-6 месеци притвор и овде се отвора прашањето што е тоа што за толку време не може да се истражи.

ФОКУС: Но судиите молчат?

ЗАЕВ: Не само судството, туку цел систем функционира на основ на ургенции. Сите норми и критериуми се скршени во држава.

ФОКУС: Затоа што е партизирана целата држава. 

ЗАЕВ: Зборувам за сите кои што биле на власт, не само сега заради тоа што јас сум повреден. Тргнав со порака да извршувам јавна функција со оваа констатација за да бидам пример прв да си платам казна за сообраќаен полицаец за никој да не ургира кај мене да му скинам казна во полиција. Убедувајќи се како единка пополека се убедувам да ги вратам. Но тоа треба политичка волја од сите партии, со еден, двајца или петмина судии тоа не може.

ФОКУС: Се видовте ли со Бранко Црвенковски?

ЗАЕВ: Не сѐ уште. Јас побарав средба, знам дека е на одмор и кога ќе се врати најверојатно ќе се видам заради тоа што како што беше пренесено на моето семејство оние денови кога бев во притвор дека треба да ми се пренесат некои работи кои можеби и не ги знам .

ФОКУС: Мислите за случајот?

ЗАЕВ: И за случајот и за Заев директно.

ФОКУС: Околу партијата, вашата функција, мислите дека и за тоа има нешто ?

ЗАЕВ: Не верувам дека има нешто. Ние имавме три средби како сегашно раководство и сите поранешни претседатели и секретари на СДСМ носени од една идеја како да најдеме начин како со единствен кандидат  да излеземе на Конгрес однапред верувајќи дека ќе ги тргнеме сите пречки за нашиот иден напредок како партија, оние делби кои што кои предизвикуваше Конгресот и кои што оставаа вечна трага и делуваа на успешноста на изборите и на успешноста на позиционирањето на СДСМ како реформирана и нова партија.

ФОКУС: Нели мислите дека ќе биде лажно тоа единство после сѐ што се искажа од вашите врвови? Дали не мислите дека времето на Бранко Црвенковски како и на Љупчо Георгиевски поминува? Дека на партијата треба една радикална реформа. Нели на СДСМ му треба еден нов лик кој ќе може да ги привлече и другите граѓани да ја дадат поддршката?

ЗАЕВ: Во овие разговори кои што ги имавме, ние констатиравме што му треба на СДСМ а тоа е дека му треба нов економист, што има резултати зад себе, што се уште не го истрошило времето и можеби што има познавање од земјоделието и во актуелни економски гранки во државата.

ФОКУС: Црвенковски не се вклопува во ваквиот фото-робот.

ЗАЕВ: Бранко ниту во еден момент не кажаа дека сака да биде претседател на СДСМ. Едно во разговорите кои што ги констатиравме дека ако сака Бранко да биде претседател на СДСМ, тој тоа и ќе биде. За жал во такво време ќе биде. Ама СДСМ нема да победи на наредните парламентарни избори, тоа се негови зборови, времето тоа го завршило.

ФОКУС: Се покажа Груевски поголем мангуп од Бучковски, бидејќи тој без пардон и емоции расчисти со Георгиевски.

ЗАЕВ: Тоа е сосема ново практицирање на политиката согласно  новото модерно барање на граѓаните, целосен нов концепт практицира Груевски. Од неговото претседателство во ВМРО-ДПМНЕ и понатаму како премиер. Во СДСМ констатацијата беше дека ќе најдеме човек кој што ќе ја замени Радмила. Но, тоа не значи ништо. Системски промени треба во СДСМ, целосно од корен.

ФОКУС: Имавме информација дека кога почна вашето име да фигурира за лидер на СДСМ  дека планирате да се извините за грешките на СДСМ. Дали е точна оваа информација?

ЗАЕВ: Нова е информацијата и со делата се покажува дека оваа време кое што поминало делумно не го оправдало ваквото функционирање на политиката на СДСМ практицирана во власта. Но, треба да докажете дека треба сосема друг концепт за државата, сосема други правци и тоа морате само практично за да кога ќе излезете, да можете да се извините. Можеби од култура или од преамбициозност на некој нов што дошол. Морате практично да го покажувате тоа. Со тоа мораме во иднина сите да се бориме, со прагматични аргументи и со видливи дела.

НЕ СУМ ЗАВИСЕН ОД НИКОГО

ФОКУС: Вие во Струмица покажавте дека на тој план функционирате одлично. Дали останувате како кандидат за нов лидер на СДСМ?

ЗАЕВ: До моментот на моето притворање на 17-ти јули за пред суд, единствен кандидат за нов лидер бев јас. Доста се зборуваше за некои други имиња, но во СДСМ во моментов тешко е да најдете кандидат за претседател, за жал.

ФОКУС: Зошто?

ЗАЕВ: Ние сме на дното на нашето политичко опстојување.

ФОКУС: Но тоа е добро, ако ја доживеете катарзата. На Македонија ѝ треба јака опозиција ама и левица.

ЗАЕВ: Ѝ треба и тоа многу. СДСМ не мора да дојде на власт после 4 години, но на државата ѝ треба високо позиционирана опозиција за да оној судијата кој што носи пресуда, ја носи позади, да се плаши. Оној што работи во општината или во државното подрачно министерство да знае дека мора да работи по законот, зошто утре некој кога ќе се смени власта, ќе го промени. Ова мора како критична претпоставка да постои и затоа треба една силна опозиција на секоја држава, па така и на Македонија. Медиумите пишуваа за оваа постапка за разговори за иден кандидат за лидер во временски период од месец и половина. Сите знаат дека во дното на душата сакам да се вратам на комерцијата која што ја работев во моите фирми. Имаме 620 вработени веќе 7 години наназад во фирмите на татко ми и на чичковците заедно. Ја водев комерцијата на сите тие фирми заедно. Се враќате таму каде што сте работеле .

ФОКУС: Немавте амбиција да бидете лидер на СДСМ.

ЗАЕВ: Тоа беше и јас не пројавив желба да бидам претседател на СДСМ за да Црвенковски се плаши од мене или било кој  друг. Ние не дојдовме до овие моменти да имаме натпревар на кандидати, па меѓу себе со вакви или онакви акти, одлуки или потези, чекори да се уништуваме. Не дојдовме до тоа.

ФОКУС: Но, Црвенковски на некој начин ве направи зависен и веројатно чувствувате благодарност за аболицијата.

ЗАЕВ: Ниту во еден момент не чувствувам од никој дека ме направил да бидам од некој зависен, ниту дозволив досега во кампањи за барање спонзорство за моја кампања да бидам зависен од некој, ниту пак тоа ќе го дозволам. Во првиот момент кога ќе дозволам самиот себеси да се уверам дека сум зависен од некого, ќе се тргнам од политиката.

ФОКУС: Планирате ли сега да станете нов лидер?

ЗАЕВ: Кога станав единствен кандидат тоа беше поради подготвеност на сите поранешни функционери во СДСМ да  прифатат единствен кандидат со статутарни промени во СДСМ, со тоа што добивам можност да создадам нов тим .

ФОКУС: Ама вие барате премногу ингеренции. Речиси целосна власт да ставате дури и претседатели на општински организации. Тоа мене не ми делува демократски, затоа што вам во Струмица не треба Радмила Шекеринска да ви назначува претседател.

ЗАЕВ: Тоа е во делот на надлежностите на претседателот. Во другиот дел на надлежностите на општинските организации се прави максимална децентрализација на партијата каде што општинските организации се конечни во одлуката на кандидат на градоначалник, на претседател, претседателот создава свој тим на извршен одбор.

ФОКУС: Кога лидерот ќе назначи претседател на општинска организација, веќе е јасна работата.

ЗАЕВ: Досега во случаите на СДСМ биравме претседатели на општински комитети со пет кандидати. Четирите што нема да бидат изгласани, она што им останува во душата е дека биле скинати со гласање од своите сопартијци. Тоа никогаш не се брише. А истовремено претседателот кој што сте го избрале му викате дека од 15 члена на извршен, ќе земеш 5 од оваа фракција, 5 од друга, 5 од трета и на крајот тој не може да има резултати.

ФОКУС: Да но сега имаме една интересна состојба во СДСМ. Кога ќе се сетам Бучковски што сѐ не изнакажа против Бранко Црвенковски. Никола Поповски, пак, многу јасно сега ве прогласи за неспособни и вас лично и Шекеринска и Бучковски. Од друга страна го имаме ВМРО-ДПМНЕ каде што не смее никој да изговори нешто поинакво од лидерот Груевски. Од една во друга крајност одиме.

ЗАЕВ: Досега постапката за избор на лидер во СДСМ беше демократска со цела процедура и по општински и сега на Конгрес. Последиците кои што ги извлековме од  таквите постапки се една од главните основни причини за дното во кое што е дојдено СДСМ. Практицирањето на демократијата дали е во државата или во една партија е практичното практицирање и давање на можност за секој да се бори на демократски начин, доблеста на луѓето ја прави демократската процедура и демократската можност за опстојување политичко, дали е во функција на државата или на партијата. Но она што во иднина мораме сите да го создадеме и со примери да го покажуваме. Некогаш демократијата знае да помине во анархија, да ги скоси сите принципи на човечки вредности и морате да имате механизми преку кој ќе создадете правичен, демократски систем, но исто време и успешен.

НАЈЛЕСНО Е ГРУЕВСКИ ДА ГО НАПРАВИМЕ „ОД МАГАРЕ ПОДОЛУ“

ФОКУС: И дали сега сте кандидат за лидер на СДСМ?

ЗАЕВ: Овие денови продолжуваат разговорите. Претседателката сака во почетокот на септември да го завршиме конгресот. Зошто? Затоа што се наближуваат локалните и претседателските избори. Не смееме повеќе да ја одолговлечуваме оваа работа. Јас се сметам за кандидат, но дали сте подготвен да влезете во оваа работа која е една кола, како што вели Никола Поповски „стрмно тргната надолу”. Треба прво да се обидете да ја исправите, па после да почне да се качува.

ФОКУС: Дали Никола Поповски го сугерира Бранко Црвенковски?

ЗАЕВ: Не, не е таа негова сугестија. Никола Поповски беше присутен на овие состаноци како поранешен секретар на СДСМ на кој што разговаравме.

ФОКУС: Се плашам дали повторно нешто нема да скрпите кое нема да биде темелна реформа. Со локалниве избори ве гази времево .

ЗАЕВ: Ова што го направи ВМРО-ДПМНЕ е директен удар и врз себеси. Ние какви-такви одредени процедури и правила сакавме да ги воспоставиме носени од искрена желба да создадеме добра основа со многу работа и системски промени на СДСМ и полека да ја враќаме довербата кај гласачите. Бидејќи однапред беше утврдено кој и да дојде не може ништо значајно да направи ако системски не се реформира СДСМ и тоа практично не го покаже. Она за кое се залагавме беше да излеземе на прес конференција и да кажеме: „е за оваа работа Никола Груевски треба да го направиме од магаре подолу“. Ама не треба така. Денеска како лидер на опозиција ќе кренам телефон и ќе му кажам да дојде да пиеме едно кафе, луѓето тоа го очекуваат. Или да излезете и да кажете: „е ова е добар чекор и ние го подржуваме“.

ФОКУС: Е тоа го нема во Македонија, без разлика кој е на власт.

ЗАЕВ: Ова прво го очекуваат и нашите членови, а и граѓаните. Овие се само основни стартни потези кои мора да ги мораме да ги направиме. Некој од големите партии мора да ја тргне работата. Оние од ВМРО, СДСМ или  можеби од двете поголеми  албански партии, мора од тука да тргне работата. Ние ниту во еден случај не им даваме надеж на тие наши Македонци дека кога треба да бидеме заедно, ќе бидеме заедно. Тоа прво и основно го очекуваат сите, дека за важни прашања мораме да бидеме заедно, никој не ни дал за право тоа да биде поинаку. Во Струмица има ненормална омраза, за жал, и не знам како ќе продолжам барем до крајот на мојот мандат да ја водам Струмица. Ми поставуваат прашање дали сѐ уште сум градоначалник. Јас имам 30 илјади потписи собрано. На изборите  од кои во прв круг за мене гласаа 17 илјади и бомбастично влегов како градоначалник во една општина која беше на ВМРО порано. Сега  имам 30 илјади гласови и кој мене ми дал за право да бидам на едните или со другите , а истовремено сум потпретседател на СДСМ.

ФОКУС: Но со аболицијата, Црвенковски на некој начин ви ја помрачи лидерската кариера во СДСМ.

ЗАЕВ: И на Фокус ќе му го соопштам тоа што го соопштив на еден состанок  за невладините организации без камери. Единствена можност за да докажам дали  ми веруваат Струмичани сега или не е да бидам кандидат, а први избори се локалните и ќе бидам кандидат за градоначалник на Струмица. Ако не друго, со ова ќе докажам дали ми веруваат или не. Ова во иднина мора да го правам колку сакам или не, човечето во мене стои дека мора да го направам, без разлика што ќе бидам во иднина политички во мојата партија. Ако досега сум успеал да се покажам како градоначалник на сите и да дојдат првите функционери на локално ниво од ВМРО-ДПМНЕ и да бараат решавање на одредени проблеми како граѓани и да биде веднаш решен за да биде пример дека функционираме добро и дека проблемите на општината заедно треба да ги решаваме. Ако во три и пол годишно функционирање сум успеал тоа да го наметнам, немам намера во последните 6 месеци од мандатот тоа да го променам.

ФОКУС: Велите дека Бранко Црвенковски е исклучено да се врати на кормилото на СДСМ?

ЗАЕВ: Никогаш не можете да кажете, бидејќи секој би добил право тоа да го толкува како сака. На овие разговори кои ги имавме сите заедно констатиравме дека на партијата ѝ треба нешто ново. Радмила Шекеринска од овој принцип ја поднесува оставката, таа не чувствува вина за своето работење. Вели „перцепцијата за Радмила која што 17 години е овде во политиката е таа и толку таа може да ѝ донесе на СДСМ. Јас ќе останам во политика, но повеќе не можам да дадам“. Општата перцепција од Бучковски, Бранко, Спасов, Поповски, сите заклучивме дека треба нешто ново, нешто коренито да се донесе и да се смени. Претпоставката беше дека Заев е близок со сите можни линии поранешни, сегашни. Близок со Бранко, Бучковски, Радмила, со сегашните потпретседатели, со поранешните и би бил добра основа за сите во иднина да се чувствуваат корисни во партијата.

ФОКУС: Дали ќе бидете нечија инсталација?

ЗАЕВ: Тоа го дозволувате или не. Дали мислите дека јас ќе погазев по Бранко Црвенковски ако не ми дадеше аболиција? Тој беше лидер кога влегов во СДСМ. Една од причините покрај неговата ориентација, програмските платформи и концепции кои што треба да ја имаат лева партија, но мојата партија за жал многу малку ги имаше во минатото, меѓу другите работи беше и Бранко во тоа време како лидер ме поттикна како млад човек да влезам во политика преку која ќе можам да дадам прилог за мојата држава и за моите сограѓани. Сега, ако не беше аболицијата, зарем јас ќе газев против Бранко? Човечки е. Јас сум бил на разговори со сегашното наше раководство и со Бранко кога на пример Радмила инсистираше тој да свика седница на Совет за безбедност доколку сака СДСМ да размислува за иден кандидат за претседател. Имало и вакви разговори на кој што сум бил присутен и ниту во еден момент не била дадена ниту една директива од Бранко што да прави СДСМ.

ФОКУС: Но, дали вие лично можете да си дозволите без разлика на што меѓу мотивите да влезете во СДСМ бил тој, да му ги кажете во лице неговите грешки на владеење?

ЗАЕВ: Ако не си дозволите не само на Бранко или на било кој друг, не сте подготвен за да бидете лидер. Во најмала рака да ги ставите на вага или на кантар вашите концепти и критериуми и да ги споредите во конкуренција со другите и да се борите со нив.

ФОКУС: Дали ја гледате неговата одговорност за ваквата транзиција?

ЗАЕВ: Еве кажете ми за што? Одговорноста за референцата ФИРОМ?! Кој ќе ја носеше одговорноста за изолиран систем како во Македонија на економско поле доколку не влезевме во ООН?!.

ФОКУС: А на економски, на демократски план не гледате негова вина?!

ЗАЕВ: Кога се расправаше во Парламенти, имаше јавни и стручни дебати кој модел да се избере.

ФОКУС: Господине Заев, СДСМ доминираше во медиуми, со невладини и жално што сега ВМРО го копира сега и го прави истото.

ЗАЕВ: Секаде зборуваме СДСМ и транзицијата, а од 17 години, 8 години веќе е ВМРО-ДПМНЕ. Сменија ли тие нешто во делот на приватизацијата кога дојдоа? Не, туку само продолжија.

ФОКУС: Тие го копираа и сѐ уште го копираат тој стил, затоа велам дека од корен треба да се промени.

ЗАЕВ: Јас сум дипломиран економист и постдипломец на Монетарна економија и мојот став од секогаш бил уште за времето за студирањето дека ова економско управување со државата е на целосна штета на Македонија. Склучени договори со ММФ, не ни требаат. По принципот на Словенија, сум бил поддржувач на тезите на професор Тихомир Илиевски. Целосно со овие концепти дека на Македонија бариерите од Светска банка и ММФ не ѝ се потребни, а посебно не на економија како што е нашава. Ова продуцираше еден куп на други принципи и модели, како процес на приватизација, економски систем, макроекономски политики порано.

ФОКУС: Говорам дека моделот е воспоставен од СДСМ кога во времето е Бранко Црвенковски.

ЗАЕВ: И СДСМ и ВМРО ќе даваат до знаење дека се подготвени да ги следат современите европски трендови од сите аспекти ако прво се покаат јавно за она што со своите партии го направиле. Ова ќе биде добра основа со милион практични секојдневни примери. Да го докажете тоа за кое што сте се покајале во своето минато како партија. За да добиете можност за старт на надеж кај граѓаните дека некој има намера нешто да менува во државава.

ГЛОБАЛ Е ЧИСТ!

ФОКУС: Сметате дека Глобал како случај е чист, а сепак ви покренаа постапка. Она што мене ми е најсомнително е изборот на фирмата на К.Г., иницијаливе кои ми се смешни, но тоа го воведе Хари Костов,  екс министерот за финансии Б.Ф (Бесник Фетаи). Мене секогаш ми е сомнително кога ќе се јават некој чудни фирми…

ЗАЕВ: Го знаете ли вие случајот со „Агрокор“? Имаше ли тендер? Зошто баш „Агрокор“? Можеби ќе беше некој од француските компании. Државата не троши ниту еден денар , нема законска можност.

ФОКУС: Ја давате паралелата со случајот „Глобал”.

ЗАЕВ: Немавме законска можност да спроведеме постапка за јавна набавка, ова е од Биро за јавни набавки и од сајтот на Министерство за финансии. На сајтот пишува што се тоа јавни набавки, па вика: „им се овозможува остварување на најдобрата вредност за вложените пари при набавка на стоки, услуги и работи“. Општина Струмица  со трите буџети од 2006, 2007… со кој што утврдуваме дека ниту ние, ниту комуналното претпријатие нема потрошено ниту еден денар.

ФОКУС: Зошто без меѓународен тендер? Велат дека за износот поголем од 400 илјади евра… а вие тврдите дека не трошите толкав износ од буџетот. Тоа ли е вашата логика?

ЗАЕВ: Целото обвинение се темели на три работи, а најголемиот е дека кршам Закон за јавни набавки и не само тоа, туку дека сум спровел тендер, ама не бил меѓународен . Ние немаме процедура согласно Законот за јавни набавки.

ФОКУС: Дали го знаевте овој Горан Крстев од „Делукс инжинеринг“?

ЗАЕВ: Сите во Струмица се знаеме. Тој две-три згради веќе изградено во Струмица.

ФОКУС: По ова што го читав, се вели дека немал ниту една изградено, дека е формирана фирмата една година пред тоа.

ЗАЕВ: Една зграда во Скопје, две згради  во Струмица. За 17 месеци го изгради „Глобал“. Прашајте ги фирмите како Бетон , Пелагонија и слично…

ФОКУС: „Делукс инжинеринг“ и Горан Крстев вложува 4 милиони и 300 илјади евра, а заработката му е околу 8 милиони евра.

ЗАЕВ: Тоа е гаранцијата за 24 месеци, а изградбата чини 13 милиони и 250 илјади евра по книговодствената евиденција која што ја има МВР и Јавното обвинителство. Тој толку вложил.

ФОКУС: Колку заработил?

ЗАЕВ: Досега не заработил, туку продал за 7 милиони и 800 илјади евра и уште 5-6 години треба да продава од неговиот дел, за да…

ФОКУС: Немојте да кажете дека заради љубов вложил пари. Тој вложил  за да профитира?

ЗАЕВ: Кога ќе го продаде просторот кој што го има на негово име, ќе заработи и тоа како. Но проблемот е што фигурира со вредноста од 7 милиони, поточно „осумте милиони евра на Заев“, а никаде не се кажува дека 13 милиони и 250 илјади евра по книговодствена евиденција се вложени пари во објектот.

ФОКУС: Овде говори дека според книговодствената евиденција, ова е од соопштението на МВР дека за изградба биле вкупно исплатени 4 милиони и 300 илјади евра. Велите дека ова не е точно?

ЗАЕВ: Не е точно. Ова е гаранцијата која што ние ја побаравме дека во рок од 24 месеци ќе се изгради објектот.

ФОКУС: Значи ова не се точни податоци дека „Делукс инжинеринг“ немал 3 години искуство, како што се барало според тендерот. Дека немал ниту еден изграден објект, дека немал ревизорски извештај… Дали сето ова се неточни податоци?

ЗАЕВ: Да, сето тоа е неточно. Постапката за избор на со-инвестиор е на ова Це-Де, 4 месеци наназад повикувам јавно на локален медиум… затоа што можете да имате одличен план, но нема кој да го реализира. Значи јавно ги повикав да се јават на тендер. Го повикав јавно и претседателот на општинскиот комитет на ВМРО да биде член на комисијата за избор на сооинвеститор. Тендерот овде го имате, отворен пред камери и присутни се сите координатори на советнички групи со намера да го отворат тендерот во вестите на локална телевизија. Дали во вашето искуство имате досега видено како се отвора тендер?  Не можете да докажувате нешто кое што по законот е непотребно. Ние не спроведовме постапка за јавна набавка.

ФОКУС: Вие не сте му овозможиле на Крстев Горан заработка од 8 милиони евра? Не сте ги делеле после парите?!

ЗАЕВ: Тоа би било така кога општина Струмица ќе го изградеше објектот и ќе му го дадеше на К.Г. да го продава и тогаш ќе делите со кого сакате. Никаде не кажува дека во партнерството обврска на инвеститорот е да го изгради објектот во кој што вложил 13 милиони и 250 илјади евра. Мислите ли дека објектот „Глобал“ чини само 4 милиони евра? Овој објект е преку 15-16 милиони евра , но дотогаш кога МВР ги зела книговодствените евиденции, биле вложени 13 милиони и 250 илјади евра со дата од декември месец 2007 година .

ФОКУС: Сега прочитав дека потоа ја изградил најлуксузната куќа во Струмица.

ЗАЕВ: Да, само што во неа живее една година пред „Глобал“.

ФОКУС: Што е со луѓево кои побаруваат дел од тие парцели? Вие сте градоначалник и на тие Струмичани и некако луѓево исто така од вашите приврзаници, па веројатно не треба да се срамат што побаруваат.

ЗАЕВ: Овие луѓе во 2006 година дојдоа кај мене, но постапката за денационализација ја води државата, а општината нема надлежности. И сега како градоначалник можете да си дозволите да го враќате државното земјиште или не. Тоа ниту е моја надлежност, ниту пак некој ми дал право во име на граѓаните да враќам земјиште. Им беше сугерирано со законска процедура да го отворат предметот, целосно. И моите стручни служби имаа свое толкување, бидејќи ние сме една страна.

ФОКУС: Но, законот вели дека не може да се гради, додека не се расчистат тие односи.

ЗАЕВ: Законот за денационализација вика по член 10 „не се  враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, а се дава надомест“. Значи дека никогаш ова земјиште нема да им се врати во сопственост. Но имаат право за надомест.

ФОКУС: Но, тие одбиле и не зеле ништо поради понудените ниски износи, претпоставувам.

ЗАЕВ: Судот во Струмица со 4 различни судии ги одби нивните барања по основ на тој член 10.

ФОКУС: Немојте да кажете дека судиите во Струмица се независни, за разлика од Скопје?

ЗАЕВ: Четири различни судски совети потврдија. Ние имаме судски решенија и како јавна институција се држиме до тоа. Според законот одржување и користење на пазари на големо и мало, односно „просторот и објектите создадени за давање на услуги на трговијата“,  е во надлежност на општината и е од јавен интерес, не се враќа. Зошто во паркот во Струмица каде што има јавен интерес на луѓето не им е вратено земјиштето. Тоа не е изградено.

ФОКУС: Во случајот ако земеме сега, знаеме дека и делот од правобранителите одеа на суд, но не навлегувам принципиелно.

ЗАЕВ: Куќата во која што тој живее Божин Кочов, ако ја извадите историјата во катастар ќе видите од каде му е на човекот местото, ќе видите дека 1958 година добил замена од овде во соседството и таму си изградил куќа. Во 1970/71 година 4.170 динари по курс на Народна банка или околу 520 илјади марки, пари кои не ги подигнале. Но сопственикот веднаш потпишал прва рата. Првиот пат добиле земјиште, а вториот пат директно подигнале пари.

ФОКУС: Зошто тие луѓе сега излегуваат и велат дека не зеле ништо или пак веројатно не биле задоволни со вистината .

ЗАЕВ: Груевски треба да лежи во затвор, за денационализација, бидејќи ја нема во државата, туку само експропријација. Во 1957 година се плаќало тоа, дали во тоа време тоа било правично или не. Ова можеме да го докажуваме, но правичноста не се докажува со прифаќање на двете страни со потпис.

ФОКУС: Дали ги подигнале?

ЗАЕВ: (ПОКАЖУВА ДОКУМЕНТИ).

ФОКУС: Не знам што да кажам, ова прв пат го гледам, а нема печат . Вие тврдите дека тие се исплатени, тие велат дека не се, а не сакам да навлегувам.

ЗАЕВ: Ние немаме потреба да навлегуваме дали е исплатено или не, тоа не е наша обврска, тоа го докажуваат пред државата.

ФОКУС: Што вие сега можете да направите да се смири таа тензија помеѓу Струмичани, онаа поделба и оној анимозитет помеѓу двете страни се пренесе и во Струмица. Не знам дали и порано било така?

ЗАЕВ: Тоа сметаше во Струмица, сметаше и Заев на власта и јас во иднина можам да продолжам само како што и функционирав досега. Кога ќе дојде некој член на Извршен Одбор од ВМРО и ќе каже „градоначалниче сакам да права бензинска. Ќе ме кочите или не?“. И за да му докажете дека не го кочите, правите сѐ за што треба. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, стоматолог вика „имам стан и сакам да го направам амбуланта“ и со тоа прави преадаптација на просторот.

ФОКУС: Мене лично најсомнително ми е како фирмата „Делукс“ ја доби работата?

ЗАЕВ: По закон целосно право имам да изберам кој сакам во четири очи.

ФОКУС: Што ве фасцинираше кај „Делукс инжинеринг“?

ЗАЕВ: Ништо. Спроведов јавен оглас за разлика од Груевски, го распишав во „Утрински весник“, за што и немам обврска по законот за јавни набавки во службен весник.

ФОКУС: А „Утрински весник“ е како сега „Вечер“ за Груевски?

ЗАЕВ: Не, за разлика од Груевски кој што го склучи договорот со „Агрокор“ во четири очи. Инаку со изградба на новиот Пазар добивме дуќани кои што се на „Комуналец“, 18% од катната гаража. 1 милион и 100 илјади евра комуналии, 500 илјади евра данок на промет на недвижности. Државата инкасираше четири и пол милиони евра ДДВ, персонален данок и данок на добивка од фирмите изведувачи. Ниту државата, ниту општината вложила нешто и затоа е избран за најдобар проект од страна на Советот на Европа. А истовремено е можност како да ги искористиме внатрешните капацитети на државата кога се помалку има странски инвеститори .

ФОКУС: Советот на Европа не ја оценува законитоста?

ЗАЕВ: Едното обвинение е ова, дека воопшто не сме спровеле постапка за јавна набавка и за тоа ние немавме законска обврска. Но заради транспарентност со камери отваравме јавен повик за избор на со-инвеститор. Знаете тоа зошто го направив? Пенов во тоа време ми рече: „иако немаш обврска прави го, ќе те скинат и нема да можеш да докажеш колку биле искрени намерите“. Пазарот во Струмица беше од 1960 година и за тоа имавме одобрение за градба  од 1968 година. Зошто на луѓето не им го вратиле досега она што било нивно со денационализација? Имате желба кога санитарно е неисправен пазар да го ставите во функција, зошто тоа ви е надлежноста и тргнувате со желба да го реализирате овој проект, а при тоа не знаете дали некој ќе ви за јави, зошто може само да ви остане пуста желба.

ФОКУС: Дали сега ќе функционирате исто? Што ќе направите со Струмица после ова што ви случи? 

ЗАЕВ: Општина Струмица е преокупирана од сите страни со оперативи. Во Струмица се градат два огромни булевари…

ФОКУС: Како ќе потпишете сега нешто, после ова што ви се случи?

ЗАЕВ: Цело време внимавам на моите потписи и само ќе кажам „Господ да ме чува“. Колку и да ме чуваат стручните служби околу мене, колку и да бидат искрени, само Господ да ме чува. Ова што го имаме како надлежност секојдневно колку и да сакате и да внимавате, морате да носите одлуки, зошто ако не ги носите, системот ќе застане и тој ќе влијае врз секојдневниот живот. И морате да потпишувате. Секој градоначалник  посебно на урбаните општини на 100 места става свои потписи. Само Господ да ги чува и моите колеги и секој кој што извршува јавна функција ако тргнете по оваа работа.

Второто обвинение беше денационализацијата, ние со судските пресуди завршивме и како јавна институција бевме должни да овие документи ги доставиме до комисиите за денационализација за да ја заштитиме државата. Тие ќе оценат дали тоа е праведно или не. Ние не навлегуваме во постапката дали на луѓето треба да им се врати или не. Ние викаме дека имаме јавен интерес и земјиштето не се враќа. Третото обвинение беше дека градиме на земјиште на РМ пред да ја прашаме државата.

ФОКУС: Стоеше дека носите одлука во Советот за промена на ГУП, но дека не сте чекале 8 дена да стапи во сила.

ЗАЕВ: Истиот е и стариот и новиот, тука нема промени во новиот! И тој е за иста намена.

ФОКУС: Зошто не чекавте 8 дена, формално-правно?

ЗАЕВ: Иста е намената и по стариот и по новиот и тоа е проверен документ.

ФОКУС: Груевски кој што сака да го менува со изградба на црквата на плоштадот, имаше судир со општината.

ЗАЕВ: Прво се гледа деталниот план и тој мора да биде согласно генералниот план. Генералниот план од 1957 година има пазар нацртано.

ФОКУС: Мислите дека нема повеќе кршење со таа промена што се прави ?

ЗАЕВ: Јас како градоначалник практицирам урбанизам и кога ќе донесете детален урбанистички план, тој мора да биде во согласност со генералниот урбанистички план, и тој не може да се коси. Генералниот план ги дефинира намените, а  деталниот план  ги дефинира катност, процент на изграденост во една локација. Е сега тука имате пазар по генерален план и не можете да ставите училиште или црква. За тоа морате да го смените прво генералниот план, да ја оцртате намената за црква, па после да донесете детален план.

ФОКУС: Груевски направи обратно.

ЗАЕВ: Тој прво тргна со детален план. Затоа што ја има општината, а го нема градот. Градот е надлежен за генералниот план.

ФОКУС: Затоа ние во суштина немаме напредок.

ЗАЕВ: Деталниот урбанистички план за катноста внатре од 1987 година, ние немаме ништо менувано за да го реализираме овој проект. Оваа идеја во Струмица постои од 1987 година И ние собравме храброст да ја реализираме. Тие ситни документи како што се од Министерството за транспорт и врски потпишан од Миле Јанакиевски, толкува каде што согласно став 3 од член 52 од законот за просторно и урбанистичко планирање, може да издадете одобрение за градба. Прво треба доказ за сопственост, па доказ за долготраен закуп, договор за концесија, доказ за комунална техничка исправност или друг доказ стекнат во Имотен лист т.е. право на користење. Ние од него го имаме тоа и во кој случаи можете да издадете одобрение за градба. Овде е потпишан  министерот  Миле Јанакиевски И ние врз основа на тоа сме издале одобрение за градба и тоа е потврдено и писмено.

ИМОТОТ НА ЗАЕВИ

ФОКУС: Вие важите за еден од поимотните политичари, според анкетниот лист. Од каде ви е имотот?

ЗАЕВ: Ние сме од Муртино …

ФОКУС: Дали со покојниот Борис Трајковски имате некаква врска?

ЗАЕВ: Да, имаме роднинска врска. Значи, 40 хектари имаме земјоделско земјиште кое што сега си го чуваме за не дај Боже. Куќите и она што го создадовме е од земјоделието во најдобрите години до 1992 година .

ФОКУС: Пуштија шпекулација дека сте се занимавале за време со ембаргото со Србија со некои бизниси.

ЗАЕВ: После 1992 година ние, нашите фирми на татко ми и на чичковците, кога бев сѐ уште студент, а брат ми и братучедите беа во фирмите, тогаш бевме основни снабдители на суровини на „Мерима“ Крушевац и на „Стаклара“ од Параќин. Работата ја започнавме и пред ембаргото, за време на него и после тоа и таа соработка сѐ уште трае. Основниот капитал во мојата фирма е создаден тогаш и не срамам од таа работа. Имаме фабрика за цигли во Струмица, текстилна фабрика, конзервна фабрика, фабрика за сушење на зеленчук, Штедилница, два маркети и една трговска фирма која што се занимава со стаклото од Параќин како генерален дистрибутер за Македонија. Имаме 620 вработени и уште многу години наназад пред јас да влезам во политика. Граѓаните кога ме бираа, знаеа со колкав капитал располагам.

НЕ САКАМ РЕВАНШИЗАМ

ФОКУС: Кога еден ден ќе се смени власта, ги замислувате ли вашите „непријатели“ со лисици…

ЗАЕВ: Ако се тргне по некого, на секого можат да му најдат нешто спорно. На секој јавен функционер. Јас една работа што ја знам, искрено од дното на душата е дека нема да враќам сигурно, зошто не само што ќе бидам вистинит, туку ги гледам нивните деца. Моето девојче веста ја слушна на улица и има 7 годинки. Децата од улица и кажаа дека татко ѝ со полиција и со лисици на рацете го однесоа во затвор. Моите беа овде во Скопје.  На А1 телевизија гледала сама. Во периодот од 10 дена помеѓу двата притвора објаснував дека полицајците се добри луѓе, дека не се лоши и дека некој други лоши чичковци на нејзиниот татко сакаат да му направат нешто лошо. Повикав еден другар кој што е полицаец да дојде кај нас дома и да си поигра со ќерката. Ова не сакам на никого да му се повтори во животот. Многу едноставен е и еден ни е животот, и не ни требаат вакви работи.

Поврзани новости