Каде заврши врамената карикатура за Груевски?

by Фокус

За судбината на врамената карикатура која новинарите собрани на протестот против пресудата за новинарот Томислав Кежаровски му ја испратија на премиерот, во добро информираните кругови се појавија повеќе теории. Од извори блиски на Владата, ви ги пренесуваме најреалните:

1. Карикатурата откако била примена на портирница, воопшто не стигнала до Премиерот, туку од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ благовремено интервенирале и наредиле да се стават модификувани копии од сликата низ сите канцеларии низ државава каде што седат и работат (добро де, само седат) партиските војници напикани во јавната администрација. Сликите како што рековме биле делумно променети, па наместо да пишува FREE MEDIA (како во оригиналот) сега пишува „Вашето сигурно вработување“. Ваквите слики, распоредени низ сите канцеларии треба да им служат како потсетник на партиските војници вработени во тие канцеларии – што ги чека нив ако не ја слушаат Партијата и Пастирот.

2. Според друга теза пак, карикатурата веднаш по официјалниот прием била испратена по специјален курир до кабинетот на шефот на кабинетот на Премиерот. На господинот Никола Груевски му било кажано дека може да ја види таму, а тој, 45 минути откако рекол дека веднаш ќе дојде да ја види, влегол во канцеларијата каде била оставена карикатурата. По влегувањето во собата веднаш почнал да упатува критики кон начинот на кој е нацртан неговиот лик:

– А бе гледај како ме упропастил цртачот. Па овде личам ко задњи диктатор, ко луд автократ, ко лопов ненаситен, ко да сум бре најголем олош у оваа држава, гледај колку сум ружен само на сликава.. – започнал Премиерот но шефот на кабинетот го прекинал учтиво.

– А не, господине премиер, вие стоите пред огледало. Дојдете навака, сликата е на бирото…

3. Сликата била по дипломатски канали, испратена до сирискиот град Рака, седиштето на државата која во делови од Ирак и Сирија ја создаде ИСИС, како дел од сивито кое Премиерот го спрема за кога ќе треба да бара работа после падот од власт. Одговорниот функционер во редовите на ИСИС според информации кои ни се достапни сѐ уште ја анализира сликата и нејзината содржина, но наводно, неговата првична и неофицијална реакција биле зборовите: „се гледа дека со типот споделуваме доста слични идеи и ставови“.

4. Конечно, врамената карикатура според извор на кој може да му се верува, Груевски му ја испратил на претседателот Хорхе како подарок, во знак на пријателство и почит, но и како имплицитна закана за тоа што ќе му се случи ако се осмели да стави вето на законот за екстерно тестирање. На претседателот толку му се допаднал подарокот (а и ја сфатил заканата, очигледно), што решил да му прати и тој своја карикатура на премиерот. Од неговиот кабинет веќе стапија во контакт со авторот на карикатурата, и побараа од него сега да нацрта фикус, кој што врамен во идентична рамка, ќе му биде испратен на премиерот.

Која од наведените теории е точна, до затворањето на оваа вест, не успеавме да дознаеме. Ама, од добро информирани кругови, ни кажаа дека вистината е како шило и дека таа врти, врти и на крајот ќе излезе. Додека чекаме тоа да се случи, останува само да нагаѓаме.

 

*Напомена: Веста е измислена и сатирична.

Поврзани новости