Претседателот на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов, ќе постапел како државник. Така пред 10-тина дена изјави тој самиот по средбата со претставници од Професорскиот и од Студентскиот пленум. На која моите колеги ги изнесоа нашите аргументи за измените на Законот за високо образование, наведувајќи дека станува збор за владина политика за девалвирање на академската заедница во нашата држава, за кршењето на Уставот и за грубата и нахална агресија врз автономијата на универзитетот.

Охрабрена од неговата изјава, тогаш напишав отворено писмо, односно јавен повик до претседателот на Република Македонија. Сметав дека државничкиот сенс на кој тогаш се повика тој, по автоматизам значи заштита на Уставот, односно ставање вето на неуставните акти.По вчерашното негово потпишување на Указот со кој пакетот образовни закони стапија на сила, Ѓорге Иванов не е веќе ниту професор, ниту доктор, а најмалку државник.

Простете на зборот, ама тој е ДРЖАЛНИК. Се држи за скутот на Груевски и грчевито ја стиска фотелјата која му овозможува претседателски бенефиции.

Станува соучесник во беззаконието, а неговата последна изјава дека добил „цврсто уверување од предлагачот (Владата) дека во наредниот период ќе биде организирана сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од сферата на високото образование со релевантните субјекти од оваа област“ го прави човек-бурлеска.

Каде го има ова луѓе мои? Нашиот претседател прво го озаконува незаконитиот закон, а потоа планира да организира расправа за неговата законитост. Ова би било добар виц, да не е наша сурова реалност.

По оваа козерија, сигурна сум дека Иванов, не само што нема минимум професорска етика, туку и во име на функцијата го фрлил на буниште своето минато во образованието и заборавил што значи Универзитет, што значи високо образование и што значи академска слобода.Иванов се претстави како сатрап (вазал) на владејачката партија, не само затоа што со својот последен гест покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку и дека е беспоговорен извршител на својот наредбодавец.

Сакам да го потсетам дека еден од синонимите за неговата функција е „шеф на држава“, а не „слуга на премиерот“.

Сакам да го потсетам дека државник е човек што обединува и што се грижи за заедничките вредности, а не што разединува и ги погазува законите.

Сакам да го потсетам дека секоја власт е менлива и минлива и дека еден ден ќе треба да ги погледне в очи своите колеги – професори и студенти.

И конечно, сакам да го потсетам дека и тој самиот е дел од една тоталитарна, бескрупулозна и забегана власт, која неартикулирано гази врз најсветите човекови права: слободата, еднаквоста и правдата.

Ѓорге Иванов до крајот на својот технички мандат ќе си остане техничко лице познато под техничкиот назив – Хорхе.

Гордана Попсимонова, универзитетски професор

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.