Инспектори влегоа во странската инвестиција „КСС“ по бркањето на синидикалците

by fokus

Инспектори од подрачните оделенија на Државниот инспекторат за труд во Струга и Кичево, влегле денеска во фабриката „Ки Сејфти Системс“ по пријава на вработените кои останаа без работа откако формирале синдикална организација. Веќе четири часа инспекторите ја чешлаат работата на американскиот инвеститор во Кичево, дознаваме од неофицијални извори.

Државниот инспекторат за труд испратил своја екипа на терен откако вработените со допис побараа од Инспекторатот да постапи во случајот. Од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството, во рамки на кој се организирале вработени велат дека на овој начин се нарушува правото на работниците на слободно организирање.

Непосредно по формирањето на синдикалната организација во „Ки Сејфти Системс“ беше избркан од работа претседателот, а потоа потпретседателот, благајникот и секретарот, како и уште шест члена на организацијата. Управителите им соопштиле на вработените да користат одмор, а потоа да не се враќаат на работа затоа што договорите нема да им бидат продолжени.

Вработените се жалат и на лоши услови во погоните на фабриката, непочитување на работничките права и нивно експлоатирање за плата од 10.100 денари. „Ки Сејфти Системс“ е американска инвестиција која во Македонија отвори погони за производство на воздушни перничиња, за што доби и низа поволности од државата.

М.В.

Поврзани новости