Стевчо Јакимовски против Стефан Богоев во Карпош

by Fokus
Политичките партии го тестираат јавното мислење жителите на Карпош за нивните потенцијални адути за оваа скопска општина на претстојните локални избори.
Изминативе неколку недели, повеќе жители на Карпош велат дека добиле телефонски повици од лица што спроведувале анкета на тема кого би го гласале за градоначалник.
Помеѓу понудените имиња од страна на ВМРО ДПМНЕ се нашле актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, поранешниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов и претседателот на општинскиот совет Сашо Лазаревски.
Како предлози од СДСМ, пак, биле понудени потпретседателот на СДСМ, Петре Шилегов, поранешниот дополнителен министер за финансии Кире Наумов и пратеникот Стефан Богоев.
 
Според нашите информации, резултатите од телефонските анкети оокажале дека највисок рејтинг кај жителите на Карпош имаат Петре Шилегов и Стефан Богоев..
 
Инаку, Шилегов се спомнуваше и како можен кандидат за градоначалник на Скопје, во трка со актуелниот Коце Трајановски. Иако тој истакна дека не размислува за напуштање на Собранието и кандидирање за било каква функција, сепак, извори од партијата тврдат дека најверојатно ќе го вкрсти копјето со Трајановски.
 
Со оглед на тоа, младиот пратеник Богоев останува како еден од сериозните кандидати за татко на Општината. Токму затоа, ,,Фокус’’ телефонски го контактираше околу темава.
 
-Сеуште немам официјален став околу темата, но верувам дека граѓаните знаат што е најдобро за нив и кој од можните кандидати би бил вистински избор. Постапката е во тек, партијата прави анкети со цел да ги избере најдобрите кандидати – ни изјави Богоев.
 
Тој е претседател на СДММ и актуелен пратеник во Собранието на РМ. Има 28 години и е дипломиран економист, магистрант на применета економија, Универзитет Американ колеџ – Скопје.
 
Деновиве се почесто се откриваат имињата на потенцијалните кандидати за градоначалници во општините. Пред неколку дена од Охрид, премиерот Зоран Заев изјави дека за кандидатите од СДСМ за локалните избори ќе одлучат анкетите.
 
-Да ги видиме најдобрите кандидати, не за Заев, Спасовски, Шеќеринска, туку за граѓаните, да видиме кои кандидати тие ги сакаат за татко или мајка на градот – потенцираше тој.
 
Локалните избори треба да се одржат на 15 октомври годинава, со цел избирање на кандидати за советници и градоначалници во 84 општини.
Вики Клинчарова

Поврзани новости