Ако се случи наезда на глувци

by fokus

Прво, за почетните знаци на наездата на глодари во некој зафрлен дел од државава ќе објави телевизијата Телма, но поради ниската гледаност на таа телевизија, скоро никој нема да дознае за наездата сѐ додека таа не се прошири до степен што веќе ќе биде премногу доцна за да се спречи. Но, откако наездата веќе нема да може да се игнорира, ќе објават и големите телевизии.

На најгледаната телевизија, Сител, спикерот ќе ги започне вечерните вести со драматичната најава: „Авантурите на Заев во земјоделието започнаа да го земаат својот данок – наезда на мутирани стаорци ја сардиса Македонија!“

Веќе наредниот ден со соопштение ќе се јави владејачката партија која за наездата, се разбира ќе го обвини СДСМ. Некој локален функционер кого јавноста за прв пат го гледа, читајќи од текстот напишан на лист, од говорницата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ налутено ќе го повика Зоран Заев „конечно да даде одговор на следниве прашања“ кои ќе гласат:

1. Дали е вистина дека фирмата која требало да ја изврши дератизацијата во општина Струмица е фирма на првиот братучед на Зоран Заев?

2. Дали пестицидите со кои требалода бидат затруени глувците наместо за таа намена биле употребни за прскање во оранжериите на „Анска река“ и поради тоа се најдоа во краставиците кои неодамна му нанесоа огромна штета на имиџот на Македонија како земја која може да произведува најздрава храна во Европа (според извештајот на „Дуинг зимница“).

3. Зошто Зоран Заев дозволил да бидат уништени корнишоните полни со пестициди, кога тие можеле да бидат расфрлани низ целата држава како совршена мамка за глувците?

На оваа прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ веднаш со одговор ќе се јави лично токму повиканиот Зоран Заев и бидејќи тој си има навика кога зборува за себе наместо во прво лице да се изразува во трето лице, ќе одговори: „Оние што го повикуваат Заев на одговорност, треба да знаат и впрочем многу добро знаат дека Заев својата работа си ја има завршено на време и дека Заев нема од што да се срами ниту пред граѓаните на најуспешната општина во Македонија, Струмица, ниту пред  претседателот на најнеуспешната влада во Европа, Никола Груевски. Ако Заев нешто погрешно направил, Заев за тоа е спремен и да одговара пред било кој суд. Но, Заев ве прашува вас господине премиере, кога вие ќе одговарате за вашите грешки пред граѓаните на Република Македонија“

 

„ОДЈЕЦИ И РЕАГОВАЊА“

Веќе наредниот ден, на неколкуте провладини портали ќе се појават наслови како „Македонија ја изедоа глувци, а СДСМ наместо да помага само ѝ пречи на владата“ или „СДСМ ги сотре мачките, па сега ги донесе глувците“ или „Сораја го покажа совршениот задник“, вест која ќе биде најчитана на секој портал, веднаш после веста со насловот „Станија пак заборавила да облече гаќички“.

Секако, најдобрите муабети на оваа тема, најсилните „одјеци и реаговања“ ќе може јавноста да ги чуе во шоуто на Миленко. Во друштво со политичари, аналитичари и национал-романтичари, Миленко ќе постави вакво прашање: „А добро, дали е можно глувците да се накотиле поради загаденоста на почвата и колку за тоа е виновна Железара на Минчо Јорданов?“

На ова прашање, редовниот гостин во шоуто, Љупчо Зиков веднаш ќе одговори користејќи ја сета елоквенција што ја има: „Значи, ха, Миленко… види… не е прашањето зошто глувците доаѓаат во Македонија, туку прашањето е зошто луѓето си одат од Македонија! А сите знаеме зошто, проблемот, значи коренот на проблемот, ни е јасен на сите. И ние во Алијансата значи, имаме концепт, имаме стратегија, имаме план, имаме значи решение за тој проблем… не, чекај Миленко, ќе ми дозволиш ли да ја довршам мислата. Значи, е… значи,  јас можам да гарантирам пред целата македонска јавност, дека првиот ден откако ќе победиме на изборите, значи првиот час откако јас ќе станам премиер, и проблемот со глувците ќе биде решен и Железара ќе продолжи да работи. Не затоа што јас така сум рекол, туку затоа што така мора да биде!“

Мирка Велиновска пак, исто така присутна во студиото ќе го срочи својот став во сосема очекуваната од неа фраза: „Јас мислам дека ова со глувциве е само вовед во конечната фаза на решавањето на спорот за името“

Во емисијата на Јанко Бурекџијата пак, водителот со растреперен глас ќе ја подучи целата негова публика на следнава безвременска вистина: „Луѓе, не потпаѓајте на пропагандата! Еве јас сега за прв пат пред целата македонска јавност ќе откријам, ова до сега никогаш не сум го кажал никаде, знам дека ќе има некои што нема да ми веруваат ама вистина е! Во 92-та јас лично со свои очи имам видено глувци на фарма во Америка, огромни, како прасиња, е толкави како од овде до онаму! Ги хранат со ГМО храна и после они мутираат, наааа толкави!!! Ова што се случува со наездата на глувците во Македонија, верувајте ми не е случајно, нема тука ништо природно, ова е дел од специјална војна, памтете ми го ми го зборот, Спе – Ци – Јал – На војна води некој, а сите знаеме кој, против Македонија!“

Контроверзниот Саше Политико, на својот портал ќе ја просветли заблудената јавност со некоја колумна од која следниов фрагмент би можел го долови стилот и духот и идејата на авторот: „Абе кои глувци, кој курац, нели гледате дека ние сме више осма година у глувчја дупка набутани, не смееме ни главче да покажеме! Значи кој махери се талибанциве неокомунистички фашистички, секогаш кога спремаат некое ново тешко срање, ќе направат некоја диверзија као Русите у 43та и народ прост ќе блее како овци по тоа цел месец, додека они не ебаваат и од напред и од позади и у уста, значи не ми се веруе колку сме смотани као народ…“

Во неделникот „Фокус“ меѓусебна полемика ќе започнат Стојан Андов и Љубчо Георгиевски, при што првиот истрел ќе го упати Андов со колумна во која ќе тврди дека „и за времето на НОБ имаше наезда на глувци, ама тогаш вмровците седеа со скрстени раце, додека само комунистите се бореа против глодарите“. На ова нешто, со свои факти ќе одговори Војводата: „мислам дека е нели, крајно време, еднаш веќе некои работи да ги расчистиме во нашата историја. А тоа е дека никогаш немало овде наезда на глувци, туку дека во прашање биле стаорци, за што е согласна и целата светска наука, и верувајте ми, каде и одам нам ни се смеат кога споменуваме некакви си глувци. Стаорците во Македонија станаа глувци дури после 1945-та откако беа измислени за потребите на југо-пропагандата и затоа треба сега нели, да се запрашаме што биле тие глувци пред тоа. Во крајна линија, дури и ако глушецот го завикаме стаорец, нали, дали тој ќе стане одеднаш помалку глодар отколку што е! Па зарем Корејците од Северна Кореја се помалку Корејци нели, од оние од Јужна Кореја?“

 

КОНКРЕТНИ ДЕЛА

Откако јавноста на овој начин ќе биде подготвена, ќе реагира и Владата официјално, не само со изјави и гола пропаганда, туку и со конкретни мерки.

Така, прво ќе бидат увезени од Украина два милиона стапици за глувци по цена десет пати поголема од пазарната, се разбира без тендер, туку како анекс на јавната набавка за статуите на Том и Џери. Потоа, ќе се понудат субвенции за чување мачки (кои нема да се исплаќаат со месеци), и конечно преку лотарија ќе се вработат две илјади луѓе од социјално ранливите категории кои ќе работат дел во „Управата за дератизација“ (која доправа треба да се формира, иако вработените ќе си земаат плата додека во меѓувреме си седат дома), дел ќе ги прими „Бирото за спречување на наездите на глувци“, мал дел ќе се вдомат во „Дирекцијата за борба против глодарите“, и конечно – неколку стотици партиски војници ќе се сместат во „Агенцијата за регулирање на активностите против штетници“.

Се разбира, после сите анализи и подготовки, главниот удар врз глувците ќе биде решено да се изведе на територијата на општина Карпош. Како водач на нападот ќе биде назначен Стевчо Јакимовски, ама тој, буквално во пет до дванаесет ќе премине на другата страна. И додека сите се чудат што се случило, одеднаш низ улиците на Карпош ќе се разлее песната која ќе ја пеат илјадници ситни глувчиња, од чии мали грлца громогласно ќе се ори: „не може нам нико ништа, јачи смо од судбине…

 

 

Поврзани новости