Започна постапка за одземање на лиценците за увоз на мазут на четири фирми

by Fokus

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) почна постапка за одземање на лиценци на носителите на лиценца за трговија со нафтени деривати, а пред се на мазут на големо и тоа на РКМ ДООЕЛ Скопје, Супер трејд ДООЕЛ увоз извоз Скопје, Пертинакс ДООЕЛ Скопје и ЛИЛ Оил ДБ ДООЕЛ увоз – извоз Кавадарци поради непоседување оперативни резерви на мазут, информира претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

-Овие неусогласености се нотирани од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и за тоа е известена РКЕ, рече Бислимоски на денешната прес-конференција по завршувањето на седницата на РКЕ.

Тој појасни дека согласно Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви овие компании се обврзани да обезбедат петдневни резерви во текот на оваа година во зависност од потрошувачката што ја имале во 2020 година. Компаниите во рок од седум дена ќе треба да дадат соодветно образложение во РКЕ која е причината за тоа што се случува.

-Кај Евротим ДПИ има донесено забрана за пуштање во промет на мазутот којшто се поседува во нивните резервоари и тоа е направено поради земање мостра од страна на ДПИ. Откако е издадена оваа забрана Евротим е под целосен мониторинг на РКЕ и не смее да врши никакви тргувања на пазарот на големо за мазут. Во оној момент кога ќе ги добиеме податоците од страна на ДПИ за квалитетот на мострата што е земена од Евротим, РКЕ ќе продолжи со соодветни постапки согласно своите надлежности што ги има утврдено во Законот за енергетика, прецизира Бислимоски.

Поврзани новости