Врнежи во сабота, значително намалување на температурите во недела

by fokus

Македонија е во исчекување да заврши портокаловата фаза на опасност од топлотни бранови и да паднат температурите кои деновиве надминуваат и 40 степени. Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека мало заладување ќе следи викендов.

Во петок ќе се задржи претежно сончево и многу топло време со натпросечни температури на воздухот, прогнозираат од УХМР. Веќе во сабота во текот на денот ќе има зголемување на облачноста и ќе дува засилен југозападен ветер, но дневната температура се уште ќе се задржи висока. Во вечерните часови и преку ноќта кон недела ќе има врнежи од дожд и грмежи, а најобилни врнежите се очекува да бидат во североисточните делови.

Во недела ќе дува засилен северен ветер, а дневната температура значително ќе се намали, на места и за повеќе од 10 степени во однос на сегашната.

Од понеделник ќе биде стабилно со постепен пораст на дневната температура, но во рамките на просекот за овој период од годината.

Деновиве највисока температура е измерена во Скопје, Гевгелија, Демир Капија, Тетово, Штип, Струмица и Прилеп.

Денеска, пак, се очекува сончево и многу топло време со слаб ветер од променлив правец, а на југот и истокот со услови за локален краткотраен дожд и грмежи. Во ноќните часови стабилно.

Утре исто така сончево и многу топло, со максимални температури од 34 до 40 степени.

Поврзани новости