Во Албанија 17 новозаразени од Ковид-19, Рама вели: Ќе излеземе со крената глава од оваа војна!

by Fokus

По неколкудневниот пад на новодијагностицирани со „Ковид-19“, кога беа регистрирани по седум до девет случаи, во последното деноноќие во Албанија новозаразени се 17 лица, со што вкупната бројка се зголеми на 433 лица, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Во последните 24 часа се тестирани 259 сомнителни случаи, а кај 17 добиени се позитивни резултати. До сега направени се вкупно 3.644 тестови, при што дијагностицирани  се 433случаи со „Ковид-19“. Во последното деноноќие излекувани се 15 пациенти со што вкупната бројка на излекувани достигна 197. За жал и покрај напорите на лекарите до сега починати се 23 лица, изјави Мира Ракацоли, заменик министерка за здравство и социјална заштита.

Таа додаде дека во моментов на Инфективната клиника и во болницата „Шефќет Ндроќи“ хоспитализирани се 60 пациенти, од кои 11 се на интензивна нега, додека шестмина се интубирани.

Најпогодени градови се Тирана со 209 заразени лица, Скадар 52, Драч 39 и Фиер 32 лица.

Во рамки на мерките за спречување на проширувањето на болеста денеска  и овој викенд, трет по ред, полицискиот час ќе трае од 13 часот до понеделник во 5:00 часот.

– Во сабота од 13:00 до понеделник во 5:00 часот се ќе биде затворено и сите дома! Малку по малку со трпение, ќе излеземе со крената глава од оваа војна, напиша премиерот Еди Рама на Фејсбук.

 

Поврзани новости