Претседателот на Синдикатот на машиновозачите ги демантира Железници: Платата ни е неполни 40.000 денари, се уште не е исплатен вториот дел за јули

by Fokus

Претседателот на Синдикатот на машиновозачите Тони Димовски ја демантира вчерашната изјава на раководството на Железници на РСМ Транспорт АД-Скопје, кои вчера излегоа со соопштение дека платата на еден машиновозач со сите додатоци и изминат километар е над 67.000 денари.

-Не е точно дека платата е над 67.000 денари, туку таа е неполни 40.000 денари. Раководството на Железници да престане со лаги и изнесување невистини. Да кажат колку непотизам има во фирмата и колкави плати земаат членовите на нивните семејства и колку им се поголеми коефициентите по кои им се пресметуваат платите, изјави Димовски.

Тој објаснува дека платата на машиновозач изнесува неполни 40.000 денари заедно со надоместоците на плата, како што е дежурство за време на празници, ноќна работа, квалитет на работа и друго.

-Основната нето плата е околу 23.000 денари без овие надоместоци. Тие во пресметките ги вклучиле и средствата за патни трошоци, а тие никаде не влегуваат во плата, тоа е нешто друго. Нека кажат колку пари за патни трошоци во кеш земаат од касата. неодамна имаа патувања во Словенија и Хрватска и од каса беа подигнати три до четри илјади евра. Беа и во Франција, неброени пари подигаат од каса, а нам патните трошоци ни ги пресметуваат во плата, рече Димовски.

Машинскиот извршен персонал од 25-ти минатиот месец ја бојкотира работата во Железници и бараат да им се исплати вториот дел од платата за јули.  Железници на РСМ Транспорт АД-Скопје е во целосна државна сопственост.

-Бојкотот на работата значи дека доаѓаме на работа а не ги извршуваме нашите работни задачи и од 25-ти железничкиот сообраќај е во колапс. Бараме да ни се исплати вториот дел од платата за јули и бараме преговори и нам да ни се покачи коефицињентот за пресметка на плати, исто како што тие ги покачија своите, бидејќи ние сме тие што ги заработуваме парите во оваа фирма, рече Димовски.

Е.Б.

 

Поврзани новости