Од каде корона вирус, кога ниту излегуваа, ниту некој им доаѓаше, реагираат велешани за починатите мајка и син

by Fokus

Седумдесет и деветгодишната К.М. и нејзиниот син В.М. (53) од Велес на 6-ти април беа пронајдени мртви во нивниот стан на улицата ,,4-ти јули”, а според информација од МЗ, по обдукцијата, во дишното стебло на мајката бил пронајден вирусот.

Веста за распаднатите тела на мајката и синот, кои се претпоставува дека починале на почетокот на јануари, ја вознемири велешката јавност. Дополнително, информацијата дека таа била заразена со корона вирус, најверојатно уште кон крајот на декември минатата година, предизвика низа на прашања, кои засега остануваат без одговор.

Според велешани, кои го познавале семејството, станувало збор за болна старица, слепа и со повеќе други здравствени проблеми, која дури и не излегувала надвор од станот. Нејзиниот син имал психички проблеми.

-Ниту излегуваа надвор, ниту пак некој им доаѓаше дома. Од каде го добила вирусот жената, навистина не ни е јасно – коментираат велешани.

Раскажуваат дека лани избувнал пожар во нивниот дом, а трагите од пламените останале на нивниот балкон, бидејќи луѓето поради здравствената состојба, не биле способни да ги санираат штетите. Соседите три месеци ги немале видено мајката и синот.

Според нив, поштарот два или три пати се враќал со пензијата, бидејќи никој не му ја отворал вратата. Познато е дека имале роднини во друг град, но ниту тие не дошле да ги посетат долг период. Низ зградата започнала да се шири неподнослива миризба, по што соседите повикале полиција, која ги пронашла распаднатите тела.

Поради случајот, министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека не е исклучена можноста корона вирусот да бил присутен во земјава многу порано, пред официјално да биде откриен првиот случај на 26-ти февруари.

-Најден е вирусот во примерок од нејзиното дишно стебло. Во насока на значајно поголемиот број на пациенти на грип оваа сезона, кој беше поголем оваа година за 17.000, не е исклучена можноста вирусот да бил присутен во земјава порано. Има многу публикации за асимптоматски носители на вирусот – изјави тој вчера.

Вики Клинчарова

Поврзани новости