Владините уредби со законска сила ќе важат и во следните 30 дена

by Фокус
Со одлуката на претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба на целата територија на државата откако измина периодот на претходно прогласената вонредна состојба, сите уредби со законска сила донесени од 18 март досега остануваат во сила и во периодот што го опфаќа новата одлука за вонредна состојба, информираа од Владата.
„Во таа насока, остануваат сите уредби што го регулираат ограниченото движење на граѓаните, патниот и железничкиот сообраќај, што се однесуваат на нововоспоставениот режим на граничните премини и на меѓународните аеродроми во државата, уредбите што ги регулираат мерките за претпазливост за заштита од ширење на коронавирусот на јавните простори, во јавните институциите, во комерцијалните трговски објекти и во објектите на економските оператори во кои технолошките процеси не се прекинати, уредбите што ја утврдуваат работата во системите на здравствена заштита, за внатрешни работи и во Армијата на Северна Македонија, како сите други уредби што се донесени кои се однесуваат на сите мерки за справување со последиците од коронавирусот“, стои во владиното соопштение.
Од Владата апелираат граѓаните и сите останати институции и правни субјекти да ги почитуваат донесените уредби со законска сила.

Поврзани новости