Византинејџери

by fokus

Какво е однесувањето на типичниот тинејџер? Прво, тврдоглав е и не сака да слуша совети од родителите. Потоа, тинејџерите често имаат бизарен вкус за естетика, што се гледа во нивните чудни избори на шминка и облека, како и начинот на кој ја декорираат својата соба. Конечно, она што ги загрижува најмногу родителите што имаат дете во пубертет е да не западне тоа во лошо друштво, со луѓе со сомнителен морал кои ќе го наведат на штетни навики.

Најчеста изјава од тинејџер е „дај ми пари и остави ме на мира“. Нашата влада се однесува токму така и кон своите граѓани и кон странските кредитори. Бара да ѝ се дадат пари (дали преку даноци, дали преку кредити) и потоа никој да нема контрола врз начинот на кој ќе ги троши парите.

Понатаму, од тинејџер не е неочекувано да се чуе: „стари ај ќути, ти мене не ме разбираш“. Нашава влада, токму така се однесува кон сите нејзини критичари кои ги смета за „истрошени транзициски ликови“. Конечно, како што секој родител стравува неговата ќерка тинејџерка да не ја остави бремена некој си мрсулко, или синот да не почне да се дрогира оти почнал да се дружи со наркомани, така и народов наш треба да се грижи кога ќе го види премиерот во лошо друштво, со разни белосветски преваранти, диктатори и хохштаплери кои државава можат да ја остават „бремена“ (во лоша геополитичка положба) или да ја натераат да се „дрогира“ (да зема премногу кредити) кои еден ден ќе ја наведат на „проституција“  (да прифати, за ситна пара, отворање на фабрики што претерано загадуваат).

Од друга страна, владава барем во внатрешната политика покажува знаци на византиска лукавост, налик на онаа што царот Јустинијан Први ја практикувал. Имено, оние кои јавно изгледаат како нејзини жестоки противници всушност тајно соработуваат со неа, додека на оние со кои е на изглед во хармонична коалиција во реалноста им работи зад грб, вадејќи им афери, саботирајќи им ги проектите, крадејќи им ги идеите и компромитирајќи им ги кадрите.

Зад секоја јавно изречена намера за било која реформа од владава се крие некоја тајна финта за да се задоволат бизнис интересите на грст поединци, секое справување со криминалот се прави само за да се прикрие селективна борба со политичките противници и секој напор за заштита на националното достоинство е, во реалноста, вешт обид да се запре процесот на претворање на Македонија во нормална држава.

Дефиницијата на византиско однесување е дека „ништо не е како што изгледа туку баш е обратно“ а пак дефиниција на тинејџерско однесување е „знам што правам“. Дефиницијата за византинејџерско однесување би била мешавина од овие две и сосема би одговарала на актуелната власт: „изгледам како да знам што правам, ама баш е обратно“.

Поврзани новости