Лидерот на ДПА, Мендух Тачи вчера ја промовираше првата збирка од СМС-пораки во скопскиот ресторан Сушико бар. Местото го одбра бидејќи станува збор за еден нов вид на поетски израз кој поради кусата содржина најмногу потсетува на јапонското хаику.
– Моја муза беше Зоки Заев кој ми прати топла порака од карневалот, кога беше маскиран во самурај. Тоа беше знак! Се сеќавте дека не додржав и ја објавив таа комуникација. Некој собира салфетки, друг значки а моја пасија се СМС-пораките – изјави Тачи сркајќи од зелениот чај.
Ако порано овој харизматичен партиски лидер го викаа војвода, во поново време се почесто може да се чуе дека му се обраќаат како на Цепенков на 21. век – но Мендух е скромен и сака да го викаат само Хитачи. Од неодамна ја пререгистрира партијата во невладина организација и ДПА сега значи Друштво на поети Албанци.
– Успеав поразите и понижувањата на политички план да ги капитализирам во поезијата. Сфатив зошто сме најјаки во Струга, ние од ДПА сме родени за поезија, за Струшките вечери – заклучи Тачи.
Рецензентот на збирката, поранешниот директор на скопската библиотека Филип Петровски на промоцијата изјави дека Тачи е новата ѕвезда на поетското небо.
– И јас направив премин, ама трансформацијата на Тачи е таа што остане запишана во аналите на македонската историја – изјави Петровски.
Спонзор на изданието е скопската фирма со швајцарски капитал „Ексико“ чиј непознат сопственик дури од Лугано го препознал талентот на Тачи.