Гарнитурата на Груевски ќе остане запаметена како економски најнеуспешна македонска влада

by Фокус

Текстот е објавен на 11 февруари 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 815

Пишувал
Стојан АНДОВ

Децата што ќе се родат во нашата земја оваа 2011 година, просечниот животен стандард на своите врсници од земјите членки на ЕУ ќе го достигнат дури на крајот на овој век, поточно во 2096 година. Тоа ни го порачуваат експертите од Светската банка. Но, изгледа и тоа не е сосема сигурно, бидејќи таа цел е достижна само ако БДП во земјата по глава на жител расте годишно по 3,5 отсто.

За да бидат појасни работите, треба да се каже дека во последната деценија  не е постигнат  просечен економски раст од 3,5 отсто. Во првата, пак, деценија од нашата независност, имаме сериозен пад на економијата во земјата.

Стручњаците од Светската банка истовремено укажуваат дека сегашните и бројните идни генерации можеби не ќе ја имаат оваа тажна судбина, ако земјата успее да обезбеди  најмалку 6 отсто годишен економски раст. Ако тоа го постигне, тогаш овие 85 години можат да се намалат на 25 години, за просечниот животен стандард во нашата земја да го постигне европскиот просек.

Оваа разлика од 60 години е огромна. Таа кажува дека ако останеме на сегашниот модел на развојот и во првите 25 години, наместо да го достигнеме европскиот просек, ќе ги поминеме во  опасно натрупување на демографски, социјални и политички проблеми, чија форма, интензитет и краен ефект, денес не можат да се предвидат, меѓу другото и поради  наследените од историјата противречности и многу стапици.

Имајќи го ова во вид, може да се претпостави низ каква голгота ќе минува земјата и нејзините граѓани, ако економски напредува само со стапка од 3,5 отсто годишно!

ДЕМАГОГИЈАТА НЕ НОСИ ЕКОНОМСКИ РАСТ

Експертите укажуваат на овие две можности кои се во остар контраст, а истовремено предупредуваат дека преминот од бавниот во забрзан развој бара исполнување на некои услови кои до денес не сме ги создале. Тие не се ни осврнуваат на некоја можност да јакне стабилноста, безбедноста и моќта на државата само со некои демагошки потфати, како што е “засилениот патриотизам”, на пример.

Тоа лижавче, кое не е ништо друго туку голема измама, експертите не го ни спомнуваат како фактор на напредокот на земјата. Но, индиректно може да се види дека политиката, која ја црпи моќта од поттикнувањето на лажен патриотизам нужно води кон заостанување на земјата и заострување на сите внатрешни проблеми со кои неизбежно ќе се соочат граѓаните.

Ова укажување на експертите произлегува од  нивните сугестии за тоа, како една земја како нашата, може да се одлепи од дното и да постигне засилен и брз развој. Тие укажуваат дека тоа е можно доколку земјата создаде отворена економија и своите стопански текови широко ги поврзе со оние во регионот и пред се во Европа.

Тоа значи дека експертите како предуслов за забрзан развој сметаат дека е влегувањето на земјата во НАТО и ЕУ. Без таквата статусна бонификација на положбата на земјата, без добивање на нови шанси и можности за забрзан развој, сите други напори што ќе бидат правени на внатрешен план, ќе дадат половични или ќе дадат уште полоши резултати.

Значи, за да се направи првиот исчекор во нашето настојување оние 85 години да ги скратиме на 25, неопходно е земјата да си го заземе местото во НАТО и во ЕУ. Ако тоа не  се оствари, не е можен брз економски развој на подолг период. Можни се исклучителни резултати во развојот и до 6 отсто или нешто над 6 отсто, но само како инцидентни случаи, во краток рок и наскоро следени со брзо паѓање на стапката за развој дури и пониско од 3,5 отсто!

РАЗВОЈОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО СФРЈ

По величина на територијата и по бројот на населението, како и по расположливиот економски потенцијал, Македонија е земја со субоптимални можности. Покрај тоа, треба да се каже дека нашата земја на крајот на Втората Светска војна се карактеризираше со доминација на селското население, огромната неписменост, а економијата ја определуваше ситното селско стопанство, аграрната пренаселеност, мануфактурното производство од полуиндустриски и главно занаетчиски тип, и, како врв на тогашниот економскиот развој, создаден меркантилен слој. Богатите луѓе беа пред се трговци, а во индустријата, само неколку семејства моќта ја засновуваа на малобројните фабрики кои можеа на прсти да се избројат!

Развојот што го доживеа Македонија по Втората светска војна, реално започна после 1960 и траеше до 1985 година. Во тогашна Југославија, во тој период се воспоставија механизми за помагање на развојот на недоволно развиените републики и покраини, а меѓу корисниците на тие механизми беше и Република Македонија.

Во целиот тој период, Македонија добиваше од 18 отсто до 23 отсто од вкупниот износ на сојузните извори на финансиски средства, во кои инаку еднакво вложуваа сите републики и покраини. Во овој период во Македонија стапката на инвестициите во вкупниот ГДП редовно учествуваше со 38 отсто до 44 отсто.

Се разбира, инвестициите пред сѐ беа финансирани, барем во почетниот дел на овој период, од сојузните извори. Во целиот тој период од 25 години, Македонија остваруваше развој со стапка од 8 до 12 отсто годишно!

Покрај средствата од сојузни извори кои доаѓаа во Македонија по основа на нејзината помала економска развиеност, во периодот после 1963 година, од сојузни извори во Македонија се слеаја огромни суми за обнова и изградба на разрушеното Скопје во земјотресот во 1963 година.

Прераснувањето на Скопје од една ориентална касаба во модерен град од европски тип, беше финансирано пред сѐ од фондот за обнова и изградба на Скопје во кој притекнуваа средства што беа зафаќани со посебна стапка. Мислам дека тоа беше 2 отсто од посебен данок на промет во целата тогашна СФРЈ.

Така, во Македонија, со тие интервенции беше постигнат развојот кој својот врв го достигна во 1990 година, а од осамостојувањето, поради огромното опаѓање на економската активност, што дојде претежно како резултат на распаѓањето на Југославија и војните на нејзината територија, не сум сигурен дека до денес сме го постигнале. Развојот постигнат од 1960 до 1985 година и денес претставува економска основа за опстанокот на нашите граѓани и нашата држава!

НЕЕКОНОМСКИ КОЧНИЦИ ЗА ЕКОНОМИЈАТА

Додека кумулацијата на економските проблеми и слабости во периодот од 1990 до 2002 година, можеше да се објаснува со дезинтеграционите процеси во регионот и со големиот број воени и оружени конфликти, заостанувањето во последните 8 до 10 години  е условено и од неснаоѓањето и лутањето во економската политика на земјата.

Треба да се истакне дека во периодот од 1990 година заклучно со 2005 година, економијата на земјата беше оптоварена со трошоците на вонекономските настани и со последиците од тие настани. Но, во тој контекст треба да се истакне дека политиката на земјата сепак беше отворена кон регионот и европските и евроатлантските интеграции.

Во април 2001 година беше потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Македонија беше прва од земјите на западен Балкан што потпиша таква Спогодба. Потпишувањето на Спогодбата после две години беше следено со сериозна финансиска инјекција од меѓународната заедница, преку одржаната донаторска конференција.

Со зголемените можности за извоз на европските пазари дојде до оживувањето на македонското стопанство кое беше повлечено од зголемените извозни можности на европските пазари. А, во 2006, 20007 и делумно 2008 година, светската економија забележа значителен бум, што нашето стопанство, поради недоволната способност на нашата влада, не беше во можност во целост да ги искористи приликите кои беа создадени!

Покрај  наследените проблеми во структурата на стопанството, во значаен дел и политиката на владата на Никола Груевски беа причина за економското затворање на земјата и застојот во економскиот развој, што веројатно и натаму ќе следи.

Од неразбирливи причини, владата на Груевски на почетокот на својот мандат се откажа од два значајни проекти во економскиот развој на земјата. Го откажа договорот што го склучи владата на Бучковски со ЕВН, на основа на кој ЕВН беше должна да инвестира 800 милиони евра во развој на енергетски извори во земјата.

ЕВН тие свои средства ги префрли за инвестиции во Албанија, а од тогаш до денес во Македонија не дошол ниту еден значаен инвеститор во енергетската сфера. Овој повеќегодишен застој во таа сфера што го предизвика владата на Груевски, ќе ѝ причини на земјата големи тешкотии во подолг период и ќе делува како ограничувачки фактор во нејзиниот развој. Тој до сега премолчуван и необјаснет потег, кој беше преземен директно од Груевски и Зоран Ставревски, јасно зборува за лутањето на владата на Груевски во нејзината  економска политика, што како последица водеше кон јакнење на  економското затварање на државата!

Втор сличен случај, кој настана истовремено со тој на ЕВН, беше откажувањето на договорот склучен меѓу владата на Бучковски и белградска Делта на српскиот бизнисмен Мишковиќ. Врз основа на тој договор, Делта требаше да инвестира 100 милиони евра, кои понатаму ќе предизвикаа дополнителни вложувања во развој на капацитети за производство на производи што ќе ја снабдуваа трговската мрежа на Мишковиќ, во многубројните негови трговски центри низ земјите на поранешна Југославија.

Во меѓувреме, земјите на Балканот заклучија бројни спогодби од областа на енергијата, а се договараа и за обнова и проширување на сообраќајните врски. Оживеаја контактите и договарањата меѓу Србија, Хрватска и Словенија за основање заедничко железничко претпријатие во Љубљана.

Нашите државни органи беа и останаа надвор од тој процес, дали поради својата заспаност, или, пак, поради недостиг на интерес од другите партнери за таква зделка со нас. Ако е во прашање првото, тогаш станува збор за неспособна државна администрација, која поради сопствена неспособност произведува економска затвореност и слабост на земјата.

Доколку, пак, од тој проект изостанавме поради непостоење на интерес кај другите партнери за нас, треба да извлечеме заклучок дека земјата веќе се нашла надвор од главните сообраќајни правци. И, навистина, интересот на Србија, Хрватска и Словенија за приклучување на Македонија во нивното железничко претпријатие е намален поради нашите односи со Грција, во која како најинтересна точка е градот Солун!

ВЛАДА БЕЗ КОНЦЕПЦИЈА

Примерите со ЕВН и со Делта укажуваат на непостоење концепција за економски развој на земјата за време на владата на Никола Груевски. Тој заклучок се потврдува и со непостоењето интерес на владата за разумно користење на расположливите домашни ресурси и нивно вклучување во економскиот развој.

Така, на пример, експертите на Светската банка укажуваат дека за една земја да постигне континуирана годишна стапка на раст од 6 отсто, покрај странските директни инвестиции, треба и владата на таа земја да обезбеди јавни инвестиции во продуктивната инфраструктура, во здравството и во образованието, во висина од најмалку 25 отсто од вкупниот ГДП во земјата. Во нашата статистика не е возможно да се добие јасна претстава, колку учествуваат во вкупниот ГДП вкупните инвестиции, а колку од нив се јавните инвестиции!?

Според некои наши експерти, во последно време вкупните инвестиции во земјата не изнесуваат повеќе од 20 отсто од вкупниот ГДП. Тој обем на инвестиции не може да обезбеди сериозен развој на земјата. Што е уште поважно, јавните инвестиции кај нас главно се вложуваат во непродуктивни проекти, во споменици, музеи, цркви, џамии… А, здравството и образованието се изложени на перманентни необмислени реформи, кои трошат многу пари, а всушност ја влошуваат состојбата во тие две области!

Овој кус поглед на развојните потреби на земјата и на промашувањата што ги прави нашата Влада, укажува и на точките на кои е потребен целосен пресврт.  Во тој поглед, прво, треба темелно и продлабочено да се проучат можностите за обнова и развој на врските на нашата економија  со економиите на земјите од поранешна Југославија, со кои наскоро треба да бидеме и заедно во НАТО и во ЕУ.

Второ, да се расчисти со партизираното судство и партизираната администрација, кои се појавуваат како сериозна пречка и во економскиот развој. Трето, да се промени политиката на потрошувачка на јавните средства со зголемено учество на инвестициите во продуктивната инфраструктура, и во образованието и во здравството: обезбедување стабилност во тие две области. Четврто, брзо решавање на споровите со нашите соседи и промоција на политиката на подадена рака, наместо постојаните провокации и заострувањето на односите со соседите!

Но, се поставува  прашањето: Дали воопшто владата на Груевски и самиот Груевски имаат капацитет да остварат ваков пресврт? До сега оваа владејачка гарнитура не покажа смисла за развој на отворена економија и за потреба од мерки што ќе овозможат промени за таа да фати чекор со своето соседство.

За жал, како замена за таква креативна политика, владата на Груевски нуди демагогија, лажен патриотизам, поттикнување на страв од соседите, недоверба и непријателски чувства кон Европа и САД. Доколку радикално не расчисти со заблудите што ја оптоваруваат, што тешко може да се очекува, тогаш владеењето на оваа гарнитура наскоро ќе престане, а во свеста на идните генерации ќе остане споменот за нивното неуспешно владеење, со кое на граѓаните и на земјата им било нанесено големо зло!

Поврзани новости