Андреев: Немам лична поврзаност со Заеви и СДСМ, а за медицинска марихуана не добивме лиценца!

by Фокус

Адвокатот Ване Аднреев, кој во јавноста се појавуваше како правен застапник на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, вели дека фирмата за производство на марихуана каде тој се јавува како содружник – „Брисмол“, не добила лиценца за работа од Министерството за здравство, што, според него, покажува дека тој нема никаква поврзаност со Заеви и со СДСМ.

-Ако јас лично и другите содружници сме биле поврзани со семејството на премиерот Заев и со политичката партија СДСМ, лиценца ќе сме добиле, а тоа што истата ја немаме добиено е само потврда дека немаме никаква поврзаност со нив – вели Андреев.

Тој додава дека има професионална соработка со Заев и со компанииите од семејството Заеви, меѓутоа воедно нагласува дека нема лична поврзаност ниту со нив, ниту со СДСМ како политичка партија.

-Јас имам неколку стотици клиенти буквално од сите политички партии во нашата Република, а и клиенти кои не се членови и симпатизери на ниту една политичка партија – посочува адвокатот.

Инаку, тој е еден од косопствениците на компанијата „Брисмол“ од Струмица, која неодамна го носеше називот „Канабис Оне“, заедно со „Летерс ДОО – Ресен“, Зоран Јанев, американскиот државјанин Крис Алмн, како и Сара Еленова, која, според дел од медиумите, се поврзува со владиката Наум.

Притоа, како управител на компанијата се јавува познатиот кикбоксер Славчо Васков познат како Славчо Пинда, кој, исто така, реагира дека компанијата нема поврзаност со СДСМ и власта, и покрај тоа што еден од содружниците има професионална соработка со Заеви.

-За волја на вистината, (компанијата) имаше поднесено документација за добивање на лиценца за одгледување на медицинска марихуана, но истата не ја доби, а со тоа се докажува дека немаме никаква поврзаност ниту со Заеви ниту со СДСМ. Ако сме биле поврзани со нив, лиценца ќе сме добиеле, а тоа што истата ја немаме добиено е само потврда дека немаме никаква поврзаност со нив – истакнува Васков.

Од Министерството за здравство веќе десетина дена не добиваме одговор кои биле причините за одбивање на барањето на „Брисмол“/„Канабис Оне“, меѓутоа неофицијално дознаваме дека проблем претставувало тоа што компанијата полагала право врз државно земјоделско земјиште по пат на закуп.

Во изминатиот период, Фокус пишуваше за неколку компании за производство и одгледување на медицински канабис што се доведуваат во корелација со власта, меѓу кои беа „Мар Медика“, каде  косопственик е комапнијата-донатор на СДСМ – „Делукс Ауто“, како и за „М-6 Еден Грин“, во која сопственички удел поседува заменик-министерот за економија Кирил Колемишевски.

В.С.

Поврзани новости