СКАНДАЛ: Претседателот Иванов провалил е-mail адреси на вработени во јавна администрација?!

by lali

Иако во јавноста се уште ништо не се зборува за овој скандал, сепак постојат сериозни докази и сведоштва од голем број вработени во јавната администрација кои биле жртви на хакирани е-mail адреси од страна на претседателот Иванов.

Извештаите од вештачењето на доказите велат дека претседателот преку овој кривичен акт се обидел преку голем број акаунти да си праќа животи за Candy Crush и со тоа го совлада тешкиот 198ми левел што веќе 3 месеци никако не можел да го помине.

„Во овие опасни времиња, владините функционери не смееат да ја злоупотребуваат својата функција, особено кога станува збор за прашања од државен аспект. Работата на државните службеници не се состои само од шетање по ходници, пиење кафе со колегите, играње карти, лакирање нокти и присуство на контра протести. Има нешто и во Candy Crush, посебно после 99тиот левел каде станува се потешко и потешко а предизвикот е поголем. Каков ќе биде епилогот од оваа акција, останува да видиме, но ова веќе не смее да биде премолчено.“ – изјави истражниот судија што го води овој случај заведен под име „Мute“.

Неофицијално дознаваме дека истрагата се водела последниве неколку месеци, односно во перидот кога претседателот го користeл својот трет годишен одмор од 2015 година. Тој своите вештини што ги поседувал и стекнал како професор по информатика на правниот факултет во Скопје, ги искористил за пробивање и хакирање на голем број приватни електронски пошти што биле во посед на државните службеници ширум републиката.

Претседателот Иванов освен тоа што ги злоупотребил приватните e-mail адреси на службениците, на дел од нив им ги земал и кодовите од порталот МАКТЕЛ за да може бесплатно да ги чита вестите што таму ексклузивно се пренесуваат.

„Ова мораше да престане, не е фер некој да ја злоупотребува својата државна функција за да стигне подалеку на Candy Crush, во споредба со некој од нас кој ниту паузата на работа не ја користи за само го помине левелот што одзема многу време и создава дополнителни нервози пред шалтерите“, ни кажа еден од засегнатите државни службениците кој сакаше да остане анонимен поради завидниот левел до којшто стигнал додека е на работа.

Наскоро очекуваме и изјава од претседателот барем по ова прашање кога веќе нема по ниедно друго кое вистински ги засега граѓаните, државата па дури и вонземјаните над Велес.

 

Напомена: Вестите се измислени и сатирични и служат како пародија од моменталните политички збиднувања во државава. Но не ја исклучуваме можноста тие во иднина по некоја случајност да станат реални и точни.

Поврзани новости