Да го погледнеме односот кон луѓето што учествувале во создавањето на идентитетот на нацијата. Кај сите други народи, нивните херои, великани, научници и уметници од врвен калибар, основоположници на една или друга национална институција и слични такви ликови, се ценети и почитувани, без оглед на нивните мали карактерни маани, и тој збир на национални величини обично се вика „пантеон“ по терминот од латинскиот јазик што означува храм во кој се чествуваат сите богови.
Спротивен термин од терминот „пантеон“ е зборот „пандемониум“ кој пак означува место каде се собрани сите демони, зли духови и темни сили. Ние се чини во отсуство на наш пантеон, сите луѓе од нашата историја кои вака или онака се вградиле во создавањето на она што е Македонија ги имаме сместено во еден метафорички Пандемониум!
Од антиката ги имаме Филип и Александар, за кои пола народ е среќен што им кренавме споменици, а другата половина едвај чека да смени власта за да ги отшрафи тие споменици со помош на француски клуч. Нашите комити пак, или ги имаме жигосано како бугарофили, или пак ако им кренеме споменик – се буниме зашто биле на коњ?!
Од партизаните пак, кои на АСНОМ ја создадоа државата од која правен континуитет влече сегашнава ни Република Македонија, скоро две третини завршија веднаш по Втората светска војна во затвори, како на пример, Методија Андонов Ченто на Голи Оток. Од оние што не беа репресирани, повеќето станаа соработници на УДБа – но истовремено нивниот придонес за градењето на македонскиот литературен јазик и скоро сите институции на нашата држава и нација, од образованието и културата преку стопанството па сѐ до МПЦ, е несомнен.
Во плурализмот, сите луѓе што учествуваа во создавањето на независна Македонија се прогласени од барем половина од граѓаните или за криминалци или за предавници. Нивните ликови се оцрнети или поради прифаќање на референцата БЈРМ (Киро Глигоров), или се перцепирани како корумпирани крадци (Бранко Црвенковски) или како корумпирани бугарофили (Љубчо Георгиевски), или грчки платеници (творецот на првиот устав Фрчковски) или општо како неспособи идиоти и страшливци (сите други).
Луѓето кои ја бранеа со оружје в рака Македонија во 2001-та се маргинализирани не само од институциите туку и од самите граѓани, а сосема обратното важи за оние кои тогаш водеа војна против државата. Нашите иселеници, од чии девизни дознаки преживува половина Македонија – ги презираме сметајќи ги за луѓе што поради тоа си заминале од земјава – не треба да имаат право да учествуваат во донесувањето одлуки за нејзината иднина. Истовремено, три четвртини од младите Македонци сонуваат да станат и самите иселеници!
Овој наш народ, сите луѓе кои се битни да се споменат во неговата историја ги смета за лоши. Затоа, ние сме терсене народ со терсене држава. Оти немаме ни еден лик за кој би се сложиле дека заслужува место во националниот ни Пантеон, ама затоа за влез во Пандемониумот – ред се чека.