Секое стадо има своја црна овца, само кај нас секоја црна овца има свое стадо

by fokus

Американскиот претседател Џон Кенеди, е запаметен по неговата мисла: „не прашувајте што може татковината да направи за вас, туку што вие можете да направите за татковината“. Секако, оваа изрека може да се модифицира за нашите услови, при што треба да се тргне од фактот дека бизнисмените и граѓаните секогаш се прашуваат со какви нови даноци и казни државата ќе ги опљачка нив, ама за разлика од нив политичарите постојано мислат како тие ќе ја опљачкаат државата штом ќе дојдат на власт!

А многу е лесно за било која владејачка гарнитура да си ги наполни џебовите со народните пари доколоку народот ѝ дозволи да го манипулира таа со демагогија. Кенеди рекол и дека „човештвото мора да му стави крај на војувањето, или во спротивно војувањето ќе му стави крај на човештвото“ изрека што за наши услови исто така може да се модифицира и да објасни зошто ние постојано сме жртви на лажливите демагози. Не дека тие толку многу добро нѐ лажат, туку ние сме си премногу неуки за да ги препознаеме нивните лаги. Да беше Кенеди тука и сега присутен, веројатно ќе кажеше дека „Македонците треба да му стават крај на своето политичко незнаење пред политичкото незнаење да им стави крај на Македонците“.

Како што покажаа претходните два пасуса, Кенеди како и секој голем оратор бил чест корисник на стилската фигура позната како „антиметабола“ т.е. на користењето на истите зборови со превртен распоред во две последователни мисли, која пак ораторска финта може да се употреби за да се анализира нашата реалност на еден доста интересен начин.

МАФИЈА И ОВЦИ

Во некогашната држава Прусија (дел од денешна Германија) толку многу внимание се посветувало на вооружените сили и толку голем дел од националните ресурси се пренасочувале за развој и одржување на воената моќ, што тоа било инспирација за следнава забелешка: „секоја држава си има своја армија, само во Прусија армијата си има своја држава“.

Како убава антиметабола, таа изрека лесно може да се модифицира за опишување на состојбата во секоја земја каде што криминалните групи се толку добро организирани и толку многу се богати и моќни што се станати посилни дури и од институциите на државата. Па така, за Србија под режимот на Милошевиќ често се велеше дека „секоја држава има своја мафија, само во Србија мафијата има своја држава“. Истото во голема мера може да се каже и за Република Косово, а не многу подалеку од точноста на таквиот опис е и Бугарија во изминативе две децении.

Кај нас поради актуелната лустрација и опсесијата наша со кодошење, лесно може да се употреби верзијата дека „секоја држава си има своја тајна полиција, само во Македонија тајната полиција си има своја држава“.

Македонците постојано паѓаат на лажните ветувања на лажливите политичари кои ги замајуваат со понуди за партиски вработувања во државната служба и повиски пензии и плати финансирани преку земање кредити од страна на државата, така да не треба да чуди што при толкави овци кога е во прашање неразбирањето на економијата секогаш ќе се најдат овчари, чобани и пастири кои ќе го острижат таквиот народ.

Јасно е дека секој човек си има своја приказна и дека секоја приказна си има свој човек. Секој верува во некаква идеја без разлика колку и да е таа глупава, и секоја идеја, без разлика колку и да е глупава ќе си најде свои верници само ако доволно добро се пропагира. Па затоа, ако се имаат во предвид итрите демагози и нивните припрости следбеници, состојбата кај нас најубаво би се опишала со антиметаболата: „Секое стадо си има своја црна овца, само во Македонија секоја црна овца си има свое стадо“.

ИДЕАЛИЗАМ И МАТЕРИЈАЛИЗАМ

Секоја демагошка власт кога влече погрешни економски и геополитички потези со цел да ја одржи илузијата дека знае што прави всушност се коцка со иднината на државата. Иако многу често гласачите на избори знаат да ги победат таквите коцкари, потоа скоро редовно таквата победа се прокоцкува, оти уште поголеми хазардери заседнуваат на власт. Оти не е исто да знаеш што правиш и да правиш што знаеш. Власта која што знае што работи има некаков план, некаква визија, некаква јасна слика за тоа како сака да изгледа иднината на државата. Од друга страна власта која прави што знае, работи по принципот „купи ден продај“ и често пати секој нареден потег е сосема контрадикторен на претходниот и го поништува неговото дејство.

Затоа јасно е дека кинескиот мислител Лао Це уште пред две илјади и петстотини години убаво си кажа кога советуваше дека власта која има најмали овластувања најубаво ќе владее оти не ќе може премногу штета да направи во државата со која владее. Велеше тој мудрец: „тие што знаат што да се прави – не зборуваат, додека тие што зборуваат – не знаат што треба да се прави. Тие што можат да променат нешто – не сакаат да помогнат, додека тие што сакаат да помогнат – не можат да променат ништо“.

Главниот проблем во Македонија е што на секоја власт ѝ е дадена огромна, речиси апсолутна моќ да се меша во секоја општествена сфера. Од медиуми преку судство до економија, просто нема каде секоја власт не може да ги репресира своите политички противници. Благодарение на тоа, да се биде чесен и успешен бизнисмен е речиси невозможно, оти кој сака да остане чесен не може да стане успешен, а кој сака да стане успешен – не може да остане чесен.

Затоа, кој сака да заработи некоја посериозна паричка мора да биде или дел од бандата на власт или дел од бандата во опозиција со надеж еден ден да дојде на власт. Па баш затоа, кај нас и немаме бизнисмени кои се и познати и почитувани истовремено. Оти ако некој бизнисмен го почитувате – тоа е знак дека не го познавате доволно добро, додека пак ако некој бизнисмен го запознаете доволно добро – тогаш сигурно нема да го почитувате.

Вели една претприемачка изрека дека разликата меѓу алчниот и себичниот човек е во тоа што првиот гледа пари во сѐ, а другиот гледа сѐ во парите, т.е. дека алчниот е способен да го гледа својот ќар во секоја работа на која ќе се посвети, додека себичниот во секоја работа на која ќе се посвети го гледа само својот ќар и ништо друго не го интересира.

Мислам дека таа изрека во поглед на преголемите овластувања што ги има власта кај нас може да објасни и зошто нашата држава никако да напредува туку постојано секој на секого се обидува да му направи што поголема опструкција. Една работа е да гледаш политика во сѐ, а сосема друга е да гледаш сѐ во политиката. Оној кој што го прави првото сфаќа дека смислата на политиката е да се понудат подобри решенија за унапредување на сите сфери од животот, додека оној што го прави второто просто не го интересира никаква друга работа освен преку употреба на политичката моќ да си ги оствари сите свои желби за богатство, слава и сила.

Поговорката вели дека среќна држава е онаа во која идеалистите се обезбедени материјално, а материјалистите идеално. Ама како да се постигне тоа кога скоро сите крадци се и политичари, а истовремено скоро сите политичари се и крадци?

ПРАВОТО НА СИЛАТА ПРОТИВ СИЛАТА НА ПРАВОТО

На самиот почеток на Втората светска војна, кога дипломатите правеле обиди да ги стават на иста маса британскиот премиер Черчил и советскиот диктатор Сталин со цел да ги обединат нивните армии во заедничка борба против нацизмот, британските медиуми преку една интересна антиметабола објасниле зошто двајцата лидери нема да можат баш лесно да се разберат еден со друг и да соработуваат без проблеми, токму поради нивните фундаментално спротивни карактери. Имено, контрастот помеѓу секогаш отворениот за критики и совети Черчил наспроти постојано параноичниот и нетрпелив за поинакви мислења Сталин бил инспирација за фразата „Черчил ги собира вицовите што луѓето ги кажуваат за него, додека Сталин ги собира луѓето што ги кажуваат вицовите за него“.

Таа мисла модифицирана во обликот „разликата меѓу една демократска и една тоталитарна власт е што демократската власт ги следи критиките што луѓето ги упатуваат кон неа, додека тоталитарната власт ги следи луѓето што ги упатуваат критиките кон неа“ во голема мера може да нѐ упати кон заклучокот на дилемата во каква држава со каква власт веќе две децении живееме.

Секој што е доволно стар да се сеќава, знае дека прислушнувањето на опозициските политичари и користењето на корумпираното судство и партизираната администрација за да се попречува бизнисот на политичките противници не го измисли сегашнава власт, иако во голема мера го прошири и надгради тој модел на владеење. Уште од аферата „Дувло“ кога пред скоро дваесет години беше обелоденето дека тогашната власт ја прислушнува тогашната опозиција, стана јасно дека комунизмот само формално завршил но во реалноста си продолжил да егзистира во навиките и сфаќањата на луѓето. Оти една работа е да го извадиш кодошот од кодошењето, а сосема друга е да го извадиш кодошењето од кодошот.

Секоја власт е совршено свесна дека поради речиси апсолутната моќ што ја има во нашиот политички систем, правото на силата е многу позначајно од силата на правото. Затоа ниту една власт не се труди да ја професионализира администрацијата или да го направи судството независно, оти ако се откаже од контролата што ја има врз тие институции – нема да може да ги репресира толку лесно своите конкуренти во опозицијата.

Од таму, најдобриот совет што секој опозиционер може да го добие е дека е паметно да се прави глупав и дека е глупаво да се прави паметен. Оти власта нема да си губи време да се занимава со опозиционери кои не изгледаат доволно способни да дојдат некогаш на власт, додека пак оние што ќе остават впечаток дека може да се докопаат до власта ќе станат предмет на посебно интересирање. Се разбира, сосема истата работа може да се каже и за оние што се на власт. Бидејќи власта која се прикажува себеси за безгрешна и премудра многу повеќе ќе ги разочара своите подржувачи кога ќе направи некоја грешка или некаква глупост, за разлика од онаа власт која признава дека бидејќи е составена од обични луѓе нормално е од време на време да направи и по некоја грешка.

Тоа е основниот проблем со секоја тоталитарна власт или власт која се стреми кон тоталитаризам. Ако сакате луѓето да ви ја доверат целокупната моќ и контрола врз нивните животи, ќе морате да ги убедите дека сте способни за секој нивен проблем да најдете решение. А тоа, колку и власта да е способна, е невозможно, оти за многу проблеми просто – нема решение!

Има една поговорка која вели дека војската составена од зајаци а предводена од лав е посилна од војската составена од лавови а предводена од зајак, со што се сака да се каже дека будалиот човек многу поголема штета може да направи ако му се даде власт врз умни луѓе, отколку ако на умен човек му се даде власта врз будали луѓе. А бидејќи колку и да се трудиме, никогаш нема да бидеме сосема сигурни дека не сме избрале будали на власт, најубаво е на секоја власт да ѝ се даде не повеќе моќ отколку што би било безбедно да има еден будала што дошол на функција глумејќи умен човек.

Една работа е кога амбициозниот лидер ќе се разочара во своите следбеници, а сосема друга е кога следбениците ќе се разочараат во својот амбициозен лидер. Бидејќи далеку полесно е да го прифатиш она што не можеш да го промениш отколку да го промениш она што не можеш да го прифатиш.

Ако нашите сфаќања не одговараат на реалната состојба многу полесно е да се променат нашите сфаќања, отколку да се обидуваме тврдоглавата реалност да ја промениме за да биде таа во согласност со нашите сфаќања. Во што веруваме и како го гледаме светот зависи само од нас самите, а каков е навистина светот – тоа зависи од многу други фактори врз кои ние немаме контрола.

Мора да сфатиме дека како што реалноста не е совршена, уште повеќе совршеноста не е реална. Не треба од нашите водачи да очекуваме тие да нѐ избават од проблемите за кои самите сме си виновни. Оти иако е точно дека од секој човек не бидува добар водач, уште поточно е дека од секој водач – не бидува добар човек.

Поврзани новости