„Екстра меин“: Само едно знаеме, во нашите производи нема листерија!

by Фокус

Само едно знаеме, нема листерија во производите на „Екстра Меин“. Потенцираме и бараме од сите инволвирани институции јасно и гласно да ја известат јавноста каде е листеријата, реагира кумановската компанија на изјавите на министерот за здравство Никола Тодоров кој попладнево беше дециден оти сувомеснатото од „Екстра меин“ е главен извор на листеријата.

„За суровините земени за анализа од „Екстра меин“, за кои Вие велите дека се позитивни ние поседуваме резултати од две акредитирани лаборатории каде што истите се негативни на присуство на листерија. Со ова се доведува во прашање веродостојноста на резултатите произлезени од лабораторијата, како и тврдењето од денеска дека не е возможно при транспорт да се контаминира производот. Возможно е и не само при транспорт, туку и при несоодветно чување и манипулација во продавниците и во домашните услови“, велат од „Екстра меин“.

Оттаму го прашуваат Тодоров дали знае дека методот за утврдување на генотипизација не е акредитиран од страна на Институт за акредитација и со тоа се побиваат сите обвинувања дека има листерија во сечканиот врат на „Екстра меин“.

„Исто така, министре дали го прочитавте извештајот  од извршениот надзор на 6 јули од страна на д-р Флорентина Шурбевска и нејзиниот тим во фабриката на „Екстра меин“ во Куманово, која направила увид без присуство на санитарен здравствен инспектор и без направен записник до субјектот на надзор. Иако во документот Шурбевска информира дека имало присуство на инспектори, а подоцна да потенцира дека не присуствувале на увидот и сама се фаќа во лага. Брисевите и мострите кои ги земала при извршениот увид, се негативни на присуство на листерија. За да на крај апсурдот да биде поголем, Шурбевска во извештајот до Министерството за здравство наведува дека не ја исклучува можноста, при транспорт и одмрзнување на примероците да извршиле „загадување“ со споменатата бактерија, со тоа што истакнува дека не носеле соодветна опрема за транспорт на земените мостри“, стои во денешното соопштение од кумановската компанија.

Поврзани новости