Пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ цел ден се препукуваа, загадувањето остана

by fokus

Пратениците вечерва не гласаа за Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија, поднесена од ВМРО – ДПМНЕ. Седницата е прекината и, како што најави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, дополнително ќе биде закажана.

Расправата во попладневниот дел продолжи како што почна претпладнето – со меѓусебни обвинувања. Пратениците од владејачкото мнозинство ја квалификува Информацијата како груба манипулација и дезинформација, како политички памфлет во кој освен голи фрази не може да се сретне ништо друго. Отсуствуваат бројки, рекоа, извори на податоци и споредбени анализи. ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара СДСМ да им се извини на граѓаните зашто не го исполнила ветувањето – дека веднаш ќе го реши проблемот со аерозагадувањето кога ќе дојде на власт.

Ставот на власта го бранеше заменик – министерот за животна средина Јани Макрадули. Тој остана на тврдењето дека актуелните мерки и активности даваат резултат. Им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека со манипулации и навреди нема да го намалат загадувањето и ги повика да се приклучат кон заедниката борба која е единствено можна, како што рече, со владиниот План за чист воздух.

Макрадули апелира и да се следат правилата и бројките и да им се верува на стручните луѓе во институциите, а не на оние што изнесуваат паушални оценки.

Откако возвратија дека СДСМ со евтини „финти“ дошла на власт и дека така ќе си оди, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа и одговор од Макрадули на прашањето дали власта свесно прави здравствен геноцид врз граѓаните.

По паузата од речиси еден час, за збор се јави и Лилјана Затурска според која „власта не е искрена во намерата за борба против аерозагадувањето и презема само популистички мерки“. -Никогаш немавме вакво загадување, со канцерогени честички. Треба да признаеме дека борбата е неуспешна. Неопходни се и конзистентни ставови. Не може некој кога е пратеник во опозиција да зборува едно, а кога е дел од власта сосема друго, рече Затуроска.

Поврзани новости