Индија почна со најмасовната вакцинација во светот, а здравствен работник во болницата во Њу Делхи прв прими вакцина во земјата која брои 1,3 милијарди жители.
Владата до јули планира да вакцинира 300 милиони луѓе, што приближно одговара на вкупниот број на жители на САД.
Околу 30 милиони здравствени работници и други работници кои се на првата линија на одбрана ќе примат вакцина, а после тоа на ред ќе дојдат 270 милиони луѓе кои имаат над 50 години или се во ризичните категории.
Индискиот премиер Нарендра Моди упати апел до граѓаните да не веруваат во „гласините за безбедноста на вакцината“. Но, не е познато дали Моди ќе се вакцинира како другите светски лидери, за да биде пример за граѓаните.
Претходно, индиската Влада соопшти дека министрите не се приоритет на почетокот од вакцинацијата.
Индија ја одобри вакцината на Универзитетот Оксфорд и британската компанија АстраЗенека, како и индиската вакцина Бхарат биотек.