„Патриотите” – бојкотирачи игнорирани, се бараше влезница повеќе за концертот на ,,Танец” во Мелбурн

by Fokus

Успешно заврши првиот од трите најавени концерти на ,,Танец”, ансамбл за народни игри и песни на Македонија, одржан во Мелбурн, Австралија, откако во текот на изминатата седмица на социјалните мрежи беше актуелен повикот за бојкот на настапите на нашите уметници.

Имено, дел од наши иселеници, кои себе се класифицираат како патриоти на социјалните мрежи, ги повикаа нашинците да не присуствуваат на концертите на ,,Танец”, бидејќи станувало збор за ансамбл кој доаѓа од Северна Македонија, и чиј директор Мартин Вучиќ, наводно бил испратен од премиерот Зоран Заев, за да ги убедува иселениците да го прифатат името Северна Македонија.

Навредливи зборови на сметка на уметниците, закани и повици за бојкот на концертот беа актуелни на повеќе страници посветени на нашата дијаспора. Појаснувањата дека уметноста не треба да се меша со политиката, и како ,,Танец” доаѓа во Австралија со уметничка, а не политичка порака, кои дел од нашинците ги објавуваа, најчесто беа дочекани ,,на нож” и со обвинувања дека се напишани од предавници, а не од патриоти.

Сепак, за време на вчерашниот концерт на ,,Танец” во Мелбурн, преполната сала покажа дека социјалните мрежи даваат една слика, а реалноста сосема поинаква слика по повод бојкотот. Се барало влезница повеќе за уметничкиот настан, а задоволни нашинци во тек на концертот споделуваа фотографии и видеа од самото место, каде се гледаше многубројната публика која не ги штедеше аплаузите. Бојкотирачите кои се претставуваа како патриоти кои од љубов кон Македонија повикуваа да се игнорира концертот, останаа игнорирани од мнозинството иселеници кои му ја дадоа поддршката на ансамблот.

Заканите дека ,,ќе летаат” јајца врз изведувачите на сцената не се остварија, па наместо ветените јајца, уметниците добија само бурни аплаузи и повици на бис. Во наредниот период ,,Танец” го очекуваат уште два концерти во Австралија. На 22-ри ноември во Канбера и на 24-ти ноември во Сиднеј.

Вики Клинчарова

Поврзани новости