Нема целодневна настава, храна, ниту сапун за учениците од „Ацо Шопов“, МОН ги препраќа родителите во ДПИ

by fokus

Родителите сами купуваат сапун, нема целодневна настава за учениците поголеми од прво одделение, нема обезбедено исхрана. За овие проблеми еден родител на дете ученик во основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани го алармирал Министерството за образование и побарал решенија.

Родителот (чиј идентитет е познат на редакцијата на Фокус) прво испртил писмо до МОН во кое детално ги опишува проблеми со кои се соочуваат.

Родителот во писмото објаснува дека има целодневна настава само за децата во прво одделение, а секоја година прават иницијатива и собираат потписи за воведување целодневна настава за деца до 4 одделение, но секоја година барањето им е категорично одбиено, со различни објаснувања.

Понатаму, организирана храна за учениците од ова училиште, се уште не е организирана, иако помина повеќе од еден месец од почетокот на учебната година, а информација дека два пати е поништен тендерот за исхрана.

„Фокус“ го провери ова и првиот тендер е поништен поради „битни пропусти и недостатоци во тендерската документација“. Ова значи дека распишувачот на тендерот, ОУ „Ацо Шопов“ направил пропусти во тендерската документација. Тендерот бил распишан на четврти септември, иако храна учениците би требало да имаат од први септември.

Потоа е распишан нов тендер со краен рок за аплицирање на 20.10.2021. На електронскиот систем за јавни набавки се уште нема информација дали тендерот е успешен или не.

Родителот го известува МОН и дека училиштето има сапун и останат хигиенски материјал само на почетокот на учебната година, а за понатаму родителите треба сами да се организираат и купуваат. Исто така, оваа година го нема редарот кој пред две години беше поставен пред училиштето, откако дете беше прегазено од автомобил.

Од МОН му одговараат на родителот за законските обврски на училиштата, како и тоа дека родителите немаат обврска да плаќаат за купување средства за хигиена и дезинфекција, бидејќи добиваат блок дотации за сите потреби.

Во однос на забелешките, МОН го препраќа родителот до Државниот просветен инспекторат.

-Доколку сакате да доставите претставка за било кој сегмент од работењето на училиштето, тоа можете да го направите во Државниот просветен инспекторат како надлежна институција за надзори и контроли над работата на училиштата и над остварувањето на правата во областа на образованието, стои во одговорот од МОН.

Родителот го препраќа писмото со забелешки и до ДПИ на 12 октомври, но се уште нема одговор.

К.С.Б.

Поврзани новости