Макрон: Присуството на Зеленски на Г7 „е начин да се изгради мир“

by Fokus

Емануел Макрон го повика светот да не се задоволува со евентуален прекин на огнот меѓу Киев и Москва. Тоа би било „грешка за сите нас“, бидејќи „искуството не научи дека замрзнатиот конфликт ќе биде војна за утре“, рече тој.

Присуството на украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на Г7 во Хирошима „е начин за градење мир“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон пред новинарите во Јапонија.

Ставањето на францускиот авион на располагање на украинскиот лидер за да го пренесе прво на самитот на Арапската лига, а потоа на Г7 во Јапонија, покажува „Франција која гради мир и бара решенија“, додаде Макрон.

Според него, посетата на Зеленски на Џеда во петокот му овозможила „да добие многу јасна поддршка од Саудиска Арабија и неколку сили во регионот… што е вистинска пресвртница“.

На Г7 во Хирошима, Володимир Зеленски ќе „говори и пред неколку светски сили кои понекогаш се изложени на само еден дискурс“, рече францускиот претседател, мислејќи на земјите како Бразил и Индија кои беа поканети на самитот.

Францускиот претседател сакаше да биде „крајно внимателен“ за ситуацијата во украинскиот град Бахмут, епицентарот на борбите и сцената на најдолгата и најкрвавата битка од рускиот напад во февруари 2022 година, за која Русија во саботата соопшти дека целосно ја има заробено.

Поврзани новости