Во државите што ги сметаме за нормални, оние што би требало да ни се пример, народот ако е незадоволен од состојбите во земјата одговорност бара пред институциите на власта или протестира пред седиштето на владејачката партија. Кај нас, сите сме веќе навикнати на контра-протестите во кои незадоволни граѓани бараат одговорност од опозицијата.
Во нормалните држави власта се плаши од народот, кај нас народот се плаши од власта. Во нормални држави медиумите служат како коректив на однесувањето на државните институции и јавните функционери, но кај нас е наопаку и државните институции и јавните функционери служат како коректив на медиумите. Во нормални држави гласачите им даваат пари на партиите преку донации, кај нас партиите им даваат пари на гласачите за да овие го дадат својот глас за нив на изборите. Во нормалните држави граѓаните ја бираат партијата во која ќе членуваат според идеологијата во која веруваат, кај нас пак е обратно, секој ја бира идеологијата во која ќе верува според тоа во која партија членува…
Овие и многу други елементи кои го докажуваат нашиот контрадикторен пристап кон политиката, заедно со парадоксите и апсурдите во кои секојдневно газиме и заглавуваме како општество, ќе бидат предмет на обработка во оваа рубрика.