Бизнисменот Димитрис Контоминас, кој во минатото имаше проблеми со законот во Грција, е избран за консензуален кандидат за претседател на Македонија, се согласија вчера ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Алијанса за позитивна Македонија и по малку и ДПА. А и од ГРОМ немаа забелешки!
– Димитрис е човек кој мазно соработувал со сите власти до сега. Го спомнуваа во неколку аферички, „Телеком“ и слични, ама искрени да бидеме сите сме биле дел од некаков скандал – дури и јас, па ништо не ми фали – изјави Никола Тодоров, шефот на преговарачкиот тим од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Со оглед дека речиси сите парламентарни партии се согласија Контомианс да биде идниот претседател лесно ќе се сменат законските пречки бизнисменот од Грција да застане на чело на државата.
Како што се договорија Тодоров и неговите колеги од спротивната страна, во мисија за убедување на Контоминас ќе го пратат Владо Бучковски како претставник на позитивците.
Претседателската канцеларија ќе му се премести од Водно на плоштадот Македонија каде човекот и во моментов си гради барокен објект.
Дознаваме дека Али Ахмети и буквално и преносно пукал од среќа поради тоа што паднал договор за консензуален претседател, а наводно веќе бил изработен и изборниот слоган – „Државниот кеш пред сѐ“!