„Цивил“: Деца се злоупотребуваа во изборната кампања

by Фокус

Децата масовно биле искористени за агитирање, набљудување и пополнување на бројот на присутни на митинзите, велат од „Цивил“.

Како што јавиле набљудувачите на оваа организација во Струмица децата пред куќата на пратеникот Славе Гошев гласно извикувале – Стево Пендаровски, а друга група на деца – Ѓорѓе Иванов. Парадирале по целата улицата, без никаква реакција од повозрасните. И на Фејсбук биле користени фотографии на деца, облечени во партиски маици и други обележја.

„Пример за партиско агитирање и вршење притисок од страна на професори имаме во Тетово. Средношколец бил повикан од својот професор на разговор во неговата канцеларија. Професорот го прашал на која партија и припаѓаат неговите родители. Исплашен за својата оценка, одговорил дека неговите родители се приврзаници на онаа партија чиј член бил професорот“, се вели во соопштението на „Цивил“.

Набљудувачите забележале малолетници на митинзите на ВМРО–ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и на ДПА со знамиња, капчиња и други партиски обележја во Тетово, Гостивар, Куманово, Велес, Гевгелија, Скопје, Битола, Демир Хисар, Ресен и Струмица.

„На 24 април низ плоштадот и низ подземната гаража во центарот на Струмица, деца од турска националност, облечени во маички кои се дел од пропагандниот материјал на ВМРО-ДПМНЕ, се шетале и делеле флаери. Истиот период деца од ромска националност шетале низ градот со маички на СДСМ. Малолетни деца, со обележја на ВМРО-ДПМНЕ, делеле флаери по куќи во село Батинци, општина Кисела Вода. Ова се случуваше во многу општини низ Македонија“.

Во две средни училишта во Скопје, велат од Цивил, учениците биле ослободени од настава за да учествуваат на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Во едното училиште им рекле дека во Охрид ќе пее Даниел Кајмаковски, а во другото училиште на учениците со послаб успех им ветиле дека ќе им ги поправат оценките.

Поврзани новости