Кој ги онадува онадувачите?

by fokus

Уште пред две илјади години, во стариот Рим, еден поет по име Јувенал (истиот оној што прв во историјата ќе ја запише во еден свој афоризам фразата „леб и игри“) размислувајќи за жалната состојба со моралните вредности во неговата епоха, правилно заклучил дека ниту едно општество не може да биде одржано чесно со присила, оти откако ќе се постават надгледувачи кои ќе треба да го штитат јавниот морал, веднаш ќе треба да се постави и прашањето „а кој ќе ги надгледува надгледувачите?“

Подоцна, ова архетипско прашање во општатата форма „кој ги контролира контролорите?“ ќе се пројавува како најсилна замерка против сите тоталитарни режими кои ветуваат дека ќе донесат благосостојба само откако ќе ги ограничат правата и слободите на граѓаните т.е. откако сета власт ќе биде ставена во рацете на идеолошките чувари.

Имено, во комунизмот се велеше дека тајната полиција е тука да не чува од внатрешните и надворешните непријатели, ама никој не смееше да го постави очигледното прашање „а кој ќе не чува од чуварите?“ бидејќи токму поставувањето на тоа прашање беше доказ дека поставувачот е внатрешен непријател, а таквите редовно беа праќани на „превоспитување“.

Две децении откако падна комунизмот, се појасно станува дека причината поради која демократијата не заживеа како што треба во некои од бившите социјалистички земји е што не се најде начин да се превоспитаат и некогашните превоспитувачи, па тие сѐ уште се со истиот менталитет и ги користат истите методи за контрола врз општеството.

Очигледно, ако било кој глагол го замениме со „онадување“ како најопштиот глагол што може да постои, мислата на Јувенал можеме да ја генерализираме до формата „кој ги онадува онадувачите?“ па така од тој основен шаблон можеме да скроиме еден куп интересни прашања кои ќе ни помогнат да анализираме, од поинаков агол, неколку акутуелни настaни и процеси. Па еве неколку јувеналски прашања:

КОЈ ИМ СУДИ НА СУДИИТЕ?

Основниот парадокс на процесот на лустрација што кај нас се одвива веќе неколку години, се состои во прашањето за легитимноста на лустраторите. Не, не ми е зборот за претседателот на комисијата за лустрација кому му е поминат со години веќе претседателскиот мандат, туку за легитимноста на целата комисија како концепт!

Имено, законот вели дека ниту еден човек не може да биде вршител на јавна функција доколку Комисијата за лустрација утврди дека тој бил соработник на тајната полиција. Е сега, бидејќи и членовите на Комисијата за лустрација (или скратено – „лустраторите“) се исто така вршители на јавна функција, се поставува прашањето како ли само тие ја добиле функција без да минат низ филтерот на Комисијата за лустрација?!

Добро де, тогаш немаше Комисија за лустрација, па лустраторите мораше претходниот состав на парламентот да ги избере. Ама, кој па тие пратеници ги лустрирал и со тоа им дозволил да седнат во собранието? Никој, оти немаше Комисија за лустрација кога пратениците кои ги избраа лустраторите беа избрани за пратеници.

Значи, лустраторите имаат право да лустрираат, а самите никогаш не биле лустрирани! Тие имаат право да одлучуваат кој смее да седне во парламентот, а пак тие што ним им го дале тоа право – никогаш не биле проверени дали имаат право да седнат во парламентот!

Ако овој принцип на давање легитимност се чини како нелогичен, треба да се знае дека тој не е уникатен. Имено, во нашиот правен систем, судиите ги поставува Републичкиот Судски Совет. А кој ги избира членовите на РСС? Самите судии, преку тајни избори. Значи, сегашниот РСС поставува судии и утре токму судиите поставени од сегашните членови на советот ќе треба да гласаат за составот на идниот Републички Судски Совет. Кој механизам ги спречува сегашните членови на РСС да го наполнат судството со свои послушници кои утре ќе му дадат нов мандат на оној што ги поставил или на наследник што е по волја на претходникот?

Воведувањето на овој систем беше објаснето преку потребата изборот на судиите да биде ослободен од партиски влијанија. При тоа, никој не се запраша „кој ги избра судиите кои потоа го избраа советот кој потоа почна да ги избираа судиите?“. Пред да почне РСС да ги именува судиите, судиите беа именувани од страна на парламентот. Тогашните судии поради тоа ги сметавме за партиски послушници, па затоа парламентот со закон се откажа од правото да ги избира судиите и тоа право му го довери на Судскиот Совет чиј прв состав со новите овластувања го избраа токму – судиите за кои сметавме дека се партиски послушници. Дали во моментот кога ги бираа членовите на РСС партиските послушници привремено престанаа да бидат партиски послушници?

И сега имаме демек независно судство? А, кој ќе им суди на судиите? Судскиот совет! А кој ќе му суди на Судскиот совет кога ќе дојде време за реизбор на неговите членови? Судиите!

Ваков систем на селекција на кадри имаше во Советскиот Сојуз, кога Големиот водач ги бираше сам членовите на раководството на партијата, а кога тој ќе се симнеше од сцената (поради смрт) тие раководители го избираа новиот Голем водач. Истиот модел го практикува и католичката црква, при што папата ги избира кардиналите, за кога тој ќе почине, кардиналите да го изберат новиот папа. Ваквиот тип на кадровска политика води кон одвојување на елитата која самата се избира од масата со која раководи, па затоа на Католичката црква ѝ се случила појавата на протестантизмот после која загубила половина од своите верници, и затоа Советскиот сојуз пропадна.

КОЈ ГИ КОДОШИ КОДОШИТЕ?

Еден пријател и соговорник на фејсбук во една дискусија посветена на лустрацијата го постави прашањето за валидноста на самите податоци во досиејата на тајната полиција според кои треба да се утврдува дали некој бил кодош или не. Имено, за некои дисиденти во оние делови од досиејата што самите ги имаат објавено се напишани евидентни глупости, во зависност од тоа колку креативни биле пишувачите на досиејата и доставувачите на информациите. Така, за некои од ветераните на ВМРО-ДПМНЕ пишува дека биле не само македонски националисти туку и „терористи“, додека за некои од албанските дисиденти стои и назнаката дека биле „марксисти-ленинисти“. Колку може да се верува во ваквите описи, особено ако се има во предвид какви луѓе ги пишувале?

Токму тоа прашање во формата „кој ги кодоши кодошите?“ требаше да се постави кога пред некоја година се појавија во јавноста на мистериозен начин досиејата за лидерите на ДУИ, за содржината на кои посочените „кодоши“ тврдеа дека се чиста измислица и дека тие не биле соработници на југословенската државна безбедност, туку напротив, дека биле предмет на следење па не само што тие не кодошеле, туку дека нив ги кодошел некој друг. Логиката им беше дека ако навистина биле тие соработници на она што сега е српската тајна полиција, сигурно нивните довчерашни корисници на информации немало да ги обелоденат. А бидејќи беа обелоденети – тоа беше посочено како доказ дека токму затоа не се соработници на државната безбедност на некогашната Југославија и денешната Србија.

Ако досиејата беа еден вид сведоштво за работата на некои политичари, тие секако требаше да се земат во предвид доколку се оригинали, ама и потоа проблемот е да се утврди дали информациите во досиејата се точни. Сведоците кажуваат што знаат за настаните, но кој да ни каже што знае за сведоците? Доказите ги потврдуваат тврдењата, но кој да ги потврди доказите?

Сепак, силните сомнежи во веродостојноста на она што го пишува во досиејата на наводните кодоши не ги спречува плукачите во обликот на провладини медиумски мегафони да плукаат врз нивниот лик и дело. А откако плукачите ќе се заситат од плукањето кон политичарите, ќе си продолжат да плукаат едни врз други, со што прашањето „кој да ги исплука плукачите?“ станува беспредметно, оти одговорот е „другите плукачи“. А таквиот одговор веројатно може да се даде и за прашањето „кој ги кодоши кодошите?“. Имено, другите кодоши. Или, како што рекол нашиот народ на времето „крадецот вика – др’жте го крадецот!“

КОЈ НЀ ЧУВА ОД ЧУВАРИТЕ?

Со употреба на јувеналска логика може да се постават многу интересни прашања и да се добијат многу интересни одговори. На пример, јасно е дека ниту една мафија не може да функционира без поддршка од некој на битна позиција во власта. А тој некој, за толерирањето на кримиминалните активности на мафијашите, сигурно зема дел од нивниот валкан профит. Затоа и одговорот на прашањето „кој ги рекетира рекетарите“ е повеќе од јасен – најголемиот рекетар во државата – партијата на власт.

Иста таа власт пак упорно бара народот да гласа за неа тврдејќи дека ја чува и брани и заштитува Македонија од предавничката опозиција и дека луѓето може да бидат спокојни со сознанието дека сепак има некој што ќе ја сочува Македонија од внатрешните и надворешните душмани. Сите ние можеме мирно да спиеме знаејќи дека навистина, власта е доволно силна, итра и решителна за да продолжи да нѐ спасува од опозицијата.

Спасители што ќе нѐ спасат од сѐ лошо, најдовме. Останува уште да најдеме некој што ќе нѐ спаси од спасителите.

Поврзани новости