После сѐ што се случуваше пред избориве, за време на избориве и по изборите, навистина на човека му останува да се запраша – што беше смислата на целиот тој театар?
Кога беа распишани претседателските избори, ДУИ се налути (барем јавно) што со ВМРО-ДПМНЕ не бил договорен заеднички т.е. консензуален кандидат за претседател и реши да го спречи реизборот на Ѓорге Иванов, со тоа што нејзините гласачи ќе ги повика да не гласаат во првиот круг, со цел да не се постигне цензусот.
Но, само неколку дена потоа токму ДУИ побара да се распишат предвремени парламентарни избори и тие да се одржат во терминот кој се совпаѓаше со вториот круг на веќе распишаните претседателски избори. Со што сите муабети за некакво бојкотирање за да не се постигнел цензус – станаа смешни!
Јасно е дека ДУИ само му овозможи на Груевски да си организира предвремени парламентарни избори и да си добие пак четири години мандат, мандат што најверојатно пак нема да го истурка до крај, оти реално е да се очекува истовремено со локалните избори во 2017-та, да имаме пак предвремени парламентарни избори.
Груевски пак, откако пратениците на неговата партија изгласаа амнестија за хашките случаи, а потоа за министер за одбрана избраа поранешен командант на УЧК, сега фати да игра на патриотска карта барајќи 62 пратеници со цел да не биде уценуван од коалициониот партнер од албанскиот табор.
Уценуван за што? Сѐ што беше спорно (амнестијата, командантот за министер) веќе беше прифатено и имплементирано, и сега останува во коалицијата само да се делат тендери, нешто што никогаш не било предмет на уцени. Оти е дел од секојдневната соработка во било која коалиција.
Токму затоа јасно е дека сета кавга, сите недоразбирања, сите тензии во коалицијата на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ што се случуваа за време на изборите беа – глума. Како во театарска претстава од жанрот „фарса“. Драмолетка која сепак 481.615 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ и 153.646 на ДУИ ја поздравија со громогласни аплаузи. Толку гласни, што свирежите и извиците „уа“ од страна на малубројната публика од левиот дел на партерот – никој не ги слушна.
На штиците кои власт значат, треба да очекуваме во иднина глумците од ДУИ да не го признаваат Ѓорге Иванов за претседател, ама тоа да не им пречи нивните министри да седат во влада чиј мандатар го добил мандатот за составување на влада токму од претседателот Ѓорге Иванов. Глумците од ВМРО-ДПМНЕ пак, ќе продолжат да се тупаат во гради дека се најголемите патриоти и заштитници на македонските национални интереси од уцените на Албанците, иако новиот мандат што почнаа да го тераат деновиве го добија на предвремени избори кои немаше да се распишат да не ги побараа пратениците на ДУИ во претходниот парламентарен состав.
Ваквата коалиција на лицемери, кои јавно глумат дека се скарани и дека се уценуваат едни со други, а во реалноста цело време ја играат играта заеднички и координирано, треба да се нарече коалицемерна влада.
Во театарот на апсурдот наречен „Република Македонија“ фарсата продолжува со истите актери. Само, со секој нов чин, се чини има сѐ помалку публика. Прво ќе си заминат оние што кога викаат „уа“ никој не ги слуша. Потоа ќе си заминат и другите, па ќе нема ни кој да ракоплеска, кога конечно ќе паднат маските, а завесата ќе се спушти.