Има ли пилот во авионов?

by Fokus

Нивото на созреаност како луѓе и политичари што управувале, управуваат или можеби во иднина ќе управуваат со државата ги покажуваат и своите постапки. Еден од тие избега од државата, другиот бега од кафeана, а сите заедно без исклучок бегаат од одговорност и од ветувањата што ги дале на изборите.

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Пред неполни пет години, под притисок на јавноста и меѓународниот фактор, а поради нефункционирање и партизираност на редовното обвинителство, се формираше Специјалното јавно обвинителство. Лидерите на четири политички партии едногласно ја избраа Катица Јанева за специјален јавен обвинител како најдобро кадровско решение. Јавноста во неа гледаше и ја доживуваше како спасител, кој ќе се справи со високиот криминал и корупција и човек што ќе ги разобличи и соголи јавните и државни функционери пред лицето на правдата и јавноста.

МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТ

Пет години подоцна, таа самата се најде пред лицето на правдата, се разобличи себеси и се соголи до долна облека на вештачењето во текот на постапката.
Четворицата лидери што ја предложија и избраа за специјален јавен обвинител не понесоа никаква одговорност што таков човек поставиле на такво место, дури ниту морална одговорност.

Но, со самото тоа и тие се соголеа и се разобличија и самите себеси. Ако изборот им бил сериозен и не знаеле каков човек поставуваат на такво место, тоа покажува дека не се кадарни да проценат и да го оценат карактерот и личноста на човекот што добива одговорна функција и огромна моќ, па се уште помалку кадарни да ја водат државата и да постават еден куп функционери, што се покажа како точно. Ако, пак, знаеле за тоа каква личност поставуваат за специјален јавен обвинител, кој треба да им служи како параван и жртвено јагне, а никој да не одговара и состојбата да остане иста, тоа веќе отвора други прашања и сомнежи, а полека почнува и се остварува.

Од неколкуте премиери што мораше да ги издржи и преживее оваа наша држава тројца дојдоа во судир со законот, еден беше аболициран, другиот избега и е азилант, а третиот треба да издржува затворска казна по правосилна пресуда. Истите тие луѓе беа, или се одговорни за државата, народните пари и иднината и животите на луѓето кои се триесет години во транзиција, сиромаштија и безнадежност. За разлика од народот, политичката елита и нивните полтрони, живеат на висока нога.

Од петте претседатели на нашата држава, ниту еден не успеа да се издигне и ослободи од партиските бои и од партиската припадност, едниот загина под сомнителни околности кои никогаш докрај не се разјаснија, едниот за малку ќе го изгубеше животот во атентат, кој до денес не е разјаснет и за кој никој не понесе одговорност. Од петте претседатели, тројца ја употребија аболицијата како правен инструмент и тоа за свои сопартијци, но петтиот е релативно тазе, па времето ќе покаже дали ќе ја употреби и тој оваа правна можност во политички цели.
Нивото на созреаност како луѓе и политичари што управувале, управуваат или можеби во иднина ќе управуваат со државата ги покажуваат и нивните постапки. Еден од тие избега од државата, другиот бега од кафeана, а сите заедно без исклучок бегаат од одговорност и од ветувањата што ги дале на изборите.

ШТО ПОКАЖА ИЗВЕШТАЈОТ НА ИРИ?

Еден дел од политичарите, и тоа на високи државни функции, се обидуваа едвај приучениот странски јазик да го применат на високи меѓудржавни средби или интервјуа, па едни се расфрлаа со падежи, други со сомнителни сексуални описи, трети со неточно употребени зборови, кои сосема го менуваа и значењето и суштината на кажаното и го покажуваа ниското ниво на образование, но сите заедно беа смешни и несериозни. Некои од политичарите не ја знаеја разликата меѓу некропола и метропола, некои меѓу стриминг (Streaming) и скрининг (screening), со што само направија скининг (skinning, соголување) на себеси и своето знаење, од што на луѓето им доаѓа да скриминг (Screaming , вриштење), и тоа гласно да вреснат – Има ли пилот во авионов во кој останавме.

А не останавме многу, особено не млади, кои повеќе не можеа да ја издржат безнадежноста и очајните состојби и заминаа во странство.

Состојбите во нашето општество ги отслика и најновиот извештај на ИРИ (Американскиот републикански институт) по спроведената анкета, којa немаа доблест да ја искоментираат ниту позицијата, ниту опозицијата, ниту средствата за јавно информирање, освен телевизија Телма.

Во Извештајот на ИРИ стои дека граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, и тоа високи 61 отсто, кои се прашуваат дали има пилот во авионот. Огромни 81 отсто сметаат дека младите немаат добра иднина во земјата. Најголема недоверба имаат граѓаните во судството 79 отсто, обвинителството 73 отсто, но ни политичките партии не заостануваат зад нив, ниту Собранието како гласачка машина на владата со 72 отсто недоверба.

Сево ова, но и многу други работи покажуваат дека е крајно време сите да се свестиме и да не дозволуваме да нè водат луѓе без идеја и компас и дека сè до појавувањето сериозна трета политичка опција, не треба да дозволиме никој да има апсолутна власт, која само ја злоупотребуваа.

Поврзани новости